За неносење заштита на лице изминатото деноноќие регистрирани 585 прекршоци

Изминатото деноноќие полицијата регистрирала 585 прекршоци за неносење заштита на лице. На територијата на државата на 186 лица им се издадени решенија за изолација, а 52 потпишале изјави за самоизолација.

Како што соопшти МВР, при контролите не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук објави дека досега полициските службеници констатирале вкупно 4.694 прекршоци за неносење лична заштита на лицето.

Тој наведува и дека во државен карантин се спроведени 52 лица.

– Министерството за внатрешни работи во континуитет презема мерки за контрола на почитување на одлуките на Владата поврзани со справување со пандемијата од Ковид-19, посочува министерот Чулев во објавата./МИА

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години

Народната банка стана дел од Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), мрежа на централни банки и финансиски регулатори, чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. 

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју објавено на веб-страницата на Алијансата, посочува дека во изминатиот период, финансиската вклученост кај нас е значително зголемена, и тоа во различни демографски групи. Ова се должи на напорите и залагањата за олеснување на пристапот до финансиските услуги, како и за финансиска едукација на населението.

„Според последните податоци објавени од базата на Светската банка „Финдекс“, процентот на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка е зголемено од 74% во 2014 година на 85% во 2021 година. Според истите податоци, се забележува висок раст кај дигиталните плаќања, особено кај младите, на возраст од 15 до 24 години, каде што бројот на лицата кои направиле или примиле дигитално плаќање е зголемено за една третина од 2014 до 2021 година“, посочува гувернерката. Таа истакнува дека и покрај видливите подобрувања кај нас, сѐ уште постои јаз во споредба со развиените економии, како на пример со еврозоната, каде што процентот на возрасните со платежна сметка е речиси 100%. „Затоа, преку проактивен пристап придонесуваме за намалување на овој јаз. Преземаме различни мерки и политики за да ја поддржиме финансиската вклученост на различни маргинализирани групи, како жените, младите и повозрасните граѓани“, вели Ангеловска-Бежоска.

Во моментов се спроведува Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија (2021 − 2025 година), под водство на Народната банка, а во соработка со останатите финансиски регулатори. Меѓу значајните достигнувања се воспоставувањето рамка за соработка со засегнатите страни и усвојување повеќе стратешки документи, како што е Кодексот на добри практики за финансиска едукација. Во изминатите неколку години, Народната банка едуцира околу 22.000 лица од различни возрасни групи. Во рамките на централната банка беше основана и посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, заради поттикнување на вклученоста и заштитата при користењето на финансиските услуги. Преку усвојувањето на новата законодавна рамка во платежната сфера, исто така, беше зацврстена заштитата на правата на потрошувачите.

„Во иднина, нашите приоритети ќе бидат насочени кон натамошно зајакнување на регулативата и практиките за заштита на потрошувачките права, проширување на програмите за финансиска едукација кон различни целни групи и користење на дигиталните канали во прилог на едукативниот процес. На кус рок, ќе бидеме посветени на зајакнување на надзорот над банкарскиот систем, финансиската вклученост на лицата со посебни потреби, како и финансиската вклученост на жените претприемачи“, посочува гувернерката.

Членството во АФИ, поддржано од ЕФСЕ и ЕБОР, ќе придонесе кон целите на Народната банка за унапредување на финансиската вклученост и писменост, преку размена на искуства и соработка со другите централни банки и меѓународните чинители, соопштуваат од Банката.

ТИРЗ: продолжува растот на работни места – раст на извозот од 8%

Компаниите во ТИРЗ во април оствариле извоз од 300 милиони евра што е за 8% во однос на истиот месец лани и 21% повеќе во однос на април 2022 година. 

Редовната анализа на ТИРЗ покажува дека во првите четири месеци од годинава извозот од Зоните е над 1 милијарда и 120 милиони евра. Стабилен раст има и кај увозот кој во април е 270 милиони евра што е за 10% повисоко од април 2023, односно за 9% повисоко споредено со четвртиот месец во 2022 година. Заклучно со април вкупно увозот достигна над 1 милијарда евра.Поради ваквите економски движења има и позитивен сооднос на увозот и извоз од почеток на годината.

Исто така продолжува и трендот на пораст на работните места кој во моментов е близу 18.100. Ова е за 8% повеќе споредено со април минатата година, а 25% повеќе споредено со четвртиот месец во 2022 година. Во последниве седум години само во ТИРЗ се креирани близу 12.000 нови работни места споредено со речиси 6.300 до 2016 година. Просечната бруто плата заклучно со март надмина 1100 евра.

Овој тренд на економски движења во зоните е особено позитивен ако се земат в предвид негативните трендови во европската економија кои се главни извозни дестинации, како и тоа дека една од компаниите поминува низ процес на реструктурирање на сопственоста, што влијае врз бројките на извоз и увоз, но и покрај тоа е регистриран раст. Се очекува дека по успешното завршување на овој процес, компанијата ќе продолжи да придонесува како и во изминатиот период.

Позитивниот тренд на раст се очекува да продолжи и во следниот период поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само во последниве три години во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 1 милијарда евра кои креираат над 10.000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат.

САД: Можно е Израел да го прекршил меѓународното право со користење американско оружје

Администрацијата на американскиот претсдеател Џо Бајден синоќа објави дека Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право во Газа со користење на оружје што го набавил во САД.

Администрацијата на американскиот претсдеател Џо Бајден синоќа објави дека Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право во Газа со користење на оружје што го набавил во САД, но дека условите на војната ги спречиле американските власти со сигурност да го утврдат тоа.

Наодите на американската администрација за „разумни докази“ кои би можеле да доведат до заклучок дека нејзиниот сојузник го прекршил меѓународното право во начинот на кој се води војната, беа објавени во збирниот извештај доставен до Конгресот вчера и претставуваат досега најсилна таква изјава на администрацијата на Бајден, пренесува Бета.

Оградувањето дека не можело веднаш конкретно да се потврди користење такво американско оружје од страна на израелските сили во Газа може да ѝ даде маневарски простор на американската влада а секоја идна одлука дали да го ограничи снабдувањето на Израел со офанзивно оружје.

Наодите на администрацијата во Вашингтон, што е прва проценка од ваков вид што ја побараа Демократите на Бајден во Конгресот, следуваат по седуммесечните израелски воздушни напади, копнени борби и рестрикции во испраќање на помош во Газа, каде што загинаа речиси 35.000 Палестинци.

Бајден е на удар поради поддршката на војната на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху против Хамас. Тој се соочува со растечки гнев дома и во странство поради зголемениот број загинати Палестинци и заканата од глад во Газа, предизвикани во голем дел од израелските ограничувања за доставување на храна и помош во палестинската енклава.

Американскиот претседател е во последните месеци од кампањата за реизбор против републиканецот Доналд Трамп. Тој се соочува со барања од многу демократи да го прекине снабдувањето со офанзивно оружје за Израел, но и обвинувања од републиканците дека ја ослабува поддршката за Израел во време кога тоа му е најпотребно.

притисни ентер