Герасимовски: Центар со стратешки план ќе ги дефинира приоритетите за енергетска транзиција

Потребна е стратегија и патоказ за да имаме одржлив процес за енергетска транзиција во Општина Центар, ова е заклучокот од денешната работилница што се одржа во Енергетската канцеларија во локалната самоуправа.

На работилницата на која учествуваа експерти, претставници на невладини организации, преставници на Општината и општинското претпријатие Енергија центар, соговорниците дискутираа за актуелните проекти во доменот на енергетиката, зелената агенда, животна средина и др.

Градоначалникот Герасимовски презентираше до каде е Општината во процесот на енергетска трансформација и транзиција. Тој потенцираше дека фотоволтаичната централа поставена на градинката Пепелашка минатото лето дава одлични резултати во намалување на трошоците за електрична енергија, а следно е поставување на централа врз покривот на ООУ ,,Киро Глигоров". Наша цел е да поставиме фотоволтаични системи на сите основни училишта, но засега почнуваме прво со ООУ „Киро Глигоров“. Мораме да бидеме претпазливи и внимаваме на секој детаљ. Засега сме во процес на јавен тендер и фирмите учесници треба да ги исполнат критериумите.

Вангел Андрески, директор на Енергија Центар ја потенцираше улогата на првото вакво претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.

„Со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ успеавме да формираме вакво претпријатие, а процесот беше макотрпен и понекогаш фрустрирачки, со многу докуменатција, барања за куп дозволи по разни институции. Сега кога веќе започнавме со работа се соочивме со нов проблем, а тоа е потреба од едукација и подигање на свеста на граѓаните за придобивките на фотоволтаиците и нивната безбедност за корисниците, истакна Андрески, зборувајки за проектот кој се планира за ООУ ,,Киро Глигоров”.

Експерите се согласија дека иднината е токму во енергетската транзиција и трансформација која треба да почне од локално за да се прошири на национално ниво. Заштедите, но и бенефитите за животната средина се од непроценлива важност за воведување на вакви „зелени“ енергетски системи, но за разлика од другите држави во ЕУ и регионот, ние сме се уште во пионерска фаза.

Сите заштедени средства, велат експерите, по теркот на европските држави, понатаму треба да се влеваат во проектите од доменот на животната средина, преку субвенции за здрав и еколошки начин на живот на граѓаните.

Денешната работилница ,,Патоказ за енергетска транзиција - дефинирање на стратешки пристап кон одржлива иднина на Општина Центар" се организираше под покровителство и соработка со Фондација Фридрих Еберт, невладината Гринер и Општина Центар.

Општина Центар

Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Лестер се врати во Премиер лигата

Фудбалерите на Лестер Сити се враќаат во англиската Премиер лига по поразот на својот конкурент Лидс Јунајтед во Лондон од Квинс Парк Ренџерс (0-4).

На две кола до крајот на сезоната во Чемпионшип лигата, Лестер обезбеди пласман на едно од првите две места, бидејќи е лидер на табелата со 94 бодови, четири повеќе од второпласираниот Лидс, кој има одиграно натпревар повеќе.

Третопласиран е Ипсвич со 89 бодови и натпревар помалку.

Минатата сезона Лестер испадна од елитната дивизија, а во 2016 година беше сензационален шампион на Англија.

Во Скопје санкционирани 105 возачи

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. 

На територија на град Скопје изречени се вкупно 105 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 13 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас, четири за брзо возење, три за минување на црвено светло...

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Од полицијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да се придонесе за посигурни патишта.

притисни ентер