По повиците на западните сојузници да се воздржи од ескалација, од средбата на воениот врв на Израел произлезе само порака дека одмазнички контраодговор ќе има, но прашање на време е кога и во каков обем ќе возврати на иранскиот напад, по кој, се нижат предупредувањата дека светот можеби е на раб на Трета Светска Војна.
-Иран, од почетокот на војната единствено што сака е да го ескалира регионот. Изминатите часови ние одобривме оперативни планови – и за офанзивни и за дефанзивни акции. , изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Воздржаноста на Израел, според аналитичарите се должи и на пораките на Вашингтон дека нема намера да учествува во какви било одмазнички напади против Иран и оти успехот на ракетната одбрана на Израел и сојузниците во саботата претставува победа сама по себе. Повици за воздржаност одекнаа и на синоќешната седница на Советот за безбедност, каде Техеран го бранеше како природно правото да возврати на неодамнешните израелски напади врз иранската амбасада во Сирија.
-Соочен со такви околности, Исламската република Иран немаше избор освен да го примени своето право на самоодбрана согласно меѓународното право. , изјави Амир Иравани, амбасадор на Иран во ОН.
-Помислете само на моментот што би се случило ако ајатолахот Хамнеи лансираше нуклеарна бомба минатата ноќ. Дали е ова светот во кој сакаме да живееме? Потребни се сите можни санкции кон Иран пред да биде предоцна. , изјави Гилад Ердан, амбасадор на Израел во ОН.
-Имаме споделена одговорност да работиме на мир. И регионалниот и глобалниот мир и безбедност се поткопуваат од час во час. Ниту регионот, ниту светот смеат да дозволат нови војни. , Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Иранскиот напад пред два дена ги разбранува духовите, но од друга страна, според најголем дел од аналитичарите, јасно сугерираше дека целта не беше да се нанесат значителни последици, туку да се обели образот на Техеран пред своите сојузници. Иран правовремено ги алармираше сите соседи, а неговите проектили со часови патуваа кон еврејската држава.
-Во која било воена операција вие не давате предупредување со денови однапред и не испраќате мали дронови кои бавно се движат, што му дава на вашиот непријател премногу време да се подготви. , изјави Алекс Ванка, Институт за Блискиот Исток во Вашингтон за „Ал Џезира“
Иран прв пат во историјата директно го нападна Израел од своја територија со околу 300 дронови, балистички и кростосувачки ракети, кои во 99 проценти беа соборени.