Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен кај Вејце

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце 2001 година денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден 2001 година. Организатор на денешниот настан е здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција-СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.

-Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики. Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек колку што имам информација барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во „Волци“ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата „Волци“ да направиме свечена манифестација каде што ќе го обележиме настанот, бидејќи 23 години никој ниту на централно, ниту на локално ниво не успеа да направи нешто, изјави Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

-Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин. Овие луѓе биле во легална институција, законски поставувале, го дале животот и мислам дека никој не треба да се навреди ако има какво било обележје во градот, дали име на школо, улица, објект, итн. Немавме никакви проблеми од граѓаните на зградата, бидејќи требаше да имаме нивна согласност. Тие сите и дуќаните и станарите апсолутно не правеа проблем, рекоа цртајте сè што мислите ако ова е во интерес на државата и на ликот на Бобан Трајковски, кажа Станковски.

На настанот присуствуваа членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили, кумановци. На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени. Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

„Еурактив“: Дијалогот Белград - Приштина ќе продолжи на есен

Дијалогот Белград – Приштина е закочен и ниту една страна не е подготвена да го спроведе Охридскиот договор во пресрет на смена на лидерите на ЕУ и избори во САД на крајот на годината, објави денеска бриселскиот портал „Еурактив“.

„Еурактив“ го пренесува мислењето на дипломатските претставници во ЕУ дека застојот во дијалогот ќе се премости дури доцна наесен, по изборите за Европскиот парламент, кога ќе се избира нова Европска комисија и ќе бидат сменети посредниците во дијалогот, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак.

Според дипломатите во Брисел дека Дијалогот е целосно запрен и нема изгледи за каква било средба на високо ниво, со очекувања (особено во Белград) дека промените на лидерите во ЕУ и американските избори ќе дадат нов поттик на преговорите меѓу Србија и Косово.

Во извештајот на бриселскиот портал се посочува дека „некоја надеж дека промените во институциите на ЕУ би можеле да го премостат ќор-сокакот со стимулациите кои функционираа во изминатите децении, а тоа се реалните изгледи за вклучување во ЕУ и финасиските стимулации на тој процес“.

„Еурактив“ ја наведува и оценката на професорот на Универзитетот во Грац, експерт за Балканот, Флоријан Бибер, дека „иако новите посредници имаат шанса да иницираат настани, има и големи структурни проблеми, како што е немањето убедливи изгледи за членство.

Во изминатиот период, претставниците на ЕУ се сè поразочарани и нетрпеливи поради недостатокот на напредок … ниту здружените напори на Брисел и Вашингтон не дадоа опипливи резултати … Ниту Приштина, ниту Белград не беа подготвени за договори, особено (српскиот претседател Александар) Вучиќ извесен период ја играше својата игра, бидејќи Белград се надева дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа, наведува „Еурактив“.

Бриселскиот портал исто така посочува дека косовскиот премиер Албин Курти цврсто се противи на спроведувањето на обврската за формирање Заедница на српски општини.

Амбасада на САД: Остануваме посветени на Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции

Соединетите американски држави остануваат цврсто посветени на договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Македонија.

Ова е одговорот од американската амбасада во земјава даден за „360 степени“ на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во собранието користеше само Македонија.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во европската унија“, велат од амбасадата на САД во земјава.

Кривична пријава против три лица од Тетово осомничени дека го оштетиле ФЗО за над 600 000 евра

 До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против три лица од Тетово, информира денеска МВР. 

Кривичната пријава против Д.Б. (45) од Тетово е поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Р.Б.(72) и А.Х.(40) од Тетово поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 во врска со кривичното дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ по член 275-в и „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Пријавениот Д.Б., во својство на вршител на должноста директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, на 22.02.2023 објавил повик за заинтересираност за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници. Во својство на потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, како сопственици на недвижен имот. Второпријавениот Р.Б. (татко на Д.Б.), ги контактирал М.С. и Ј.Б., кои имале дадено оглас за продажба на недвижен имот во Тетово, при што се договориле да ја продадат куќата за сума од 260.000 евра, но најпрвин да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот.

На 02.03.2023 помеѓу Фондот, застапуван од пријавениот Д.Б., од една страна и М.С. и Ј.Б., од друга страна, бил склучен договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1.890 евра месечно за времетрање на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453.600 евра. Истиот ден бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (сестра на Д.Б.). Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства кои што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп, ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б., бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор, имотот бил продаден на неговата ќерка.

Исто така, од страна на првопријавениот Д.Б., знаејќи дека ќе има потреба од реконструкција и адаптација на горенаведениот имот, на 30.01.2023 била донесена одлука за јавна набавка, по што била спроведена постапка за јавна набавка за тековно одржување во централа, филијали, деловници, пензионерски домови. На 17.03.2023, Фондот со економскиот оператор од Тетово склучил договор за јавна набавка, додека на 31.07.2023 бил потпишан и анекс договор, врз основа на кој биле исплатени вкупно 9.915.238 денари со вклучен ДДВ.

- Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој што е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот во вредност од 37.852.275 денари или 614.484 евра од Буџетот на РСМ, се вели во соопштението од МВР.

притисни ентер