Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател

Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател, нов Парламент до 28 мај.

Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Во Собранието денеска треба да започне последната нова пленарна седница и да заврши до утре, а закажани се и продолженија на неколку други седници. Митрески нагласи дека на седницата е предложена Декларација за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основање на Алијансата. Претседателот на Собранието смета дека е многу значајно да се донесе оваа Декларација на самиот крај овој мандатен состав и со тоа ќе остават порака за идните пратеници.

Тој вели дека има простор до почетокот на кампањата за претседателските избори следната недела за седница за евентуални итни прашања. Додека трае изборната коампања не планира да свикува седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание.

За време на овој парламентарен состав 2020-2024 закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти кои се влезени во процедура и не се завршени.

Во мандатот на Митрески што започна на 26 јануари, донесени 72 закони и одлуки.

Капката која ја прели чашата на Санчез

Објавата на Санчез дојде само неколку часа откако шпанските медиуми објавија дека судија покренал истрага против Бегоња Гомез, сопругата на премиерот, за наводна трговија со влијание и деловна корупција по тужбата поднесена од групата Манос Лимпиас.

Вијести - Подгорица

Во бомбастичното соопштение кое ја изненади Шпанија и предизвика сомнеж низ Европа, премиерот Педро Санчез во средата вечер најави дека ќе направи пауза од официјалните должности за да одлучи дали сака да продолжи да ја води земјата. Како причина тој ја наведе исцрпеноста од десничарските напади врз неговото семејство.

Објавата на Санчез дојде само неколку часа откако шпанските медиуми објавија дека судија покренал истрага против Бегоња Гомез, сопругата на премиерот, за наводна трговија со влијание и деловна корупција по тужбата поднесена од групата Манос Лимпиас (Чисти раце), чиј лидер се поврзува со екстремната десница.

Групата ја обвини Гомез дека го искористила своето влијание како сопруга на премиерот за да обезбеди спонзори за магистерски курс на универзитетот што го водеше. Судот не објави повеќе детали бидејќи случајот е запечатен во оваа рана фаза.

Санчез, кој минатата година обезбеди уште еден мандат за неговата Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) како лидер на малцинската коалициска влада, рече дека одлуката ќе ја објави в понеделник, на 29 април.

„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди... да ја водам владата или да се откажам од таа чест“, објави тој вчера на мрежата Х.

Санчез вели дека неговата сопруга не направила ништо незаконско и дека ја напаѓаат „за да ме ослабат лично и политички“. Тој рече дека неговата сопруга ќе ја одбрани својата чест и ќе соработува во истрагата.

Групата Манос Лимпиас користи единствен правен инструмент што постои во Шпанија познат како „народно обвинение“ за поднесување кривични пријави против трети лица. Судиите можат да одлучат дали да постапат по тие тужби, а Ројтерс наведува дека не секое обвинение резултира со судска истрага.

Шпанските правни експерти посочуваат дека обвиненијата наведени во извештајот сами по себе не ги исполнуваат законските услови за обвинение. Шпанското обвинителство вчера побара случајот да биде отфрлен.

Групата Манос Лимпиас е основана во 1995 година од Мигел Бернард, адвокат кој се кандидираше за функција во ултранационалистичката партија Национален фронт, а подоцна беше прогласен за Витез на честа на фондацијата Франциско Франко, пишува порталот „Политико“.

Во 2021 година, шпанскиот национален суд ја прогласи групата Манос Лимпиас за виновен за користење закани за правна постапка и кампањи за оцрнување како средство за изнуда против банки и компании. Таа пресуда беше поништена од Врховниот суд оваа година, но судиите забележаа дека активностите на групата се етички „сомнителни“.

Во објавата на мрежата Х, Санчез рече дека е уморен од нападите врз неговото семејство, кое е цел на критичарите откако е избран за лидер на ПСОЕ во 2014 година.

Како што политичката сцена во земјата станува сè пополаризирана, нападите врз неговата сопруга станаа поинтензивни. Веќе неколку години, десничарските коментатори јавно шират злобни гласини за Гомез, вклучително и дека таа е всушност маж чие вистинско име е Бегоњо и дека нејзиното семејство поседува синџир на секс клубови и е вклучено во меѓународни операции за шверц на дрога.

