Странските инвеститори ги анализираат ефектите од глобалниот минимален данок и примената

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава.

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава кои ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат. Државава се уште не е прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година.

За членките на Советот денеска во Стопанската комора се одржа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Македонија“, во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс (PwC Македонија).

Претседателот на Советот на странски инветитори Виктор Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози што ќе се изнесат пред креаторите на политиките по изборите за прилоагодувањето кон оваа новина.

-Како Совет на странски инвеститори заедно со Прајсвотерхаус куперс организираме разговор како глобалниот минимален данок од 15 проценти кој беше донесен на иницијатива на ОЕЦД а државава го прифати пред две години ќе има влијание врз големите мултинационални компании кои работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како тоа ќе влијае на нашите работења но истовремено и врз оданочувањето, како на локално, така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите, изјави Мизо.

Советот уште минатата година ја покренал оваа дискусија со економскиот тим на Владата и како што рече Мизо, иако тогаш им било кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво.

-За голем број компании без разлика дали работат во или не во технолошко индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае. Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и од Европа, пред се, рече Мизо.

Со претставниците на PwC Македонија ќе ги разгледаат сите можности и апликации и деталите врз основа на кои компаниите ќе треба да размислат како ќе работат во иднина.

-Истовремено можеме да дадеме размислувања и предлози на кој начин потенцијално идните политики визави компании и државната помош и начинот на различни даночни ослободувања ќе треба потенцијално да се адаптираат за да имаме оптимално искористување овде, посочи Мизо.

Иако државава се уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако ништо не се смени ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании зависно од тоа дали тие добиваат или не државна помош. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање на 15 проценти или разликата помеѓу ефективниот данок кој се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании коишто работат кај нас во зоните да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенифиците би требало да се адаптираат.

-Истовремено ние како индивидуални компании да размислиме како треба да се поставиме, но и да дадеме некои препораки или идеи кон државата на кој начин потенцијално тие даночни политики, но истовремено сите политики поврзани со бенефиции би требало да се адаптираат за да има една неутралност и кон компаниите, но истовремено и за државата, бидејќи даночен одлив од државата исто така не е нешто што е позитивно за никого, укажа Мизо.

Тој смета дека после изборите наесен треба да се разговара со креаторите на политиките за да се види како ќе се адаптираме како држава.

-Ги дефинираме сега сите овие работи и потоа врз основа на овој разговор, врз основа на идеите тоа би ги презентирале до сите креатори на политиките што и како треба да се направи, бидејќи јас сметам дека можеби треба да се размислува ова да се направи после изборите некаде оваа есен за да видиме како ќе се адаптираме како држава, рече Мизо.

Мирослав Мирчев од PwC Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена

-Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето, рече Мирчев.

Зеленски: На Украина и требаат најмалку седум ПВО системи „Патриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ги повика украинските партнери да не губат време за да испратат „одлучен сигнал“ до Русија.

Секако, им благодарам на сите партнери кои веќе ни помогнаа со испраќање на системи за противвоздушна одбрана, од кои секој е неопходен за заштита на човечки животи. Важно е сите нови договори со партнерите за зајакнување на нашата противвоздушна одбрана, која веќе постои, да профункционираат што побрзо. На Украина и требаат седум системи за противвоздушна одбрана, тоа е минимумот, рече Зеленски, пренесува „Украинска правда“.

„Не смееме да губиме време, треба да испратиме одлучувачки сигнал“, рече Зеленски и посочи дека за време на вчерашниот масивен руски ракетен напад со 34 проектили, „непријателот таргетирал различни објекти на енергетската инфраструктура - објекти за транзит на гас и објекти од електроенергетскиот систем".

Тој додаде дека, меѓу другото, безбедноста на снабдувањето на Европската Унија зависи од овие транзитни капацитети на гас.

Убавина од природа близу Тиквешко Езеро

Прекрасна природа и студена изворска вода ни посакаа добредојде во кавадаречкото село Драдња, во близина на Тиквешкото Езеро.

МИА деновиве фотографираше прекрасни камени градби изградени во минатото, полни со животни приказни и тајни. Во нив некогаш со многу љубов се делеле семејните тага и радост. Се запрашавме, што е тоа толку мистериозно убаво во нив, та, зрачат од убавина, дури и кога кровот се урива, а прозорците се искршени или едвам се држат. Дрвјата околу нив, само ја збогатуваат таа волшебна селска идила.

За жал, магичните дрвени чардаци како од приказните, беа празни, никој не уживаше во нивната убавина. Немаше кој да ги одмара очите загледувајќи се во пространите зелени килими од тревата збогатена со утринска роса. Да ти е жал да згазнеш, да не ја растуриш магијата создадена од раката на мајката природа.

