Во Штип од утрово гласаат 208 болни и немоќни лица, а во Затвор-Штип 206 осуденици

Без проблеми се одвива гласањето на болните и немоќни лица во Општина Штип, информира денеска за МИА претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев.

Вкупно 208 болни и немоќни лица ќе го остварат своето право на глас на двојните избори, односно гласаат за вториот круг на претседателските избори и за парламентарните избори.

МИА беше на терен со членовите на Избирачкиот одбор 2282 во штипската населба Железничка. Претседателот на ИО 22 82, Марјан Арсов информира дека денеска своето право на глас го остварија три болни и немоќни лица. За утре им е подготвено избирачко место, кое ќе го отворат во 7 часот, а ќе го затворат во 19 часот.

-Согласно правилата од ДИК, имат право еднаш да пристапат и треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата вида на избори или само за едниот. Во зависност од нивната одлука така ќе се спроведе гласањето, односно ќе добијат едно или две гласачи ливчиња, изјави Марјан Арсов, претседател на ИМ 2282-Штип.

Во штипската приградска населба „Железника“ гласаа 76 годишната Слободанка Гошова и 81 годишната Митра Арсова. Велат дека секој треба да го искористи своето демократско право.

- Треба да се излезе на гласање, се знае гласање што е, треба да се излезе, изјави Митра Арсова.

Слободанка Гошева пак вели дека неколку години гласа во домашни услови и добро е што се овозможува на болните и немоќни лица да гласаат.

- Обавезно, обавезно треба да се гласа, посебно младите. Ние кога можевме дотерани одевме на гласање, бидејќи тоа е свечен чин, изјави Гошова.

Во 7 часот наутро беше отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор – Штип. Андријана Хаџи Николова, заменик претседател на Избирачки одбор вели дека гласањето се одвива без проблеми.

- Имаме 206 избирачи и во двата избирачки списоци, за претседателсио и за парламентарни избори и досега има излезено 71 гласач, вели Хаџи- Николова.

Излезност во Затвор Штип до 11 часот е скоро идентичен со првиот круг претседателски избори, односно, своето право на глас го искористиле 35 проценти од избирачите.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

Пронајдени мигранти од Ирак и Турција

Полициски службеници од ОВР Неготино пронашле тројца мигранти, двајца од Република Турција и еден од Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мигрантите се пронајдени рано утрово, во 02.15 часот, на автопатот А1 кај Неготино по што се предадени на Полициската станица за граничен надзор Михајлово за натамошна постапка.

Британскиот министер за надворешни работи, Камерон ќе ја посети Тирана

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, сега државен секретар за надворешни работи во Владата на премиерот Риши Сунак, во средината на идната недела се очекува да допатува во Тирана.

Дипломатски извори во Лондон и Тирана за Топ чанел изјавиле дека оваа посета на лордот Камерон се очекува да се случи на 22 мај, доколку нема промена на агендата во зависност од случувањата во Велика Британија.

-Во фокусот на посетата не е некое конкретно прашање, туку продолжување на британската поддршка за Албанија. Во Тирана се очекува лордот Камерон да ја оцени координацијата со Министерството за внатрешни работи во спречувањето на илегалната имиграција и соработката на СПАК со НЦА против организираниот криминал, додава телевизијата.

Според истиот извор, премиерот Еди Рама деновиве имал телефонски разговор со неговиот колега Риши Сунак, под притисок на јавното мислење и неговото внатре во Конзервативната партија за минување на Ла Манш со гумени чамци на илегални имигранти.

Во 2022 година со моторни чамци на британско тло пристигнале 13 илјади албански граѓани, оваа бројка е намалена за 90 отсто во текот на 2023 година кога заминале само 900, а во периодот јануари-април годинава само 20 албански граѓани. /МИА

притисни ентер