Зеленски: На Украина и требаат најмалку седум ПВО системи „Патриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ги повика украинските партнери да не губат време за да испратат „одлучен сигнал“ до Русија.

Секако, им благодарам на сите партнери кои веќе ни помогнаа со испраќање на системи за противвоздушна одбрана, од кои секој е неопходен за заштита на човечки животи. Важно е сите нови договори со партнерите за зајакнување на нашата противвоздушна одбрана, која веќе постои, да профункционираат што побрзо. На Украина и требаат седум системи за противвоздушна одбрана, тоа е минимумот, рече Зеленски, пренесува „Украинска правда“.

„Не смееме да губиме време, треба да испратиме одлучувачки сигнал“, рече Зеленски и посочи дека за време на вчерашниот масивен руски ракетен напад со 34 проектили, „непријателот таргетирал различни објекти на енергетската инфраструктура - објекти за транзит на гас и објекти од електроенергетскиот систем".

Тој додаде дека, меѓу другото, безбедноста на снабдувањето на Европската Унија зависи од овие транзитни капацитети на гас.

По пет дена е спасен човек под урнатините на зграда во ЈАР: Ова е чудо (ВИДЕО)

Човек е спасен од урнатините пет дена по уривањето на зграда во Јужна Африка, а премиерот на Западен Кејп Алан Винде рече дека тоа не е ништо помалку од чудо.

Во понеделникот се урна петкатна зграда во градот Џорџ, источно од Кејптаун.

Во официјалното соопштение се наведува дека таму во моментот имало 81 лице и дека досега е потврдена смртта на 13 лица, од кои 29 го преживеале колапсот, а 39 од нив се уште се сметаат за исчезнати. Во објава на Х денес, Винде напиша дека преживеан маж е успешно извлечен од урнатините по 116 часа.

Со цел да се обидат да стигнат до сите жртви кои останале заробени во урнатините, спасувачите во понеделникот употребија кранови, дупчалки и голи раце за да се обидат да ги спасат. Спасувачките операции продолжуваат.

Силен земјотрес го погоди Азербејџан, засега нема извештаи за жртви или штета

Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Азербејџан, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки институт (EMSC).

Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, додава EMSC.

Епицентарот на земјотресот се случил на 19 километри североисточно од градот Ланкаран, кој има околу 210.000 жители.

Засега нема информации за евентуална материјална штета.

Стотици луѓе во бегство по ненадејниот прекуграничен руски напад на Украина

Ненадејниот прекуграничен руски напад на копнените сили во североисточна Украина предизвика евакуација на речиси 1.800 луѓе од Харковската област, изјави регионалниот гувернер.

Тешките борби продолжија во пограничната област по вчерашниот ненадеен упад на руските сили. Украина, да потсетиме, веќе некое време ја очекува руската летна офанзива. Едно од сценаријата е можен обид да се заземе Харков, вториот по големина град во Украина, каде што живеат повеќе од милион луѓе и по две години војна.

Но, Украина инсистира на тоа дека нејзините сили се способни да одолеат на секој напад, вклучувајќи го и последниот руски упад во регионот Харков. Денеска Русија објави дека освоила пет села во близина на градот Вовчанск во најновата офанзива. Би-Би-Си не можеше независно да го потврди тврдењето.

Се уште не е јасно до каде ќе напредуваат Русите, односно дали се работи за пробен напад чија цел е тестирање на украинските одбранбени линии или почеток на нешто поголемо.

Украинската артилерија засега возвраќа. Насилната размена на оган гласно одекнува низ улиците оштетени од бомбите.

Вкупно 1.775 луѓе се евакуирани, соопшти регионалниот лидер во Харков, Олех Синехубов на социјалните мрежи. Уште стотина луѓе останаа во Вовчанск, кој е на само 6 километри од руската граница.

Серхиј, жител на Вовчанск, изјави за Би-Би-Си дека неговата куќа и возилата биле уништени од руска бомба. Неговата сопруга била итно пренесена во болница со тешки повреди. Серхиј рече дека не сакал да замине бидејќи се плаши што може да се случи со нивните четири кози.

Додека репортерите на Би-Би-Си ја гледаа штетата, се слуша свиреж на бомби фрлени од руски авиони, а потоа земјата била потресена од силните удари од експлозијата.

Руските воздухопловни сили имаат сè поубиствен ефект, а Украина засега нема одговор. Украинските власти велат дека Русија има доволно ресурси да ја влоши ситуацијата во пограничните области, но не и да го освои градот Харков.

Според Би-Би-Си, извештаите од Русија сугерираат дека Москва се надева дека ќе создаде тампон зона од 10 километри меѓу Украина и нејзиниот регион Белгород за да ги отежни прекуграничните упади за проукраинските партизани.

Вчера, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, изјави за новинарите дека Русија „ќе направи дополнителен напредок во наредните недели во обид да воспостави тампон зона долж украинската граница“.

Москва се обиде да го искористи одложеното пристигнување на американското оружје со насилна офанзива во источниот регион Доњецк. Тежината на борбите на североистокот дополнително се илустрира со растечките амбиции на Русија, заклучува Би-Би-Си во својот извештај од регионот Харков.

притисни ентер