Видео: Во руски ракатен напад урната ТВ кулата во украинскиот град Харков

Телевизиска кула, висока 240 метри, во украинскиот град Харков вчера се преполови и се урна на земја по рускиот ракетен напад врз телевизиската инфраструктура, соопштија локалните власти,.

Во прекин е емитувањето на ТВ сигналот во вториот по големина украински град, што во последните неколку недели беше цел на серија руски напади со ракети и беспилотни летала.

-Во моментов има прекин во дигиталниот телевизиски сигнал, изјави регионалниот гувернер Олех Синијехубов. Тој додаде дека нема жртви бидејќи работниците биле во засолниште.

На снимката од местото на настанот се гледа како главниот столб на кулата се крши и паѓа додека облак чад се крева на небото.

Од снимката не е јасно што ја погодило кулата, но властите во Харков рекоа дека Русија најверојатно во нападот користела крстосувачка ракета „Кх-59“.

Русија првпат ја нападна телевизиската кула во Харков на почетокот на март 2022 година, непосредно по почетокот на инвазијата врз Украина. Сигналот, и тогаш, беше во прекин. /МИА

Падна цената на златото, нафтата по долго време под 79 долари за барел

Европските и американските берзански индекси денеска се во пораст, цените на златото и пченицата паднаа, додека нафтата од типот „брент“ се продава за помалку од 84 долари за барел.

Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 9:15 часот порасна на 17.955,35 поени, лондонски FTSE 100 на 8.193,91 поени, француски CAC 40 на 7.945,20 поени, а московски MOEX на 3.446,04 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones се искачи на 38.225,66 поени, S&P 500 на 5.064,20 поени, а вредноста на Nasdaq индексот на 15.840,96 поени.

Според податоците од берзата, цената на суровата нафта паднала на 79.198 долари, а на нафтата од типот брент на 83.903 долари.

Европските фјучерси на гас се продаваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 30.900 евра за мегават-час.

Цената на златото падна на 2298,79 долари за унца, а на пченицата на 5,9581 долари за бушел (бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот изнесуваше 1,07296, што е приближно исто како вчера.

Агелер: Медиумите имаат клучна улога, особено во изборниот процес

На Денот на слободата на медиумите, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер порачува дека медиумите имаат клучна улога, особено сега во изборниот процес.  

- Денес е Светски ден на слободата на медумите, а изборите ја истакнуваат клучната улога што медиумите треба и мора да ја играат во текот на процесот. Слободен и жив печат кој ги испитува фактите, соопштува идеи и предлози до јавноста и ги притиска официјалните лица да ја објаснат својата позиција за прашања кои се важни за животите на граѓаните и за одредување на текот на државата, потенцира амбасадорката Агелер во објава на платформата X.

Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година во извештајот на „Репортери без граници“, што е за две места скок во однос на 38-то место лани. Од земјите во регионот, Северна Македонија е најдобро оценета, по што следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија (98) и Албанија (99).

- Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во оценката за земјава.

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод Светскиот ден на слободата на медиумите го поздрави растот кој го бележи земјата на согласно извештајот на „Репортери без граници” .

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод Светскиот ден на слободата на медиумите го поздрави растот кој го бележи земјата на согласно извештајот на „Репортери без граници” и позиционирањето на Македонија на 36-то место заедно со останатите развиени европски демократии.

„Денешниот Светски ден на слободата на медиумите го одбележуваме како земја која повторно постигнува раст во медиумската слобода. Ние денес сме на 36-то место и сме најдобро позиционирани во регионот, а и пошироко, согласно извештајот на “Репортери без граници”. Ова е директна потврда дека со СДСМ, Македонија чекори по вистинскиот пат, дека ние сме земја во која се почитуваат демократските и европските вредности.” - посочи претседателот Ковачевски во својот пост на социјалните мрежи.

Ковачевски воедно се заблагодари до новинарите и медиумските работници, за нивната посветена работа посочувајќи дека стекнатиот статус беше партнерска и заедничка заложба на СДСМ, граѓаните и медиумите, како и медиумските организации.

„Пред само седум години бевме сведоци дека загорзената слобода на медиумите е вратата кон автократско владеење. Тоа време не смееме да дозволиме да се врати.” - истакна Ковачевски.

Ковачевски истакна дека СДСМ е, секогаш била, е и ќе биде страната на медиумите, на страната на демократијата и го насочи вниманието на важноста на продолжувањето на процесот на евроинтеграции со цел обезбедување подобар квалитет, професионалност и заштита за медиумите и новинарите.

„Единствено со продолжувањето по европскиот пат, ќе се продолжи и подобрувањето на квалитетот, заштитата и професионалноста на медиумите и ќе се продлабочи нашата заедничка борба против дезинформациите.” - порача Ковачевски по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер