Баербок го повика на разговор рускиот амбасадор, по приведувањето за шпионажа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го покани рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев, на дискусија во врска со притворањето на две лица осомничени за шпионажа за Русија, пишува весникот „Билд“.

Германското јавно обвинителство денеска соопшти дека двајца мажи се уапсени под сомнение дека вршеле разузнавачки активности во корист на Русија.

Обвинителството изјави дека се работело за германско-руски државјани.

Германското обвинителство соопшти и дека двајца мажи, Дитер С. и Александар Ј., биле уапсени под сомнение дека се руски шпиони кои подготвувале бомбашки напади во Германија.

Дитер, според обвинителството, бил во контакт со руски разузнавач од октомври 2023 година и учествувал во заговор за предизвикување бомбашки напади и подметнати пожари во Германија, вклучувајќи и американски воени бази.

Целта на тој заговор била да се поткопа воената помош што Германија ѝ ја дава на Украина, а Дитер собирал информации за целите на потенцијалниот напад, пренесува Дојче веле (ДВ).

Германската федерална полиција кај него пронашла фотографии и видео снимки од таргетираните објекти, кои му ги испратил на директорот, а Александар му помагал најдоцна од март годинава.

Александар е обвинет и дека бил член на странска терористичка организација, односно воена единица на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) во источна Украина од 2014 до 2016 година.

Лидер на ИСИС убиен во операција во пограничниот регион на Мали

Водачот на една од групите поврзани со Исламската држава, Абу Худајфа, е убиен во операција во пограничниот регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер.

Неутрализацијата на терористичкиот лидер беше извршена за време на голема операција во Липтак, триграничен регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер, соопштија властите на Мали.

Во соопштението се потсетува дека еден лидер на ИСИС учествувал во напад на Нигер во 2017 година, во кој беа убиени четири американски Зелени беретки и четворица нигериски војници, вклучително и еден преведувач. /МИА

Десетици илјади луѓе протестираа низ Франција барајќи повисоки плати и мир

Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир по повод Меѓународниот ден на трудот.

Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите поворки во големите градови се вееја знамиња на различни синдикати и палестински знамиња.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец.

Според полицијата, група од 4.500 луѓе, со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози.

Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци се распоредени за да го зачуваат мирот, од кои 5.000 во Париз.

Моќниот синдикат ЦГТ упати апел против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир.

Водечкиот синдикат ЦФДТ ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците. /МИА

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

притисни ентер