Еве како нередот дома влијае врз вашето ментално здравје!

Истражувањата покажале дека постои поврзаност помеѓу вишокот работи во животниот простор и менталното здравје.

Организирањето и чистењето на животниот простор може да ви го поправи расположението и да ја поттикне вашата продуктивност.

Нашето ментално здравје може да биде под влијание на многу надворешни фактори како климатските промени, ескалацијата на глобалното насилство, пандемиите... Експертите тврдат дека лошите вести предизвикуваат чувство на немоќ, но и дека средувањето на нередот во домот може позитивно да влијае врз нашето ментално здравје.

Нередот во домот може да биде одраз на нашата лоша ментална состојба и негативно да влијае на нашата меморија. Нередот може да доведе и до лоши навики во исхраната, да го зголеми ризикот од развој на нарушувања во расположението, да го попречува фокусирањето и носењето одлуки, пренесува studyfinds.org.

Истражувањата покажуваат дека нередот во нашиот животен простор негативно влијае на нашата креативност, ја намалува продуктивноста и ни ја црпи енергијата.

Нередот ја отежнува комуникацијата и може да ги наруши меѓучовечките односи. Ако просторот во кој живеат луѓето е натрпан со непотребни работи, тие доведуваат до расејување на вниманието и ги попречуваат емоциите. Научниците животниот простор го споредија со „психолошкиот дом“, посочувајќи дека просторот во кој живееме треба да се доживува како место на безбедност и удобност.

Реорганизацијата на нередот и хаосот во домот има позитивно влијание врз менталното здравје, дури и повеќе отколку што мислиме. А, ова се придобивките што може да ги донесе:

- го подигнува расположението - го опушта умот

- го подобрува физичкото здравје и навиките во исхраната

- ја зголемува продуктивноста

- ја ублажува анксиозноста

- го подобрува сонот и може позитивно да влијае на нашите односи со другите

Како да се организирате?

Експертите истакнуваат дека е доволен и мал чекор, на пример, можете да почнете со организирање на фиоките и полиците. Размислете колку е добро да имате организиран простор и за каква подобра цел може да послужи. Освен тоа, реорганизирајте ги предметите во четири групи: за чување, за фрлање, за донирање и за преместување. Покрај чистењето на куќата, направете и дигитално чистење: избришете ја непотребната електронска пошта.

Стручњаците советуваат да не размислувате премногу за секој предмет пред да го фрлите. Во добро уреден простор, кој не е преполн со работи, ќе се чувствувате поудобно и полесно ќе се опуштите, а сето тоа позитивно ќе влијае на вашето расположение, креативност и продуктивност.

Извор: srecna.republika.rs

НБА: Минесота прв пат во историјата поведе со 3-0 во плејофот

 Минесота го совлада синоќа Феникс на гостински терен со 126:109 во третиот натпревар од плејофот на Западната конференција во НБА лигата и прв пат во историјата на франшизата поведе со 3:0 во серијата до четири победи.

Ентони Едвардс ја предводеше Минесота со 36 поени и девет скокови, Руди Гоберт додаде 19 поени и 14 скокови, а Карл-Ентони Таунс со заврши натпреварот со 18 поени и 13 скока.

Најефикасен во редовите на Феникс беше Бредли Бил со 28 поени.

Четвртиот натпревар е на програмата в недела вечер во Феникс.

Ниту еден тим во историјата на плејофот во НБА лигата не успеал да надомести негатива од 0-3 во серијата до четири победи.

Феникс имаше ефект од 3-0 во победи против Минесота во регуларниот дел од сезоната со просечна разлика од 15.7 поени.

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

притисни ентер