Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Мицкоски: Ќе разговараме со повеќе партии за владина коалиција

Разговорите за коалиција ќе се водат во два правци, ние сакаме да разговараме со сите кои се дел од опозицијата за политиките и визијата која треба да се реализира.

Разговорите за коалиција ќе се водат во два правци, ние сакаме да разговараме со сите кои се дел од опозицијата за политиките и визијата која треба да се реализира, и ќе дадеме шанса на сите кои биле опозиција, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата Само интервју што се емитува на телевизија Канал 5.

Мицкоски укажа дека од ова раководство на ДУИ не очекува промена на нивните ставови.

„Јас од ова раководство на ДУИ не очекувам промени во позициите и дека би ги поддржале овие политики кои ние ги промовираме. Но, секому ќе му дадеме шанса. Нема да се однесуваме игнорантски како владата до сега“, вели Мицкоски.

Мицкоски укажа дека мора да се има разбирање и за опозицијата и да се излезе во пресрет и на некои барања на опозицијата.

„Не може односот да биде имаме 61 пратеник, мнозинство и на останатите да им се лепат етикети“, кажа Мицкоски.

Според него мора да се ослободат граѓаните од притисокот во кој живеат.

„Видете какви вести има, се сѐ кои од кои полоши. Тоа мора да се смени“, изјави Мицкоски.

ДИК со првични резултати за освоените мандати на вчерашните избори

Претседателот на ДИК , Александар Даштевски, ги објави првичните резултати од вчера одржаните парламентарни избори.

Државната изборна комисија на 102 седница ги соопшти првичните и официјални резултати од изборите 2024 година.

Тесла утре го прекинува производството во фабриката во Германија, работниците на протест

Tesla утре ќе го прекине производството во фабриката Gruenheide во близина на Берлин, потврдија денеска од компанијата откако во медиумите беше објавено дека фабриката ќе биде затворена четири дена.

Ќе има „еднодневен планиран прекин на производството“ во фабриката на 10 мај, изјави менаџерот на фабриката Андре Тиериг за X.

За време на викендите во фабриката нема производствени активности, а четврток е државен празник во Германија.

Германскиот весник Handelsblatt денеска објави дека Tesla ќе го запре производството во својата германска фабрика на четири дена поради протестите против плановите за проширување на фабриката.

Сите вработени беа замолени утре да работат од дома, според е-поштата што ја видел Handelsblatt и била испратена од компанијата во понеделникот.

Производството ќе заврши со доцната смена во среда и ќе продолжи со ноќната смена во недела, објави Handelsblatt. Пристапот до фабриката ќе биде возможен само со одобрение на менаџерот.

Плановите на Tesla за проширување на фабриката во Германија дојдоа до пречка во февруари кога граѓаните гласаа против предлогот да се расчисти шумата за да се отвори простор за поголем објект.

Активистите најавија неколку протести против проширувањето на Tesla во наредната недела, вклучително и протест закажан за утре пред портите на фабриката.

Продажбата на Tesla во Европската унија падна за 5% во првиот квартал од оваа година во однос на претходната година, заостанувајќи зад растот од 4% на пазарот на електрични возила со батерии во тој период, според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили.

притисни ентер