Волонтерите се лоцирани на на седум најфреквентни локации во Клиничкиот центар секој работен ден во периодот од 8:30 до 12 часот.
Оваа нивна активност е во рамки на проект кој се спроведува во соработка со Министерството за здравство и Црвениот Крст на Град Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека меѓу волонтерите има пензионирани медицински сестри, една докторка и млади кои ќе бидат распоредени на неколку места на клиниките за гинекологија, онкологија, Интерните клиники, Хирушките клиники, Детската клиника и Клиниката за инфективни болести.
– Тие ќе ги упатуваат пациентите согласно нивните потреби и се во континуирана комуникација со главните сестри на сите клиники. Овој проект значајно ќе го олесни движењето на пациентите низ Клиничкиот центар. Поефикасно ќе биде и упатвањето од една во друга клиника доколку за тоа има потреба. Се очекува да се вклучат и други волонтери, додаде Филипче.
Генралниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека ваквото упатување на пациентите функционира и во западните земји, конкретно во Норвешка. Посочи дека станува збор за проект кој таму функционира повеќе децении.
– Волонтерите беа на обука поврзана со основно познавање на Првата помош, комуникација и комуникациски техники и начин на давање Прва помош. Тие се соодветно опремени, носат униформи на Црвениот крст и нивната улога е да им олеснат на пациентите во упатувањето низ Клиничкиот центар. Дополнително се отпечатени флаери со мапите на клиниките, ќе бидат изработени и брошури на македонски, албански и на ромски јазики. Тоа ќе биде во функција на подобро информирање на пациентите, додаде Саити.
Со сите овие активности се презентира начин за поддршка и подобрување на моделот на здравствена заштита со кој се олеснува пристапот до болничките услуги, наведуваат од Министерството за здравство.