„Човекот кој го изеде светот“ - премиера на Драмски театар

Драмски театар-Скопје в петок премиерно ќе ја изведе претставата „Човекот кој го изеде светот“ по текст на германскиот автор Нис-Моме Штокман во режија на Билјана Радиноска, на која ова и е прва претстава во професионален театар по неколку постановки во независни театари.

Главната улога, безимениот лик ХХХХ, го игра Игор Стојчевски, а во актерската екипа се и Диме Илиев, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Димитрија Доксевски и студентот на ФДУ Стефан Вујисиќ. Сценограф на претставата е Мика Черепналковска, костимографијата е на Ивана Кнез.

Режисерката го избрала текстот зашто отвора теми за денешни проблеми за кои, како што рече денеска на прес-конференција, треба да се разговара и да бидат поставени на сцена.

- „Човекот кој го изеде светот“ ни дава да ѕирнеме во едно семејно секојдневие или, пак, во сите животи одделно. Ја раскажува приказната за нездравиот однос меѓу родител и дете, еден пропаднат брак, едно изневерено пријателство, едно споро и болно во својата спорост индивидуално пропаѓање... Приказна за изневерени очекувања, за неносење со одговорности, за стравот од соочување со себе и стореното. Во тој свет еден човек проголтува туѓи сништа, проголтува иднина, јаде ветувања... истакнува Радиноска за текстот кој го поставува на сцената на Драмски.

Актерите се задоволни од подготовката на претставата. Диме Илиев веќе соработувал со Радиноска за нејзината дипломска работа, како и Доксевски, кому ова му е втора соработка со режисерката.

Стојчевски, кој го игра главниот лик, рече дека современото во претставата е, пред се, пристапот на Радиноска, посебниот начин на игра на кој инсистирала. - Еден документаристички пристап во градењето на ликовите. Да нема дистанца меѓу ликот кој се толкува и неговите чувства, мисли, намери, односи со актерот. Што повеќе да се направи симбиоза помеѓу актерот на сцена и напишаниот лик, рече Стојчевски.

На прашањето зошто главниот лик нема име, туку е означен со четири икса (ХХХХ), режисерката појасни дека авторот така го претставил во текстот и дека може да се толкува како знак на цензура. - Мислам дека тоа е негова индикација заради некои две толкувања на самиот наслов на драмата. Едното би можело да се толкува дека капитализмот е нешто што го има него изедено и дека тој станува знак на цензура, како на телевизија кога се покриваат несакани ефекти... , рече Радиноска.

Директорот на Драмски Роберт Вељановски на прес-конференцијата соопшти две новини во театарот од 1 ноември. Променето е работното време на билетарницата која сега од понеделник до сабота работи од 9 до 22 часот, а во недела од 12 до 20 часот. Втората новина, која се уште не е популаризирана, е дека интерното бифе на Драмски е отворено за публиката од 19 до 24 часот. Целта е, рече Вељановски, посетата на театар да биде целовечерен нстан и луѓето да може да си разменат мислења и по претставата, а не да си заминат веднаш како кога одат во кино. /МИА

Се распалија скарите, излетничките места полни со граѓани

Мирисот на скара, гласна музика, придружени со метеж од возила, домашни и странски, беше сликата од одбележувањето на 1-ви Мај на скопска Матка. 

Со децении наназад Кањонот во околината на главниот град е омилено место за излет на многумината кои слободниот ден го користат во природа ..

Од она што успеавме да го чуеме во разговор со нашите со

Граѓани велат дека скарата од поодамна е луксуз, но се трудат да останат верни на традицијата, секој според џебот. Во однос на Денот на трудот децидни се дека во минатото работникот се ценел многу повеќе отколку денес.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, посветен е на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Ако се исклучат синдикалците, во Македонија главно се користи како ден за екскурзии во природа.

Првата половина од првиомајскиот ден се задржа стабилното и претжно сончево време. За попладневните часови, од УХРМ најавија појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. А од метео прогнозата и за наредните денови се очекува нестабилно и постудено време со дожд и намалување на температурите, кои ќе ги има и за велигденските празници.

Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права на првомајските демонстрации

Работниците и активистите на улиците на азиските и европските градови денеска бараат подобри работнички права и зголемување на платите, кои станаа недоволни поради растот на цените и политиките на владејачките структури.

Стотици луѓе учествуваа на собирот под мотото „За целосно вработување: да се намали работното време и да се подобрат платите“ по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот 2024 година во Барселона.

Иако Први мај во многу земји во светот ги слави работничките права и им дава можност на граѓаните да искажат општи економски поплаки или политички барања, полицијата во Истанбул приведе десетици луѓе кои се обидоа да ги искажат своите ставови на улиците, на познатиот плоштад Таксим, пренесе Бета.

