Украина ѝ одговори на Русија по распишаната потерница за Зеленски

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека издавањето налог за апсење од страна на Русија за претседателот Володимир Зеленски е „доказ за очајот на руската државна машинерија и пропаганда“, пренесува „Украинска правда“.

„Руските извештаи за наводното додавање на украинскиот претседател Володимир Зеленски на потерницата на руското МВР го покажуваат очајот на руската државна машинерија и пропаганда. Русите не знаат што друго да измислат за да привлечат внимание“, посочија Украинците. .

„Ги потсетуваме сите дека, за разлика од безвредните руски најави, налогот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на рускиот диктатор Владимир Путин под обвинение за воени злосторства е реален и спроведлив во 123 земји“, додаваат тие.

Русите не го прецизираа членот врз основа на кој е издаден налогот за апсење на украинскиот лидер. „Володимир Александрович Зеленски, 25 јануари 1978 година. Се бара според член од Кривичниот законик“, пишува во базата на податоци на веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи.

Базата на податоци го наведува и местото на раѓање на бараното лице, градот Криви Рих во регионот Дњепропетровск. Објавена е и фотографија од Зеленски, направена пред војната.

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управниот суд синоќа ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори 2024. 

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

Во поплавите во централен Авганистан загинаа најмалку 50 луѓе

Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите што го погодија централниот дел на Авганистан, соопштија локалните власти.

Претставникот на авганистанската провинција Гор, Мавлави Абдул Хаи Заем изјави дека сè уште нема податоци колку луѓе се повредени во надојдената вода.

Тој информираше дека во поплавите целосно се уништени 2.000 куќи, а двојно повеќе се делумно оштетени.

Под вода се над 2.000 продавници во главниот град на провинцијата Гор, Фероз Кох. /МИА

притисни ентер