Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково

Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. 

Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.

„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.

Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.

„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.

Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВЛЕН на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат, соопштуваат од неговиот тим.

МОН: Се реконструира студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу во Скопје

Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, започнаа да се реализираат на терен. 

Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој на почетокот на годината МОН го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди.

Ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби.

Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Министерство за образование и наука

Турското ГП би можело да се врати во календарот на Формула 1 за две години

Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата повторно може да биде домаќин на трка во Формула 1. Според него, тоа ќе се случи во 2026 година.

Последен пат турско Гран при се одржа како дел од Светскиот шампионат во кружни трки во сезоната 2021 година.

- Тендерот за управување на патеката Формула 1 во Истанбул се одржа на почетокот на април и беше успешно завршен. Сега преминавме на втората фаза. Претходниот закупец мора да го ослободи просторот и да го предаде на победникот. По ова, процесот на склучување договор за одржување на Гран при во Истанбул од 2026 година ќе продолжи брзо, изјави Ерсој за „Milliyet“.

Се истакнува дека тендерот за изнајмување и контрола на објектот „Истанбул Парк“, во кој е вклучена и тркачката патека, се одржал на 2 април. Го освои Кан Билим Егитим Курумлар А.С., чиј партнер е шефот на управниот одбор на турскиот огранок на Пирели, Лале Џандер.

Првата етапа во Турција во рамките на Формула 1 се одржа во 2005 година. Во 2021 година се одржа од 8 до 10 октомври. Победи Валтери Ботас со Мерцедес, Макс Верстапен во Ред Бул беше втор, а Серхио Перез трет. /МИА

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

притисни ентер