„Арт Балет“ со две први места на Светскиот танцов шампионат

Балетското студио „Арт балет“ освои две први места на Светскиот танцов шампионат кој се одржа во италијанскиот град Остија. Мартина Димовска (13) освои прво место и титула „светски танцов шампион“ во класичен балет во јуниори, а Симона Митовска (18) - прво место и титулата „светски танцов шампион“ во категоријата класичен балет во сениори и доби едногодишна стипендија за дошколување во Рим.

Димовска во категоријата класичен балет јуниори се претставила со варијацијата „Есмералда“ и во категоријата модерен балет играла кореографија од Тамара Ѓурчиновска „Море Сокол Пие“ на музика од Кирил Џајковски. Митовска, која се натпреварувала во категорија класичен балет сениори, се претставила со варијација од балетот „Корсар“ и во категоријата модерен балет играла кореографија на Тамара Ѓурчиновска „Бротел Танго“ на музика од Кирил Џајковски.

- Имавме само месец и половина да се подготвиме за Светскиот танцов шампионат, вложивме многу труд, долги часови работа во сала, специјален режим на исхрана, поставување балетски варијации и кореографии за модерен балет, организација за патување, костими за секоја кореографија одделно и финансиско покривање на целиот овој проект, рече денеска на прес-конференција Тамара Ѓурчиновска, балетски педагог и кореограф и директор на балетското студио „Арт Балет“. Таа додаде дека нивниот успех се должи и на поддршката што ја добиле од Министерството за култура и Општина Карпош.

Шампионатот се одржал на 30 јули 2014. Сите учесници се натпреварувале во танцовите категории: класичен балет, модерен балет, современ балет, џез-балет и хип-хоп. Претставувањето на учесниците го оценувала комисија составена од познати балетски педагози и кореографи. Покрај Македонија, во финалето биле уште шест земји: Италија, Бугарија, Кипар, Перу, Грција и Мексико.

Ѓурчиновска соопшти дека студиото „Арт Балет“ во 2013/2014 година освоило вкупно 56 награди, две стипендии за дошколување и покана за едуцирање на балетски кадар во Италија. /МИА

Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело, одлучи Апелациониот суд во Скопје.

Како што соопштија од судот, ова решение е по жалбата на мијалков на одлуката на Основен кривичен суд Скопје, а го донеле на нејавна седница одржана на 14 мај годинава. Мијалков издржува казна во затворот во Струга, откако по признанието на вина беше осуден на три години затвор во предметот „Империја“.

Денеска предизборен молк, утре се прегласува на седум избирачки места

Денеска е изборен молк, а утре ќе има прегласување на седум избирачки места во петата и шестата изборна единица за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај.

Во периодот од 7 до 19 часот ќе се прегласува на по две избирачки места во Крушево и во Долнени и на по едно избирачко место во Струга, Охрид и Желино. Одлуката за прегласување на сите седум избирачки места ја донесе државната изборна комисија откако Управниот суд ги одби како неосновани сите седум тужби против решенијата на Државната изборна комисија.

На сите овие избирачки места, комисијата ги разреши и претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Еден ден пред изборниот молк пак, вчера Државната изборна комисија информираше дека е подготвена за прегласување на седумте избирачки места како од технички и организациски аспект, така и во однос на надзорот.

Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за сезонската авиолинија меѓу Скопје и Крф

Грчкиот авиопревозник Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина - Скопје - Крф - Скопје - Атина, објави порталот exyuaviation.com.

Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а авиолинијата Скопје - Атина да се реализира во среда и недела наутро.

Според ревидираниот распоред, се чини дека Ејџијан Ерлајс целосно откажува два неделни лета, намалувајќи ја вкупната фреквенција меѓу Скопје и Атина од секојдневни летови на пет лета неделно, почнувајќи од 4 јуни.

Компанијата не исклучува и дополнителни промени во редот на летање, наведува exyuaviation.com.

Како што објави ТАВ Македонија на 2 април годинава, сезонска авиолинија меѓу Скопје и Крф требаше да почне од 1 јуни.

притисни ентер