Тие порачаа дека доколку до 15 мај надлежните не преземат ништо во врска со нивните барања, ќе започнат со неколкучасовни протести низ целата држава, а доколку барањата целосно не им се исполнат, од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.
-Со оглед на тоа дека самите најавиле дека до формирање на нова Влада немаат во план да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто постои Управниот одбор, би било поетички да си отидат и да се изберат нов. После 31.05 немаме бод, немаме плата и не знаеме за што ќе работиме, така е нашиот Закон, така се пресметува платата,- Бранко Аџигогов – претседател на синдикална организација на ФЗО.
Аџигогов објаснува дека станува збор за усогласување на платите од 2400 денари за околу 800 вработени во Фондот. Претседателот на УПОЗ Трпе Дејаноски ги повика надлежните институции што поскоро да ги исполнат барањата на вработените, со оглед на тоа што штрајкот на ФЗО би ги ставил во неизвесност услугите на граѓаните како здравствени осигуреници, како и платите на вработените во јавното здравство.
-Да не дозволиме овие вработени позади нас да ги затворат вратите, бидејки ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од ФЗО, помагаме и работиме за најлошите случаи во државата,- Трпе Деаноски- претседател на УПОЗ.
Претходно, вработените во Фондот штрајкуваа три дена во февруари и работеа само на итни случаи. Штрајкот беше прекинат откако беше постигнат договор платите да се пресметуваат со истиот бод до крајот на мај, па најавата за штрајк доаѓа токму по истекот на овој договор.