До многу од куќите едвам се стигнува поради грмушки, оти таму со години не стапнала човечка нога.

Сета оваа убавина е распослана на околу седум километри од Тиквешко Езеро, доколку се движите по земјениот шумски пат. Многу побрзо ќе стигнете до езерската шир, ако одлучите како нас, да пропешачите низ тој дел на Тиквешијата и од ридот се спуштите право кон езерото. Патем, можете да другарувате со дрвјата, птиците, инсектите.

Море од лозја по патот

Прошетката до Драдња, па до Тиквешко Езеро, ја започнавме со пешачење од селото Дреново, заедно со планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци. Нашата камера ги регистрираше лозовите насади по патот, од кои се прават извонредни вина и ракии, маџун и други производи од грозје, по што е препознатлив овој крај.

- Располагаме со волшебна природна убавина, која заслужува да биде видена од светот. Но, за тоа е неопходно да се уреди патот до селото што е одамна иселено и да се создадат услови за развој на селскиот туризам. Држави со развиен туризам ги препознаваат ваквите потенцијали и ги негуваат и заработуваат од нив. Неопходно е и кај нас да се преземат активности за промоција на оваа, би рекол рајска убавина, ни рече 57 годишниот Зоран Михов, единствениот човек што го сретнавме во селото, додека одмаравме крај изворската вода, од која не престанувавме да пиеме.

Тој ни раскажа дека оваа селска средина некогаш броела и до осумдесетина куќи полни со живот. Луѓето се замимавале со земјоделство и сточарство. Најмногу се иселиле во шеесетите години од минатиот век, кога била изградена браната на езерото. Луѓето заминале за да работат, главно во фабрики. Самиот бил роден во Кавадарци, но бидејќи татко му потекнувал одовде, Драдња била отсекогаш дел од неговиот живот, од најмали нозе, до ден денешен.

- Кај и да одам, тука постојано се враќам, крај семејното огниште. До пред некоја година имаше по некој од постарите постојани жители, изумреа и сега никој веќе не живее тука преку целата година. Во пет куќи повремено доаѓаме неколкумина, поради лозарството, морето од лозја што ги имаме во овој крај. Сепак, ми се чини дека најмногу доаѓаме поради чистиот воздух. Низ годините работев во фабрика со прашина и доаѓањето тука ми доаѓа како лек, како мелем на рана, коментираше тој.

Златомани доаѓаат по скриени богатства

Михов, кој одгледува и пчели во Драдња, ни откри дека во селото доаѓаат блиски на оние што некогаш се иселиле, за да видат кај им се корените, но и љубители на природата, авантуристи, да побегнат од градскиот асфалт, за да уживаат и да ги наполнат батериите, што се вели.

- Горе на ридот е околу 800 метри надморска височина, тука долу, околу 500 метри. Искрено да кажам, доаѓаат и златомани, трагачи по злато, по закопано богатство од дамнешни времиња. Ги бркаме, ама не бива, трчаат наоколу со детектори, со најразлични апарати. Најмногу трагачи има во месноста „Забот", таму горе на ритчето. Им викаме, уште еднаш да не ги видиме тука, ама не се разбираат. Бараат и раскажуваат како имале најдено пари на други места, идат со бесни џипови, ни раскажа тој.

Михов ни објасни дека си ја реновирал куќата во селото.

- Можев да изградам куќа во викенд населба крај езерото, поблиску до езерската вода, но тука ми е некако помирно, природата е понедопрена. Ме влече ова место, ова парче земја, повторно и повторно да доаѓам. Струја има, а вода полниме од селската чешма. Природна студена изворска вода, ако наполниш, го поти шишето, толку е ладна, додаде тој.

Драдња е околу 24 километри оддалечено од Кавадарци. До браната на езерото води асфалтиран пат.

- Останатите седум километри се поминуваат по земјен, шумски пат. Се оди со патничко моторно возило, лека кола, што би се рекло, ама подобро е ако се доаѓа со малку потеренски возила. Бараме да се уреди овој пат за развој на селски туризам, рече нашиот соговорник.

Тој сподели со нас дека низ годините, жителите од ова село важеле за добри мајстори, занаетчии. Којзнае, можеби токму поради тоа камените градби му пркосат на времето и ја задржале својата убавина, дури и кога полека, полека се уриваат. /МИА

Осветување на новиот крст во Драчево

На верскиот празник Цветници, денеска, во 12 часот, ќе биде осветен крстот во Драчево, поставен од Општина Кисела Вода во соработка со Светскиот Македонски Конгрес.

Осветувањето на крстот ќе го изврши поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Пред чинот на осветувањето, ќе настапат пејачите Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, како и мешаниот камерен хор „Свети Климент Охридски”.

притисни ентер