Ален Делон под засилено старателство

 Францускиот глумец Ален Делон, кој има 88 години и е тешко болен, е ставен под засилено старателство за заштита на чувствителни лица, според одлуката на Судот.

Од јануари, Делон е ставен под судска заштита со назначување застапник кој „ќе ја следи неговата здравствена состојба“. Извори блиски до случајот за француските медиуми изјавија дека сега таа мерка е засилена. Ова значи дека правниот застапник назначен за случајот на Делон ќе ги надгледува неговите банкарски сметки и ќе ги следи неговите трошоци.

„Тоа би значело оти Делон веќе нема целосна слобода во управувањето со својот имот и одлуките што би можел да ги донесе“, вели неименуваниот извор.

Од почетокот на јануари неговите деца се во конфликт, преку медиумите и судството, околу грижата за нивниот татко.

Неговите синови Ентони (Ентони) (59) и Ален-Фабиен (Ален-Фабиен) (29) веруваат дека глумецот е изманипулиран од нивната сестра Анушка која наводно сакала да ја сокрие вистинската негова здравствена состојба од нив и имала намера да го врати во Швајцарија.

Анушка неодамна ги тужеше своите двајца браќа за нарушување на приватноста по емитувањето на разговор меѓу неа и нејзиниот татко. Таа бара отштета од околу 120.000 евра, а судењето е закажано за април 2025 година.

Ентони Делон сметаше дека неговата сестра сака да го префрли Делон во Швајцарија, каде што таа живее, за да не плати висок данок на наследство. Анушка, од своја страна, тврди дека сакала да го однесе таткото во Швајцарија за тој да продолжи да се лекува таму.

Според Ентони, филмскиот ветеран претходно изразил желба да живее на неговиот имот во Души и еден ден да биде погребан таму.

Ален Делон ја доби почесната „Златна палма“ на 72. Меѓународен фестивал во Кан во мај 2019 година и тоа, всушност, значеше крај за неговото присуство во јавноста. Како што потоа објавија француските медиуми, Делон имал мозочен удар во 2019 година, а пред неколку месеци било откриено дека има и лимфом. Делон со својата исклучителна филмографија и турбулентниот приватен живот, со ретката харизма и убавина, стана дел од современиот мит на светската кинематографија.

Хамас бара Израел да ги појасни своите услови за прекин на огнот

Милитантната група Хамас денеска побара од Катар и Египет, како посредници во преговорите со Израел, да ги појаснат условите на израелската делегација за договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Официјален претставник запознаен со преговорите изјави за „Тајмс оф Израел“ дека Хамас сака јасни услови за безусловно враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

Хамас, исто така, сака да обезбеди дека втората фаза од договорот ќе вклучува разговори за постепено и целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа.

Во моменталниот договор не е објаснето на кого и кога би било дозволено да се врати во северниот дел на Газа.

Досегашниот договор меѓу Хамас и Израел, во неколку фази, вклучува ослободување на 33 заложници и во замена за прекин на борбите и ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори. /МИА

Во Охрид одржан велигденски концерт

 Во духот на предвечерието на големиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, НУ „Охридско лето“ организира концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово.

Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ во Охрид вчера настапија 21 хористки кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник.

-Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку визнатиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршувме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот, вели маестро Зориќ.

Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој.

-Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исо така, работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав јас и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведоа на Велигденскиот концерт во организација на НУ „Охридско лето“, Женскиот хор „Менада“ во октомври треба да настапи во Истанбул, Турција.

Непознати лица се обиделе да запалат синагога во Варшава

Непознати лица синоќа фрлиле молотов коктел врз единствената зачувана предвоена синагога во Варшава која се уште служи како место за богослужба и се обиделе да ја запалат, соопшти полската полиција.

„Командата на полицијата добила пријава за обид за палење на синагогата Нозика во Варшава. Полицијата води истрага во врска со тоа“, изјави Јацек Вишњевски од варшавската полиција за полските медиуми.

„Рабинот Шудрих пишува дека некој се обидел да ја запали синагогата со помош на молотов коктел. Фала му на Бога, никој не беше повреден. Интересно, кој се обидува да ја наруши годишнината од нашето влегување во Европската Унија?“, реагира на социјалната мрежа Икс, шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Таа синагога се реновира од 2008 година. /МИА

притисни ентер