Учениците на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. 

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

- Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

ЕУРОРДИС: Европа се соочува со задоцнета дијагностика на ретки болести

Авторите на студијата посочуваат дека причините за подоцнежното дијагностицирање на одредена ретка болест првенствено се должи на системската неефикасност на здравствениот систем, а не на несовесноста или доцната реакција на пациентите. 

Просечната возраст на дијагностицирање на ретките болести во Европа е речиси на пет години и повеќето пациенти мора да чекаат и до девет месеци по првиот контакт со нивниот матичен лекар за добивање на дијагнозата, се наведува во студијата на невладината Европска алијанса на организации на пациенти со ретки болести (ЕУРОРДИС).

Студијата, објавена вчера во Европскиот билтен за хумана генетика, а по која ќе се расправа на Конференцијата за ретки болести што денеска и утре се одржува во Брисел, има за цел да ги утврди основните причини и далекусежните последици од доцното дијагностицирање на ретките болести во Европа.

Според расположливите податоци, речиси пет од 10.000 лица во Европа боледуваат од некоја ретка болест, со што овие заболувања колективно влијаат врз околу 30 милиони Европејци – пациенти и нивни блиски.

Авторите на студијата посочуваат дека причините за подоцнежното дијагностицирање на одредена ретка болест првенствено се должи на системската неефикасност на здравствениот систем, а не на несовесноста или доцната реакција на пациентите.

За надминување на ваквите проблеми и за забрзување на дијагностицирањето се предлага подобрување на пристапот до специјализираните центри за ретки болести и до националните и европските истражувачки мрежи. За побрзо откривање на ретките болести во 2017 година беа формирани 24 Европски истражувачки мрежи (ЕРН).

Во анализата се потенцира и дека иако 70 отсто од ретките болести започнуваат да се развиваат уште во детството, првите симптомите најчесто се манифестираат во периодот на адолесценција, возраст во која многу од младите ги одлагаат медицинските консултации, најчесто поради срам или страв дека би можеле да бидат сфатени несериозно од страна на здравствениот персонал.

На комплексноста на медицинското дијагностицирање укажува и фактот што иако пациентите често се консултираат со повеќе здравствени работници, барајќи повеќе мислења, во дури три четвртини од случаите најмалку еднаш добивале погрешна дијагноза. Како причина за ова се наведува и недоволната стручност на здравствените работници кога станува збор за ретките болести.

Во дури 90 отсто случаи во семејствата на пациентите нема позната историја на болеста, а како проблем се посочува и фактот што дури три четвртини од заболените се пожалиле на недоволна финансиска и психолошка поддршка.

Статистичките податоци укажуваат и дека жените се изложени на поголем ризик од доцно дијагностицирање на ретките болести, поради што, според авторите на студијата, потребни се и родово насочени политики.

Поради доцната дијагностика кај над половина од пациентите се јавува влошување на состојбата, а многумина од нив се соочуваат и со проблеми во добивањето бенефиции за социјална заштита, кредити или осигурување, како и со интеграција во општеството и работната средина.

За надминување на проблемот со доцната дијагностика, покрај полесниот пристап до специјализираните центри, во студијата се предлага и спроведување кампањи за подигање на свеста за дијагностицирање на ретките болести кај децата и адолесцентите, како и за посеопфатен скрининг на новороденчиња.

Колегите од Токсикологија во одбрана на доктор Беќаровски

-Никогаш не упатил навреди кон колегите Албанци!

По споделувањето на документ на социјалните мрежи со сериозни обвинивања против за доктор Нико Беќировски од страна на Министерството за здравство во кој стои дека докторот наводно ги навредувал вработените по национална основа, се огласи самиот доктор Беќаровски, а потоа и колегите од Клиниката кои имаат засновано работен однос на неопределено време со потпишана изјава со која ги демантираат наводите на колегите Албанци кои имаат истечени договори и не се повеќе вработени на Клиниката.

„Ние, Вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со Изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против албанци од Проф др Нико Беќаровски.

Најостро реагираме и ги демантирамо информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страни на Проф.др Нико Беќаровски не се упатени.

Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа“, стои во потпишаната изјава.

Драган Мијалковски ќе настапи на Свечена академија во Крива Паланка по повод 24 Мај

На годинашната Свечена академија по повод денот на Свети Јоаким Крчовски и 24 Мај , денот на Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Крива Паланка ќе настапи македонската музичка легенда, Драган Мијалковски.

-Свеченоста ќе понуди несекојдневна можност кривопаланечката публика да ужива во најпопуларните песни и евергрини на бардот на македонската музика, Драган Мијалковски. Свечената академија ќе се одржи на 23 мај 2024 година, четврток, во Национална установа Центар за култура Крива Паланка, со почеток во 19 часот. На Академијата ќе бидат прогласени најдобрите просветни работници од одделенска и предметна настава во општината за изминатата година, ќе се доделат признанија за најдобрите ученици на генерација, а присутните ќе имаат ексклузивна можност во живо да ги проследат незаборавните: „Кажи ми", „223-3О5", „Кажи нешто драга", „Гитаро моја" и бројни други незаборавни евергрини, за една незаборавна вечер за сите генерации, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Свечената академија се одржува секоја година традиционално, а годинава е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата". /МИА

притисни ентер