Власта и опозицијата едногласно против апанажа за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, осомничена во случајот „Рекет“. Пратениците на собраниската комисија за избори и именувања констатираа дека од формално правен аспект не постојат причини за прифаќање на барањето за апнажа бидејќи таа не е избрана од Собранието. И опозициските пратеници и оние од власта го изразија своето разочарување и дебатираа „дрскоста на Јанева да побара ваков надоместок од Парламентот, а претседателот на Комисијата Илија Димовски побара Јанева да проговори јавно и да каже кој бил сценарист за како што рече злоупотребата на СЈО.
Партиите постигнаа договор и за првиот човек на ревизорите и едногласно на собраниската комисија за избори и именувања го предложија Максим Ацевски за главен државен ревизор. Ацевски е дипломиран економист од Велес, кој во ДЗР е од 2001 година до денес, а честопати во медиумските настапи зборувал за потребата од зајакнување на капацитетите на заводот.
Во Собранието денеска не изостанаа ни меѓусебните критики меѓу ВМРО_ДПМНЕ и СДСМ овојпат за носењето на законите по скратена постапка до крајот на оваа година. Пратеникот Димовски од ВМРО_ДПМНЕ ја критикуваше власта дека со предлагање на многу закони, повеќето од кои се од областа на економијата, се обидува да врши уцени врз бизниси и да купува гласови пред парламентарните избори.
Пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири пак демантираше дека во Собранието се пристигнати повеќе закони по скратена постапка. Ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат Законот за одбрана, во кој се вградуваат принципите на колективна безбедност.
Меѓудругото, комисијата за избори и именувања за директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја преложи Пламенка Бојчева, а за нејзин заменик Блерим Исени., додека за директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци е предложен Имер Алиу, а за заменик директор Игор Кузески.