Тирана го презеде претседавањето со Б40, мрежа на градовите од Балканот

 Албанската метропола, Тирана, официјално го презеде претседавањето со најголемата мрежа на балкански градови Б40.

На самитот што се одржа во главниот град, на кој учествуваа градоначалници и делегации од 54 балкански градови, првиот човек на општина Тирана, Ерион Велиај рече дека сега е време за соработка како никогаш досега.

За градоначалникот Велиај, ова „ново украсување е важен настан за главниот град“.

-Б40 е најголемата мрежа на општини во нашиот регион. Станува збор за повеќе од 50 општини. Посветеноста на градовите е исто толку важна како онаа на државите. Третото претседавање е на Тирана и верувам дека ќе успееме на предизвикот што го имаме. Потребата да се учи еден од друг, потребата да се координираме за фондовите на ЕУ е неопходна, рекол Велиај за ABCNews.al.

Ја нагласил потребата од посебни средства со кои општините треба располагаат за справување со елементарните непогоди и додал дека треба да има солидарен фонд за сите општини од регион во случај на катастрофи.

Според него, големите градови треба да бидат во чекор со времето кога е во прашање новиот ветер на дигитализмот.

-Тирана не е најбогатиот град во регионот, но можам да кажам дека е еден од најсолидарните градови во регионот. Тоа е град кој одговара на потребите, со исто достоинство како што се справивме со пандемијата, земјотресот, веруваме во добрососедство. Друг предлог е да се подготвиме за новиот ветер на дигитализацијата, рече Велиај.

Б40 мрежата на градови од Балканот (B40 Balkan cities network) е формирана на Самитот одржан на 29 и 30 ноември 2021 година во Истанбул, Турција, додека вториот во Атина, Грција кон крајот на јануари минатата годна. Мрежата работи на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата на Балканот./МИА

„Букинг“ доби обврска да нуди поголем избор на сместувачки капацитети на туристите

- Врз основа на нашата одлука, Букинг.ком се приклучува на листата на платформи кои треба да се придржуваат до основни услуги на правилата на ДМА, изјави Вестагер. 

Европската комисија ја именува компанијата „Букинг“ за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари поради нејзината веб страница Букинг.ком, а во исто време реши да не им додели такви звања на „Икс“ и на „БајтДенс“ во однос на нивните платформи Икс Едс, односно ТикТак Едс. Дополнително, ЕК реши и да покрене пазарна истрага за утврдување дали платформата за социјална комуникација на „Икс“ ги исполнува условите за стекнување на ова звање.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одлуката за прогласување на „Букинг“ за „вратар“ е донесена врз основа на анализата која покажала дека нејзината платформа за резервирање објекти за сместување Букинг.ком претставува значајна врска меѓу бизнисите и потрошувачите во ЕУ и ги исполнува условите да го добие оваа звање врз основа на Законот за дигитални пазари (ДМА).

Од друга страна, ЕК заклучи дека иако услугите за онлајн рекламирање Икс Едс на „Икс“ и ТикТок Едс на „БајтДенс“ според ДМА ги исполнуваат квантитативните услови за именување за „вратари“, сепак тие не претставуваат важна врска меѓу бизнис секторот и корисниците, поради што реши да не им додели вакви звања на нивните компании сопственици.

Паралелно, Еврокомисијата започна пазарна истрага за понатамошна проценка на претходната одлука дека платформата Икс не ги исполнува условите врз основа на кои компанијата „Икс“ би била „вратар“. Имено, на 1 март ЕК реши дека платформата Икс ги исполнува квантитативните услови за доделување на „титулата“, но дека не се квалификува за неа како важна врска меѓу бизнисите и корисниците. Истрагата треба да заврши во рок од пет месеци.

Во реакција на овие одлуки, извршната потпретседателка на Еврокомисијата за конкурентност, Маргрете Вестагер, оцени дека таа претставува „добра вест“, бидејќи туристите ќе имаат корист од поголем избор на сместувачки капацитети, а хотелите ќе имаат повеќе деловни можности.

- Врз основа на нашата одлука, Букинг.ком се приклучува на листата на платформи кои треба да се придржуваат до основни услуги на правилата на ДМА, изјави Вестагер.

