Три лица под истрага за трговија со кокаин

По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера вечер донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

По неколку месечна соработка со Министерството за внатрешни работи и прибрани оперативни информации и сознанија по насока на јавен обвинител, во текот на вчерашниот ден беше спроведена акција во која тројцата осомничени се лишени од слобода и изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Јавното обвинителство.

Според првичните сознанија откако братот на еден од осомничените, кој живее во Швајцарија, набавил наркотична дрога – кокаин од страна на тројцата осомничени бил организиран транспорт на истата до Скопје. Еден од осомничените кон крајот на минатиот месец авионски отпатувал во Швајцарија од каде со возило „Сеат Леон“ во која била сокриена дрогата се упатил кон Република Македонија. Поради несогласувања со неидентификувано лице, осомничениот го оставил автомобилот на бензинска пумпа во близина на Бујановац, а другите двајца осомничени со друго возило дошле по него. При обид за влез во нашата држава, на граничниот премин Табановце, осомничените биле задржани и при претрес на возилото бил пронајден клучот од паркираното возило.

Во соработка со Вишото јавно обвинителство во Врање и српската полиција се преземени дејствија и при претрес на возилото, во делот под резервната гума, е пронајдена прашкаста материја со тежина од 901 грам која со прелиминарен тестер покажува дека се работи за наркотична дрога – кокаин. Доказите и вештачењето на дрогата во текот на вчерашниот ден се доставени до надлежниот обвинител од Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во понатамошниот тек на постапката соработката со органите на Република Србија ќе продолжи преку меѓународна правна помош.

Бајден настапи пред дипломците на Морхаус колеџот во Џорџија

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

Претседателот на САД, Џо Бајден во денешното обраќање пред дипломците во Морхаус, високообразовна установа од Џорџија каде мнозинството студенти се афроамериканци, прати пораки од неговата предизборна кампања за зацврстување на врските со младите од етничките малцинства.

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

- Сакам сите да запаметите, кога не избраа први ни велеа дека нема да направиме ништо значајно. Но ние направивме се. Благодарејќи вам … Мошне многу ценам што ми дадовте можност за повторен настап тука, изјави претседателот во обраќањето до дипломците на Морхаус.

Тој говореше и за својот соперник на претстојните избор – поранешниот претседател Доналд Трамп.

- На овие избори многу е ставено на коцка, мошне многу. Станува збор не за мене, туку за алтернативата … Работата е во тоа што тој (Трамп) изложи што имено планира да прави (ако биде избран). И републиканците во Претставничкиот дом ќе кажат и моите колеги ќе кажат, што тие имено ќе прават ако победат, рече Бајден.

Колеџот Морхаус е основан во 1867 година како машки колеџ за школување на црномурести кои скоро биле ослободени од ропство. Еден од они кои дипломирале тука е и Мартин Лутер Кинг помладиот.

Морхаоус е голем град во Џорџија со има значајна улога во претседателската трка во 2024 година. Бајден овде во 2020 година стана првиот кандидат за претседател од Демократската партија кој доби поддршка од оваа држава по Бил Клинтон во 1992 година.

Бајден денеска попладне патува во посета на Мичиген, каде ќе учествува на настан организиран од Детроитски фонд за борба за слобода. /МИА

Алкалоид го освои трофејот во ракометниот Куп на Македонија

Ракометарите на Алкалоид се победници во Купот на Македонија, откако вечерва во финалето одиграно во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го совладаа фаворитот Еурофарм Пелистер со 25:23 по изведувањето пенали.

Ова е прв трофеј во својата куса историја за младиот тим на Алкалоид кој на завршниот турнир ги совлада најголемите две имиња во македонскиот ракомет, Вардар и Еурофарм Пелистер.

Во финалето двете екипи во повеќе наврати се менуваа во водство, највисокото беше четири голови разлика, за на крај победникот да биде решен по пенал-рулетот во кој се истакна голманот на скопскиот тим Иван Галевски.

Токму Галевски беше прогласен за најдобар голман на завршниот турнир, наградата за најдобар стрелец отиде кај Богдан Радивојевиќ, а за МВП Филип Кузмановски (двајцата од Еурофарм Пелистер).

Претходно во текот на денот, во женското финале, Ѓорче Петров го победи Чаир со 36:24. /МИА

Курти ѝ се пожалил на американската државна потсекретарка за заканите од Србија кон Косово

Курти ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава.

Косовскиот премиер, Албин Курти на денешната средба со потсекретарката за јавна дипломатија на Стејт департментот на САД, Елизабет Ален, која престојува во Косово, ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, Курти на средбата со Ален рекол дека „авторот и водач на терористичката и паравоена српска група“, која го изврши нападот во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Милан Радоичиќ, сè уште е на слобода во Србија.

Косовскиот премиер изразил и жалење што барањето на Косово за членство во оваа институција не е ставено на агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа за 17 мај.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија и за процесот на дијалог со посредство на Европската унија. По ова прашање премиерот Курти ја истакна важноста од целосно и безусловно спроведување на основниот договор и неговиот анекс. Во однос на патот на Косово кон евроинтеграциите, премиерот Курти изрази жалење што Комитетот на министри на Советот на Европа одби да го вклучи Косово во агендата за гласање на 17 мај, со оглед на тоа што Косово ги исполни сите критериуми за членство“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Во текот на разговорот, Курти ја запознал Ален со „случувањата во земјата, напредокот во владеењето на правото, социјалните политики кои ги поддржуваат жените и децата, реформите во образованието со цел поврзување на образованието со пазарот на трудот, како и политиките и инвестициите во енергетиката“.

Курти изјави дека САД се сојузник и историски партнер на Косово и очекува зајакнување на меѓусебните односи во иднина, особено на полето на економијата и трговијата.

Пред да се сретне со Курти, американската дипломатка, Ален претпладнево се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на САД и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави. /МИА

притисни ентер