Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проект

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја.

Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Ова беше истакнато на денешниот настан на кој се потпиша Меморандумот за соработка за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја, на кој присуствуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕБОР во нашата земја, Фатих Туркменоглу, како и дел од тимовите на централната банка и на Канцеларијата на ЕБОР.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за довербата укажана од ЕБОР, којашто одлучи централната банка да биде предводник на проектот и да гради мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.

„Поддршката на бизнисите предводени од жени е клучна во борбата за родовата еднаквост. Централната банка активно ќе работи на едуцирање на корисниците на кредити за можностите и обврските коишто давателите на кредити ги имаат кон нив, како и за обезбедувањето податоци за кредитирање на компаниите предводени од жени, што ќе придонесе за подобар пристап на жените претприемачи до финансии. Последната анкета на Националната платформа за женско претприемаштво „Барометар за женското претприемаштво од 2023 година“ покажува дека околу 40% од жените сметаат дека немаат доволно поддршка во смисла на советодавна платформа и грантови за поддршка на нивниот бизнис. Исто така, повеќе од половината сметаат дека или немаат доволен или немаат соодветен пристап до финансии, а речиси 88% од жените претприемачи посочуваат дека со сопствени средства или со заем од семејството и пријателите го почнуваат својот бизнис. Преку овој проект сакаме да направиме разлика и да го свртиме вниманието кон овие политики коишто може да придонесат кон побрз економски раст и развој“, истакна гувернeрката Ангеловска-Бежоска.

„Промовирањето на родовата еднаквост е еден од трите стратегиски приоритети на ЕБОР, при што клучна улога игра поддршката на жените претприемачи. Кодексот за финансирање на жените претприемачи е исклучително добра можност да ги насочиме тековните напори во оваа област и особено сме задоволни за тесната соработка со Народната банка на ова поле“, истакна претставникот на ЕБОР во нашата земја, Туркменоглу.

Народната банка и ЕБОР се обврзаа дека во иднина ќе работат на зголемување на бројот на потписници на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, вклучувајќи ги и носителите на политиките, давателите на финансиски услуги и други надлежни субјекти со цел се обезбедат податоци за фирмите на жените претприемачи и да се промовира неговата употреба при осмислувањето на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

НБА: Минесота прв пат во историјата поведе со 3-0 во плејофот

 Минесота го совлада синоќа Феникс на гостински терен со 126:109 во третиот натпревар од плејофот на Западната конференција во НБА лигата и прв пат во историјата на франшизата поведе со 3:0 во серијата до четири победи.

Ентони Едвардс ја предводеше Минесота со 36 поени и девет скокови, Руди Гоберт додаде 19 поени и 14 скокови, а Карл-Ентони Таунс со заврши натпреварот со 18 поени и 13 скока.

Најефикасен во редовите на Феникс беше Бредли Бил со 28 поени.

Четвртиот натпревар е на програмата в недела вечер во Феникс.

Ниту еден тим во историјата на плејофот во НБА лигата не успеал да надомести негатива од 0-3 во серијата до четири победи.

Феникс имаше ефект од 3-0 во победи против Минесота во регуларниот дел од сезоната со просечна разлика од 15.7 поени.

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

притисни ентер