Во Брисел е договорено дополнително финансирање за земјите од Западен Балкан на пат кон ЕУ

Европскиот Парламент и Советот на ЕУ денеска постигнаа политички договор за планот за дополнително финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската унија.

Во ноември минатата година, Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми, објави Индекс.

Пет месеци подоцна, европските институции постигнаа политички договор за инструмент кој треба да биде дополнителен поттик за земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Унијата. Средствата ќе им бидат исплатени дури откако ќе се спроведат реформите.

„Како ко-преговарач на ЕП за Планот за раст, го поздравувам договорот со Комисијата и Советот кој ќе обезбеди дополнително финансирање за Западен Балкан. Ја нагласуваме важноста на владеењето на правото, транспарентноста и реформите со цел да се донесат овие земјите, нашите партнери, поблиску до ЕУ“, објави европратеникот Тонино Пицула на платформата X.

Пицула беше ко-известувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а европратеникот Карло Реслер (ХДЗ/ЕПП) беше ко-известувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).

„Планот за раст од шест милијарди евра за сите шест земји е вистински политички поттик кон процесот на проширување и забрзување на структурните и институционалните реформи, вклучително и усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и визната политика. По историското отворање на пристапните преговори за Босна и Херцеговина, ова е уште еден важен инструмент што ќе ги приближи земјите од Западен Балкан до Европската Унија“, соопшти Реслер, соопштија од неговиот кабинет.

Овој договор го отвори патот за конечно усвојување на тој инструмент во Европскиот парламент на последната пленарна сесија во април во Стразбур.

„Им честитам на сите мои колеги во Европскиот парламент, како и на преговарачите од Советот и Комисијата за денешниот успешно завршен трилог. За рекордно кратко време успеавме да постигнеме договор и да обезбедиме усвојување на Инструментот пред крајот од сегашниот мандат“, рече европратеничката Жељана Зовко, која беше известувач во сенка на Европската народна партија, соопшти нејзиниот кабинет.

Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Македонија и Албанија официјално ги отворија пред две години, а лидерите на земјите-членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба во дом на Пелопонез

Државјанин на Македонија, кој издржувал затворска казна, но по добиената неколкудневна дозвола за излез пред три месеци, не се вратил во затвор, уапсен е во централниот дел на Пелопонез по извршена кражба во дом заедно со уште едно лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за 45-годишен маж со „богато“ криминално досие во Грција, а во грчките медиуми и во минатото се споменуваше, но и сега дека учествувал во киднапирањето на бродосопственикот Периклис Панагопулос, во јануари 2009 година.

Како што соопштија од грчката полиција, двајцата, сега веќе уапсени странски државјани, вчера наутро насилно влегле во дом во општина Триполи на Пелопонез, под закана со оружје (реплика) и нож и со употреба на сила нападнале три лица, ги врзале, одзеле поголем износ на пари и накит, а потоа побегнале.

Едниот веднаш бил уапсен, додека пак другиот успеал да побегне, но по организираната акција на полицијата бил пронајден во планинско подрачје.

Двајцата се товарат за учество во криминална организација, кражба, фалсификување, фалсификување потврди, за прекршување на законската регулатива за поседување оружје, додека пак 45-годишниот е обвинет и за бегство од затвор.

Уапсените се превезувале со изнајмен автомобил на кој му ставиле украдени регистарски таблици, а при претресот на возилото било откриено оружјето, како и фалсификувани лична карта и возачка дозвола изадени во Хрватска.

Кај двајцата биле пронајдени и украдените пари и накитот.

-Како што беше констатирано, уапсениот 45-годишен маж од 25 јануари 2024 година ги прекршил условите за дозволата за излез што му беше доделена од Управата за затворот, соопштија од грчката полиција.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, едниот уапсен е Албанец, а другиот, 45-годишниот е државјанин на Македонија, кој издржува затворска казна за кражби на банки во Грција, извршени пред над десет години, а неговото име се споменува и во киднапирањето на грчки бродосопственик пред 15 години.

Најмалку 31 загинат и 20 ранети во израелскиот напад врз бегалскиот камп Нусеират

Во израелскиот воздушен напад врз бегалскиот камп Нусеират во централниот дел на Појасот Газа загинаа најмалку 31 лице, а 20 се ранети, соопштија денеска болницата Ал Акса и очевидци. 

Во соопштението на Цивилната одбрана се вели дека „тимовите на цивилната одбрана пронашле 31 мртво лице и 20 ранети лица во куќа на семејството Хасан кое било цел на израелските окупаторски сили во кампот Нусејрат“, додавајќи дека потрагата по исчезнатите продолжува.

Очевидци изјавија дека нападот бил извршен околу 3 часот по локално време. Израелската војска соопшти дека го проверува извештајот.

Официјалната палестинска новинска агенција објави дека меѓу ранетите има неколку деца и дека спасувачките екипи трагаат по затрупаните луѓе во урнатините.

Израелската војска вели дека спроведува само целни операции. /МИА

притисни ентер