Верстапен по триумфот во Шангај: Болидот возеше како по шини

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен по денешната победа на трката во Формула 1 возена за Големата награда на Кина, ги пофали сите од тимот кои беа вклучени во подготовката на неговиот болид.

- Чувството е неверојатно. Бевме неверојатно брзи во текот на целиот викенд. Автомобилот беше задоволство да се вози на секаков вид гуми. Добро го преживеавме рестартирањето, а болидот возеше речиси како на шини, можев да правам што сакам со него. По ваквите викенди, има неверојатни чувства, а она што успеавме да го постигнеме на ова Гран при е навистина фантастично, изјави Верстапен за „Sky Sports“.

Сезонава Холанѓанецот победи на 4 од 5 трки.

Шестата етапа од Формула 1 ќе се одржи во Мајами (Флорида, САД) од 3 до 5 мај. /МИА

Нов паркинг на улица "Козјак" во Кисела Вода

Нов паркинг простор е во завршна фаза во населбата Кисела Вода. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата “Козјак”, каде на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг места. 

Со ова, бројот на новоизградени паркинг места за овие две и пол години се искачува на околу 1400.

-Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1000 нови паркинг места, веќе ја достигнавме бројката од 1400 и тоа само за две и пол години. Новиот паркинг на улицата "Козјак" во населбата Кисела Вода нуди можност за уште 25 паркинг места. Просторот се протега на околу 400 квадратни метри, поплочен е со павер елементи и секако ќе придонесе во безбедноста и удобноста на сообраќајот во мирување. Секако, вакви градежни активности во периодот што следи ќе имаме и во сите останати месни и урбани заедници, на што веќе интензивно работиме-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тренчевска се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ

 Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. 

Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

-Со вчерашниот изборен ден покажавме дека живееме во демократска држава каде моќта е на народот! Онака како што и треба да биде. Благодарам на сите граѓани кои вчера излеговте и го дадовте својот глас за промени по ваша мерка! Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, никој не оставивме сам, носевме мерки и закони кои помагаат на сите граѓани, посочи Тренчевска.

Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.

-Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред, појасни Тренчевска.

Потенцираше дека нема да дозволи уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерки кои се од полза на граѓаните. Како што појасни, се води од вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок, и така ќе делува од позиција на пратеник.

-Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро, појасни Тренчевска.

Деспотовски: Не ни требаат условени оставки, секој да почне од себе

На нашите членови, поддржувачи денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ. Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. 

Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани.

Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме,почнувајќи од врвот. По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување.

Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама...веќе утре ќе и бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго а штетата нема да стане ненадоместлива.

Јован Деспотовски,

Член на СДСМ

притисни ентер