СЗО: Напредува глобалната борба против тутунот

Јавните здравствени напори за ограничување на употребата на тутун ширум светот постигнуваат напредок, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) во новиот извештај објавен денеска, при што сѐ поголем број земји преземаат мерки против пушењето.

Сега 5,6 милијарди луѓе живеат во земји кои имаат имплементирано барем една од препорачаните мерки на СЗО за заштита на непушачите, се вели во најновиот извештај на групата за епидемијата на тутун, што го пренесуваат светските агенции.

Во речиси 40 проценти од земјите, затворените јавни простори сега се без чад. Организацијата сепак критикуваше некои земји што не преземаат дополнителни чекори за ограничување на употребата на тутун и спроведување на постоечките правила.

Според СЗО, повеќе од 8 милиони луѓе годишно умираат од пушење, повеќето од нив во земјите со низок и среден приход.

Според СЗО, чадот од тутун има големо влијание и врз непушачите. Организацијата припишува 1,2 милиони смртни случаи секоја година - вклучувајќи ја и смртта на 65.000 деца - на изложеност на пасивно пушење.

Луѓето кои се изложени на пасивно пушење се изложени на ризик од смрт, срцеви заболувања, мозочен удар, респираторни заболувања, дијабетес тип 2 и рак.

Ефективните мерки за спречување на пушењето ќе обезбедат помалку луѓе да заболат од рак, кардиоваскуларни болести или респираторни проблеми, кои се предизвикани од пушењето, рече Рудигер Крех, директор на СЗО за промоција на здравјето.

Извештајот го оценува напредокот на земјите во контролата на тутунот и покажува дека уште две земји, Маурициус и Холандија, постигнале највисоко ниво на имплементација на сите мерки на СЗО, подвиг што претходно го постигнаа само Бразил и Турција.

„Овие податоци покажуваат дека полека, но сигурно, сѐ повеќе луѓе се заштитуваат од штетите на тутунот користејќи мерки на СЗО засновани на докази“, рече д-р. Тедрос Аданом Гебрејезус, генерален директор на СЗО.

„Му честитам на Маурициус што стана првата земја во Африка и Холандија што стана првата во Европската унија што го спроведе целосниот пакет мерки за контрола на тутунот на СЗО на највисоко ниво. СЗО е подготвена да ги поддржи сите земји да го следат примерот и да го заштитат својот народ од ова смртоносно зло“.

Осум земји треба да спроведат само уште една мерка за да им се придружат на лидерите во контролата на тутунот: Етиопија, Иран, Ирска, Јордан, Мадагаскар, Мексико, Нов Зеланд и Шпанија. Во извештајот се наведува дека 53 земји се уште немаат целосна забрана за пушење во здравствените установи. Само околу половина од земјите имаат работни места во приватни компании и ресторани без чад.

„СЗО ги повикува сите земји да ги спроведат сите мерки на СЗО за борба против епидемијата на тутун, која убива 8,7 милиони луѓе ширум светот, и да се спротивстават на тутунската и никотинската индустрија, која лобира против овие мерки за јавно здравје“, рече д-р. Рудигер Креч, директор за промоција на здравјето на СЗО.

Калињак: Словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност

 Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.

Состојбата на Фицо се подобрува и вчера беше соопштено дека е стабилизирана, според министерката за здравство Зузана Долинкова.

Лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула. /МИА

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Унгарската полиција објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома.

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по прегласувањето во изборната единици 5 очекува обезбедување двотретинско мнозинство од 62 пратеника во Парламентот. 

Како што изјави денеска во своето обраќање во делчевското село Разловци, каде присуствуваше на одбележување на годишнината од Разловечкото востание, ова е историска можност за државата.

-Фокусирајќи се на народот, имаме навистина би рекол една историска можност како никогаш досега, во овие повеќе од три децении. Се уште имаме малку да ја завршиме задачата, на 22-ми мај ќе има прегласување во изборната единица 5, очекуваме уште еден пратеник таму и веќе на следното мое обраќање со вас со народот на Македонија да не кажувам за 61, туку да зборувам веќе за 62 пратеника, рече Мицкоски.

Следната цел, како што рече, е две третини во Парламентот. - Мислам дека и тоа многу скоро, денеска веќе, кон крајот на следната недела ќе можеме и тоа да го оствариме, со што ќе биде променет законот за организација на ресорите во самата Влада ќе добиеме нова структура на Влада, модерна Влада, влада којашто ќе одговара на потребите на граѓаните во Македонија, рече Мицкоски.

Потоа, како што додаде, ќе отпочне еден историски реформскиот процес кој што е досега невиден Македонија.

-Во првите 100 дена очекуваме исклучително добри вести за сите граѓани, во смисла на подобрување на стандардот, една финансиска бомба би рекол. Ние нема да се занимаваме, со политички бомби, со ниски страсти, со напади, ние планираме да работиме за подобрување на стандардот на граѓаните, тоа е нашата цел и планираме да го заслужиме нашето место во историјата, додаде Мицкоски.

Во рамки на посетата на Разловци, Мицкоски положи цвеќе пред спомен-плочата на Поп Стојан, еден од организаторите на Разловечкото востание.

притисни ентер