Полицијата уапси демонстранти кои се обидоа да стигнат до централниот плоштад во Истанбул, иако владата го забрани прославувањето на Денот на трудот на таа локација. Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган со години забранува одржување на митинзи и демонстрации на таа локација, наведувајќи ги безбедносните причини како причина за таквата одлука. И покрај тоа, дел од политичките партии и синдикатите ги повикаа граѓаните да излезат на протестен марш до плоштадот во центарот, кој има симболична вредност за синдикатите и работниците. Сепак, полицијата подигна барикади и ги затвори сите патишта што водат до централниот плоштад во Истанбул.

Јавниот превоз во областа беше намален, а само мала група претставници на синдикатот добија дозвола да влезат на плоштадот и да положат венец на споменикот подигнат во спомен на жртвите од инцидентот во 1977 година во кој напаѓачите предизвикаа стампедо во кое загинаа 34 лица.

Интервентната полиција уапси триесетина членови на левичарската Народноослободителна партија кои се обидоа да ги пробијат барикадите околу плоштадот.

Во Атина, неколку илјади демонстранти учествуваа на првомајскиот марш кој го запре јавниот транспорт и националните железнички услуги низ Грција. Штрајковите ширум земјата беа предводени од најголемиот синдикат во земјата, кој побара враќање на колективното преговарање, откако беа одземени правата на работниците за време на тешката финансиска криза во Грција 2010-2018 година.

Во Париз, демонстрантите се собраа на Плоштадот на Републиката за да учествуваат на маршот предводен од главните синдикати во Франција, барајќи подобри плати и услови за работа. Се очекува пропалестински групи и антиолимписките активисти да се приклучат на маршот низ француската престолнина, која ќе биде домаќин на Летните олимписки игри за помалку од три месеци.

Во Индонезија работниците излегоа на улица за да го изразат своето незадоволство од новиот закон, за кој тврдат дека ги крши нивните права и им штети на нивната благосостојба и побараа заштита на работниците мигранти во странство, како и зголемување на минималната плата.

Се очекува околу 50.000 работници од Џакарта, Богор, Депок, Тангеранг и Бекаси да се приклучат на првомајските маршеви во главниот град, рече Саид Икбал, претседател на Конфедерацијата на индонезиските синдикати.

Парламентот на Индонезија минатата година ја ратификуваше владината регулатива со која се заменува контроверзниот закон за отворање работни места, но критичарите велат дека тој сепак е во корист на бизнисите.

Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, илјадници демонстранти скандираа, вееја знамиња и извикуваа про-работнички слогани на почетокот на денешниот собир.

Организаторите рекоа дека нивниот собир првенствено имал за цел да ги засили критиките на, како што ги нарекоа, антиработничките политики предводени од конзервативната влада предводена од претседателот Јун Сук-Јул.

Во Јапонија, повеќе од 10.000 луѓе се собраа во паркот Јојоги во центарот на Токио на првомајски протест, барајќи зголемување на платите за кое рекоа дека треба да биде доволно за да ги „покрие“ растечките цени.

За време на митингот, Масако Обата, лидер на левичарската Национална конфедерација на синдикати, рече дека намалувањето на платите довело многу работници во Јапонија во тешка состојба и го зголемила јазот во приходите.

Во Србија вообичаено на 1 мај се оди на излет, потсетува Бета. Се организираат собири на локални излетнички места со релативно богата трпеза и многу пијалаци, главно без работнички обележја и без да се потенцираат какви било барања.

Обединетите гранкови синдикати „Независност“ денеска во 12 часот го прославија Денот на трудот со митинг на платото Димитрије Туцовиќ, недалеку од плоштадот Славија во Белград, под слоганот „За демократски и работнички рестарт“.

Претседателката на УГС „Независност“ Чеданка Андриќ изјави дека се собрале во чест на загинатите на работни места.

Синдикатот на работниците на Босна и Херцеговина и Синдикатот на металците на ФБиХ организираа првомајска протестна прошетка во Сараево. Собирот почна пред зградата на Парламентарното собрание на БиХ, а потоа продолжија со пешачење, едните кон седиштето на Делегацијата на ЕУ, другите кон Владата на ФБиХ. /МИА

Во Кенија евакуирани туристи поради поплави, 170 загинати од март

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела.

Стотици туристи денеска се евакуирани од десетици хотели, апартмани и кампови откако пукнаа брани во националниот резерват Масаи Мара поради поплавите во кои загинаа повеќе од 170 луѓе низ Кенија од почетокот на сезоната на дождови во средината на март.

Црвениот крст на Кенија соопшти дека спасил 61 лице од резерватот, кој е популарна туристичка дестинација за годишната миграција на диви пчели од Серенгети во Танзанија.

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела, откако во понеделникот пукна брана во градот Маи Махи во округот Накуру, при што загинаа 48 луѓе, а над 80 се водат како исчезнати./МИА

притисни ентер