Вчера Граѓаните го декласираа Лутон со 5:1 и, се чинеше, барем привремено го зазедоа првото место во Премиер лигата. Но, денеска се случија две мали чуда. Прво Ливерпул загуби дома од Палас со 1:0, а потоа и Арсенал со 2:0 на домашен терен од Астон Вила. Двата гола во Лондон дојдоа во самата завршница. Бејли прв погоди во 84-та, а Воткинс три минути подоцна.
Уште два пати гостинските играчи ја погодија рамката од противничкиот гол. Во 39. минута Воткинс ја погоди стативата, додека во 62. Јури Тилеманс ја погоди гредата. Голем број на шанси имаа и домашните, но не беа прецизни Каи Хаверц, Габриел Жесус, Леандро Тросард и Букајо Сака.
Сити сега е на врвот со 73 бода, додека Арсенал и Ливерпул имаат два бода помалку. Секоја екипа има шест натпревари до крајот.
„Две сосема различни полувремиња. Прво врвот, едно од најдобрите полувремиња што ги одигравме против врвен тим. Требаше да постигнеме три или четири гола. Можеби повеќе. Не успеавме и тоа се одрази во второто полувреме. Ни недостасуваше моментум, немавме проток како во првите 45 минути, а потоа примивме два наивни гола“, изјави тренерот на Арсенал, Микел Артета по натпреварот, а потоа испрати порака до своите играчи да се вратат во играта за титулата и да ја спасат сезоната.
„Не можеме да контролираме што ќе прави Сити. Она што можеме да го направиме е да победуваме. Продолжете да победувате. Сега е моментот. По овој пораз мораме да реагираме. Првата можност да реагираме веќе во среда против Баерн во Лигата на шампионите. Тимот треба да се покаже таму. Ако сакаме да победиме, мора да ги надминеме овие ситуации.“