Жбогар: Останувам оптимист за целосно спроведување на договорот од Преспа

 За да се постигне договорот од Преспа беа потребни решителност, посветеност и лидерство од двете страни.

И тоа го видовме со потпишувањето, преку процесот на ратификација во Собранието, а јас сум оптимист дека тоа ќе го видиме и во Грчкиот парламент многу брзо. Останувам оптимист и гледам посветеност кај двете страни целосно да го спроведат договорот, истакнува евроамбасадорот Самуел Жбогар во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Договорот од Преспа, како што посочува Жбогар, е вистинско достигнување.

-Беше тежок, болен процес, но нашите лидери во Европа, земјите-членки на Унијата го препознаа тоа. Тие го ценат договорот и тоа што тој значи за двете земји, за регионот. Тие ги пофалија лидерите на двете земји за овој договор и прилично сум сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање на преговори, истакнува тој.

Во интервјуто Жбогар посочува дека размислува оптимистички и на позитивни решенија.

-Не мислам дека треба да размислуваме за негативни сценарија, туку треба да ја фокусираме целата енергија на исполнување на реформите. Знаете, да се постигне Преспанскиот договор, да се ратификува, да се смени Уставот, тоа бара многу посветеност, решителност, сила и самодоверба како нација. Само треба да го искористите истото во спроведување на реформите. Ако ја видиме истата искрена посветеност кај реформите, не мислам дека треба да се грижите за тоа што ќе се случи во јуни, потенцира евроамбасадорот Жбогар.

Во врска со реформите во правосудството тој вели дека допрва треба да ги видиме вистинските промени во судството.

-А вистинските промени би значеле дека судството е целосно независно, отпорно на влијанија од политиката, дека е имуно на самоцензура, дека е професионално, ефикасно, искрено, дека има доверба кај граѓаните, а тоа допрва треба да се постигне, се работи за процес, но со вистинска посветеност и решителност од страна на политичарите и пред се од самото судството, мислам дека е достижно, додава Жбогар.

На прашање за Законот за употребата на јазиците, Жбогар вели дека Уставот и законите се многу јасни во однос на надлежностите на властите кои се однесуваат на усвојување, објавување и прогласување на законите.

-Не е до нас да оценуваме. Мислам дека Уставниот суд е единствениот кој може да оцени како Уставот се спроведува или дали правилно се спроведува…., истакнува евроамбасадорот Жбогар.

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

Мицкоски од Тетово: Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста

 Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија.

„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.

„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.

„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.

притисни ентер