„Букинг“ сега има рок од шест месеци да се усогласи со обврските утврдени со Законот на дигитални пазари и да им понуди поголем избор и слобода на крајните корисници и фер пристап на деловните корисници до услугите на Букинг.ком.

Комисијата ќе го следи ефикасното спроведување и усогласување со овие обврски и во случај „Букинг“ да не ги почитува обврските утврдени со ДМА, може да и изрече казни до 10 отсто од вкупниот промет на компанијата на глобално ниво, а при повторување на прекршокот казната може да достигне и до 20 проценти. Во случај, пак, на систематски прекршоци, Комисијата има можност за преземање дополнителни правни лекови, кои вклучуваат и наредба на компанијата да го продаде својот бизнис или негови делови.

Законот за дигитални пазари (ДМА) има за цел да обезбеди конкурентни и фер пазари во дигиталниот сектор со тоа што им поставува правила и обврски на големите дигитални платформи кои обезбедуваат важна врска меѓу деловните корисници и потрошувачите, со цел да се спречи создавање „тесни грла“ во дигиталната економија.

Согласно ДМА, лани на 6 септември ЕК ги прогласи за „вратари“ компаниите „Алфабет“, „Амазон“, „БејтДенс“, „Епл“, „Мајкрософт“ и „Мета“ и тие мораа до 7 март годинава да се усогласат со законските правила. Дополнително, 29 минатиот месец, Комисијата дополнително го прогласи „Епл“ и за „вратар“ поради неговиот сајт за оперативни систем за таблети ајПадОС, кој има рок од шест месеци за усогласување со ДМА.

За неусогласеност со правилата на ДМА, ЕК на 25 март започна истрага против „Алфабает“ за начинот на управување со „Гугл Плеј“ и за самонаметнување на „Гугл Срч“, против „Епл“ за управувањето со „Епл Стори“ и „Сафари“, како и против „Мета“ заради моделот на плаќања.

Продолжува посетата на Вархеји на Србија

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ја продолжува тридневната посета на Србија, каде ќе има средби со високи претставници во Белград и ќе посети одредени институции во Нови Сад и Суботица.

Вархеји денеска ќе присуствува на потпишувањето на договорот за грантови донирани од Европската Унија за втората фаза од програмата „Обновливи извори на енергија - развој на пазарот на биомаса во Република Србија“ во Владата на Србија.

Тој ќе присуствува и на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за формирање на Советот на европските бизнис асоцијации и стопански комори во Србија.

Вархеји денеска во Белград одвоено ќе разговара со српскиот премиер Милош Вучевиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ како и со неколку други членови на Владата

Вархеји вчера имаше средба со претседателот Александар Вучиќ, по што изрази надеж дека Србија ќе стане членка на ЕУ пред крајот на мандатот на следната Европска комисија во 2029 година, пренесе Бета.

Вархеји утре ќе разговара со претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе има одвоени средби и со шефовите на пратеничките групи на владејачките и опозициските партии.

Од Србија, Вархеји заминува за Црна Гора, каде в четврток во Котор ќе учествува на самитот на лидерите од Западен Балкан и претставници на ЕУ и САД, на кој ќе се разгледува Планот за раст на Западен Балкан.

Патријархот Порфириј доби забрана за влез во Косово, остри реакции од Белград

Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово.

Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.

-Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.

Пеќката патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.

Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ, рече дека, согласно сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „спротивно на сите договори, (косовскиот премиер Албин) Курти негираше можност патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поддршка на својот народ и верници.

Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и вели „дека и самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.

-Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе, наведе Порфириј.

Косовското Министерство за надворешни работи потврди дека го одбило барањето на патријархот на СПЦ да ја посети Патријаршијата во Пеќ, пренесоа косовските медиуми.

Забраната на косовските власти на поглаварот на Српската православна црква предизвика бројни реакции во Белград, при што најчеста оценка е дека тоа е „срамен“ и „нецивилизиран чин“, и „уште еден во низата потези со кои официјална Приштина ја покажува својата позиција и нетрпеливост кон Србите и Белград“.

Српската православна црква ја оквалификува одлуката како - „неразумна“.

притисни ентер