ЕХФ ја одби жалбата на Начевски на двегодишната суспензија

Начевски беше суспендиран во мај лани откако данската телевизија ТВ2 достави до ЕХФ „аудио и видеозаписи“ за негова наводна вмешаност во нелегални активности поврзани со местење натпревари.

Ракометниот суд на ЕХФ ја одби денеска жалбата на Драган Начевски и ја потврди двегодишната суспензија за поранешниот македонски судија и долгогодишен претседател на европската Судиска комисија, поради непријавување обид за поткуп за местење натпревари.

Начевски беше суспендиран во мај лани откако данската телевизија ТВ2 достави до ЕХФ „аудио и видеозаписи“ за негова наводна вмешаност во нелегални активности поврзани со местење натпревари.

Според информациите доставени од данскиот медиум, Начевски во јануари 2020 година одржал средба со наводен бизнисмен, кој го убедувал дека може да внесе кинески ракометен тим во регионалната СЕХА лига. Според истиот извор, на средбата станало збор и за „местење натпревари“.

При изрекувањето на суспензијата лани, ЕХФ наведе дека на овој состанок „Начевски повеќе пати одбил понуда да соработува во местење натпревари, но според доставените изјави од средбата, не се оградил во целост и со тоа испратил погрешен сигнал во контекст на својата функција“.

„Оваа одлука се однесува само на повреди во врска со непријавување. Сè уште се во тек правните процедури и истраги за недостаток на интегритет и неправилности поврзани со обложување“, се прецизира во денешното соопштение на ЕХФ, која на Начевски му изрече и парична казна во износ од 5.000 евра.

Трамп планира да испрати тимови убијци во Мексико за да ликвидираат лидери на нарко картели

Доналд Трамп, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, наводно планира да испрати тимови убијци за да ги елиминираат водачите на нарко картелите во соседно Мексико.

Како што пренесува угледниот магазин „Ролинг Стоун“, повикувајќи се на три различни извори, Трамп овие планови ги претставил во разговор со своите најблиски соработници.

Тој не прецизира детали за тоа како има намера да испрати американски војници на територијата на соседна суверена држава за да ги елиминираат водачите на нарко картелите, ниту колку ќе ги има. Трамп ја изнел оваа идеја во разговор со најмалку еден конгресмен од Републиканската партија. Наводно, распоредувањето на американските специјални сили ќе се изврши со или без согласност на властите во Мексико Сити.

Во некои од овие дискусии, Трамп инсистирал на тоа дека американската војска има „потешки убијци од нив“ и се запрашал зошто овие мисии за убиства не биле извршени порано, тврдејќи дека елиминирањето на шефовите на нарко-картелите во голема мера ќе ги искомплицира нивните операции и ќе предизвика страв во нивните срца. Всушност, верзии на оваа стратегија навистина биле испробани претходно во долготрајната меѓународна војна против дрогата, вклучително и во Мексико, каде тамошната влада поддржана од САД посвети значителни ресурси за ликвидација што е можно повеќе шефови на нарко картелите, но тоа не успеало.

За време на некои од овие разговори, Трамп ги споредил предлозите со воен напад во 2019 година што тој го наредил, со цел да се убие лидерот на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади. Трамп инсистирал на тоа дека САД треба да му пристапат на раководството на нарко картелот на ист начин.

Еден од изворите, кој разговарал за ова прашање со Трамп претходно оваа година, потсетува дека поранешниот претседател рекол дека американската влада треба да има „список на убијци на нарко босовите“, во кој ќе бидат вклучени најмоќните и најозлогласените картели и нивните водачи и дека задачата на американските специјални сили треба да биде нивна ликвидација или заробување за време на владеењето на втората администрација на Трамп.

Профитот на Тојота во фискалната 2023. од 29,6 милијарди евра ги собори сите рекорди

Јапонската компанија Toyota Motors денеска објави дека нејзината добивка во фискалната година која заврши на 31 март се удвоила на рекордни 4,94 милијарди јапонски јени или околу 29,6 милијарди евра.

Во истиот период, приходите на Тојота исто така собориле рекорд, бидејќи пораснале за 21,4 отсто на годишно ниво на 270,4 милијарди евра.

Фирмата, исто така, имала корист од падот на јапонската валута во однос на американскиот долар.

Јапонската компанија најави зголемување на инвестициите во развојот на електрични возила (EV) и технологија за вештачка интелигенција (AI), па очекува пад на профитот од 27,8 отсто во тековната фискална година, пренесува агенцијата Kyodo.

Продажбата на возила „Тојота“ ширум светот во изминатата фискална година се зголемила за пет отсто на 11,09 милиони автомобили, пред сѐ поради растот на побарувачката за хибридни возила.

Најголем раст на продажбата е забележан во Северна Америка, за 17 отсто на 2,82 милиони возила, а во Европа продажбата е зголемена за 15,7 отсто на 1,19 милиони автомобили.

Toyota Motors планира да продаде 10,95 милиони возила ширум светот во тековната фискална година, што е за 1,3 отсто помалку од претходната година.

Четири европски земји наскори би можеле да ја признаат Палестина

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат да признаат палестинска држава на 21 мај, објави ирската државна телевизија.

RTE News синоќа објави дека се интензивираат разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијалното заедничко признавање на палестинската државност.

Ирската телевизија тврди дека тие земји чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај, што може да резултира со отворање на патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничката изјава на 22 март соопштија дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на палестинските права. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот поради големиот број цивили убиени во израелската офанзива на Газа.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

притисни ентер