Рамните табани, деформациите на ‘рбетот и дебелината се најчести проблеми кај децата.
Стапалата се важен дел од нашето тело кои ни овозможуваат поткрепа и полесно движење. Нивното здравје е многу важно за нашето тело. Како што предупредуваат ортопедите, има се повеќе деца со рамни стапала, особено во градските средини каде децата немаат можност да одат боси.
Рамните стапала претставуваат деформитет кога табаните немаат природен заоблен лак. Овој проблем денес доби епидемиски карактер и е најраспространет кај деца од градските средини. Според ортопедите причина за тоа е седечкиот начин на живот и отсуството на физичка активност од најрана возраст.
Рамните табани не може да се „поправат“ доколку во детството не се носат соодветни влошки и квалитетни обувки, а во позрелите години тие влијаат на квалитетот на животот.
Најновите податоци од истражувањето на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија кое е спроведено според Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација, покажуваат дека 30,5 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, 13,8 проценти од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Во извештајот се наведува дека дебелината кај децата го зголемува ризикот од прерана смрт и инвалидитет во зрелоста. Прекумерно ухранетите и дебели деца често, како и возрасните, се разболуваат на помлада возраст од хронични болести, како што се дијабетесот и кардиоваскуларните болести, а развојот на болеста делумно зависи од возраста на која настанала дебелината и нејзиното траење.
Дебелите деца и адолесценти имаат и краткорочни и долгорочни здравствени последици кои често не стануваат видливи до полнолетството, како што се: кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, мускулно-скелетни нарушувања и некои видови малигнитет, како и психолошки проблеми. Како што е наведено во овој извештај, главната цел при спречување на дебелината кај децата е да се обезбеди енергетска рамнотежа помеѓу внесените калории (диета) и потрошените калории (физичка активност).
Извор: srecna.republika.rs