359
0
Холанѓаните ни го откриваат патот – Виа Игнација
Холанѓаните ни ги откриваат убавините на римскиот пат Виа Игнација. Формирале фондација во Холандија, во Албанија деновиве зеле магариња и го започнале патешествието кое ќе го завршат во Истанбул во Турција. Групата авантуристи од повеќе земји од светот, во која има и 70-годишници, завчера на граничниот премин Ќафасан влегоа во Македонија, а денеска се одмораат во Охрид. Очекуваат покрај холандската амбасадорка во Македонија Симоне Филипини, да им се придружат поголем број македонски граѓани. - Идејата е извонредна и важно е што се случува во 21 век. Тоа повторно ќе ја исполнува истата цел, повторно ќе ги поврзува луѓето кои живеат во близина на патот. Знаеме дека меѓу овие земји има многу проблеми и делби и сметаме дека со неговото отворање ќе се врати поранешната економска и културна соработка, вели амбасадорката на Холандија во Македонија, Симоне Филипини. Холандската фондација Виа Игнација е формирана во 2007 година. Целта им е стариот римски пат, како некогаш, да биде прооден во сите земји каде поминува и одново да ги поврзува луѓето и културите. - Сакаме на овој римски пат да му дадеме нов живот и да го искористиме минатото за иднината, за добробит на луѓето што живеат долж патот, вели Мариета вон Атекун од фондацијата Виа Игнација. Првата етапа од 800 километри е до Лерин Грција, а потоа авантуристите продолжуваат за Истанбул, патешествие долго 1. 500 километри. На средбите ни порачаа дека не сме свесни за значењето на овој пат за развој на туризмот, но не опоменаа за да го промовираат како нова неоткриена дестинација, треба да се исчисти околината од цврст отпад што го има на секој чекор.
09.05.2009, 17:05