Земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтеровата скала го погоди југозападниот дел на Јапонија

Земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала ги погоди островите Огасавара во југозападна Јапонија.

Според соопштението на Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА), земјотресот се случил во 17:36 часот по локално време. Потресот е регистриран на длабочина од 540 километри.

Островите Огасавара, локално познати како „Острови Бонин“, се наоѓаат на 1.000 километри југоисточно од Токио, главниот град на Јапонија, и 1.600 километри северозападно од островот Гуам во западниот Пацифик.

Разочараност во СДСМ по изборните резултати, паднаа и првите оставки

Разочарување и незадоволство од изборните резултати владееше на Бихаќка. Во седиштето на СДСМ тишина, која повремено ја нарушуваше џагорот од медиумските екипи, кои на моменти беа најбројни во салата. 

Надвор, малкумина поддржувачи, членови и симпатизери ги чекаа резултатите од двојните избори.

На СДСМ му е зададен тежок удар... Емотивно, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски го призна тешкиот изборен пораз. Тага и емоции беа видливи на лицата и на неговите партиски колеги и коалициски партнери. Сепак, Ковачевски не спомена оставка, но најави длабоки кадровски промени и избор на нов претседател.

-СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре да размили што направивме и кои се резулатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа, затоа повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот, раководството, па до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата, изјави Ковачевски.

Но, дел од партиските функционери не го чекаа отчетниот Конгрес и ги најавија своите оставки. Повлекување од потпретседателите места објавија Фатмир Битиќи и Перо Костадинов. Битиќи побара неговиот пример да го следи и целото раководство, од првиот до последниот.

Половина час пред прес-конференцијата на Ковачевски на Бихаќка, Стево Пендаровски се обрати од друг изборен штаб во хотелот „Александар Палас“. Им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и на неговата противкандидатка Сиљановска. Одговорност за изборните резултати лоцира и кај СДСМ и Коалицијата, но најголемо разочарување, како што рече, бил организираниот бојкот на вториот круг од ДУИ, но и од албанската опозиција.

-Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои со теснопартиски или лични интереси денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани на плански, на систематски, на организиран начин да земат второ ливче. Убеден сум дека оние 330.000 гласови кои отпаднаа во првиот круг се поблиску до мојот концепт отколку до концептот на противкандидатката. Од за мене непознати причини, направија таква калкулација, ги попречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени многу над стотици илјади гласови трката ќе беше далеку понеизвесна – рече Пендаровски.

СДСМ на вчерашните парламентарни избори го доживеа најтешкиот пораз од независноста. По седум години власт стана третопласирана политичка сила, зад ДУИ. Освоените 153 илјади гласови се убедливо најслаб резултат за СДСМ, за разлика од 2002-та кога освоија безмалку половина милион гласови. До вчера, најслабиот резултат беше во 2006 година, на чело со тогашниот премиер Владо Бучковски со освоени 218.463 гласови.

Владина делегација положи цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, во чест на 9 Мај

Делегација на Владата предводена од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, денеска положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел .

Делегација на Владата предводена од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, заедно со заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, денеска положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и им оддадоа почит на хероите кои што учествуваа во антифашистичката борба и на нивните дела, соопштуваат од Владата.

Мицкоски: Историска победа на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ одат во опозиција

По речиси седум години во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ја слави убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори со нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова. 

Синоќа на само неколку часа по затворање на гласачките кутии, централното седиште на партијата почна да се полни. Покрај бројните домашни и регионални медиуми, дојдоа и раководството и најгласните членови и симпатизери кои во прес салата со песна го дочекаа партискиот претседател Мицкоски.

Македонија не и припаѓа на ниту една партија, криминалот е поразен, сега следува работа без еуфорија и ароганција- изјави Мицкоски, кој е уверен дека во најбрз можен рок ќе биде формирана новата влада. Кажа дека раговарал со лидерите од албанската опозиција, а како иден мандатар остави подотворена врата и за другите партии.

-Овој народ денеска ги порази сите милевци, артановци, алиевци, кои го погазуваа сите овие години и си ја вратија повторно Македонија. Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Ние имаме намера со сите опозициски партии кои настапија на изборите да разговараме и да видиме што е тоа што би можело да е точка на поврзување.. Тоа не значи дека сите тие би биле дел од идната Влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ,- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ .

Покрај нова влада, Македонија ќе добие и прва жена претседателка. Гордана Силјановска Давкова со над 560 илјади гласови на нејзиното конто, го сруши рекордот на досега одржаните претседателски избори. На прес конференцијата рече дека е среќна што граѓаните не потклекнале на бојкотот и вети дека во иднина нејзината врата ќе биде отворена за сите.

-Мојата најголема честитка е до граѓаните, искрено си се прашувам со што ја заслужив оваа чест? Јас знам дека се подготвував, се посветив на кампањата и го зборував тоа што го мислам, но наградата е непроценлива за мене. Граѓаните покажаа граѓански имунитет, отпорност на притисоците. Да повикувате на бојкот е партиски политички притисок,- Гордана Силјановска Давкова .

Ден по изборите, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека резултатите ја покажале волјата на народот. Да се испратат во опозиција СДСМ и ДУИ, да има одговорност и да се реформираат, изјави потпретседателот на партијата Муцунски.

-ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доби трипати повеќе мандати од СДСМ, или ако сакате повеќе од ДУИ и СДСМ заедно на овие избори, со што народот јасно покажа дека овие две партии треба да завршат во опозиција,- Тимчо Муцунски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Партискиот врв веќе одржал и состанок на кој ги поставиле контурите за градење на идната коалиција. Отаму соопштија дека во фокусот ќе бидат луѓето, економски силна држава преку реформи за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата, реализација на стратешкиот интерес за евроинтеграции преку дијалог и принципи..

притисни ентер