Иако Санчез и неговата сопруга успешно се бореа со клеветите упатени кон нив преку суд, токсичноста на изливот на омраза очигледно го истроши политичарот, а започнувањето на најновата истрага очигледно е последната капка.

„Откако дојде до ова, чувствувам дека мора легитимно да се запрашам дали ова навистина вреди“, напиша тој. „И покрај десничарската карикатурална претстава за мојата личност, јас не сум врзан за оваа позиција... Моја обврска е кон моето чувство за должност и јавна служба.

Потенцијалните резултати се движат од останувањето на Санчез на функцијата додека не поднесе оставка - што ќе доведе до тоа или кандидирање нов кандидатза гласање во Долниот дом или предвремени избори во текот на летото - или би можел да побара и добие гласање за доверба за да го зајакне своето лидерство.

Според шпанскиот устав, нови избори може да се распишат само една година по последното распуштање на парламентот. Тоа значи дека најрано Санчез може формално да распише предвремени избори на 29 мај, што би резултирало со гласање најрано на 21 јули.

Доколку Санчез поднесе оставка, кралот Фелипе ќе мора да се сретне со сите партии претставени во Долниот дом за да започне нов процес на именување, одредувајќи го кандидатот кој треба да обезбеди парламентарно мнозинство за да стане премиер.

Во Шпанија, политичарите од сите профили рутински меѓусебно се обвинуваат, како и членовите на семејството и соработниците, за корупција, а имаше и неколку скандали од висок профил кои резултираа со пресуди.

Педро Санчез дојде на власт во 2018 година, кога претходната конзервативна влада изгуби гласање за доверба по корупциски скандал.

Во моментов, постојат неколку парламентарни комисии кои ги испитуваат договорите за јавни набавки за време на ковид-пандемијата.

Претходно оваа година, поранешниот министер за транспорт, Хозе Луис Абалос, ги отфрли повиците од неговата партија ПСОЕ да поднесе оставка како пратеник, откако неговиот помошник беше обвинет за примање мито за олеснување на договорите за заштитни маски.

Шпекулации за високи позиции во ЕУ и НАТО

Објавата на Санчез предизвика гласини во Брисел, каде што има многу шпекулации пред претстојните избори за тоа кои национални лидери би можеле да ги заземат највисоките позиции во Европската Унија.

Санчез досега не се сметаше за кандидат бидејќи се веруваше дека е покорисен во водењето на Шпанија, петтата по големина економија во Европа. Сепак, „Политико“ истакнува дека доколку поднесе оставка, многумина би биле среќни да го видат во Брисел.

Според бриселскиот портал, неговото име не се споменува само во врска со функцијата претседател на Европскиот совет, туку и во трката за следен генерален секретар на НАТО.

Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на „Крај Вардарот Џез“

Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“

Последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“, во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се одржи вечерва со почеток во 21 часот со концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“.

„Macedonian Free Society“ е составен од Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и нивниот прв албум.

„Поетроника“ е поетско-музички перформанс во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо во од актерот Оливер Митковски и Андреја Ристески – Салпе, автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти.

Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар „Лабораториум“.

Медиуми: Ливерпул и Феенорд се договорија, Слот нов тренер на премиерлигашот

Тренерот на холандски Феенорд, Арне Слот, ќе го предводи Ливерпул од следната сезона, пренесуваат англиските медиуми, наведувајќи оти е постигнат договор меѓу двете клупски раководства.

Слот на клупата на Ливерпул ќе го наследи Јирген Клоп, кој во јануари објави дека заминува од премиерлигашот на крајот на актуелната сезона.

Феенорд се согласил на отштета од 9,4 милиони фунти, а пред потпишувањето на договорот останува да се договорат деталите од соработката меѓу Слот и Ливерпул, објави Би-Би-Си.

Слот минатата сезона со Феенорд го освои холандскиот шампионат, а оваа сезона го освои холандскиот куп.

Англиските медиуми објавија дека клучните причини за изборот на Слот за нов тренер на Ливерпул се неговиот напаѓачки стил на игра и неговата способност да развива играчи.

притисни ентер