Бектеши испрати писмо до Шаља

Тој очекува деновиве повлекување на забраната за извоз

Министерот за економија, Крешник Бектеши во писмо до неговиот косовски колега, Ендрит Шаља наведе дека очекува во текот на овие работни денови Косово да ја повлече Одлуката за забрана за извоз на компир и мед од државава, воведена пред една недела како одговор на нашата забрана за увоз на икра и рибен подмладок од оваа соседна држава, а поради недостаток на мониторинг на нивната состојба.

Во писмото, што го објави на неговиот Фејсбук профил, Бектеши укажува дека Македонија, може да дозволи увоз на рибен подмладок и икра, доколку косовските власти ги дадат сите потребни гаранции и доколку работните групи потврдат дека се воведени програми за активен и пасивен надзор на водните култури и дека се спроведени како што треба.

– По забраната што Македонија ја наметна на сите земји, вклучително и Косово, кои немаат мониторинг заради извоз на животни од аквакултура, како мерка предвидена од меѓународно воспоставените принципи за спречување ширење на болести на аквакултура, Агенцијата за ветеринарство и храна на Република Косово треба да обезбеди докази за нивно воспоставување. Воедно да спроведе соодветна програна за активен и пасивен надзор врз аквакултурата, како и дека тие вршат лабораториска анализа за бараните заболувања кај животните од аквакултура, наведува Бектеши во писмото, осврнувајќи се на состојбите и договорот по состанокот од пред три дена во Приштина.

Во случај ако надлежните органи на Република Косово ги обезбедат сите потребни гаранции, а наодите на работната група потврдуваат дека се воспоставени програми за активен и пасивен надзор на аквакултурата и соодветно се спроевдуваат, стои во писмото, АХВ на Македонија може да дозволи извоз од односното претпријатие за аквакултура, кое има право да извезува животни од аквакултура во Македонија.

– Врз основа на овој договор, очекуваме во текот на овие работни денови да ја повлечете Одлуката за забрана за извоз на компир и мед. Останувам на расчолагање за какви било дополнителни информации што може да бидат корисни во насока на олеснување на трговските односи помеѓу двете држави, наведува Бектеши.

На средбата во Приштина во вторникот Бектеши најави дека повторно ќе се овозможи увоз на икра и материјал за порибување од Косово тогаш кога ќе се достави целосната документација од Косово.

Според Бектеши, Косово ги прифатило аргументите на државава и кога ќе се утврди дека косовските институции работат согласно со програмата за мониторинг, забраните ќе бидат повлечени.

Како што објасни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, потребно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи.

– Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Македонија. Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој што се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија, рече Атанасов.

Официјалните податоци покажуваат дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири./МИА

Пленковиќ тврди дека има повеќе од 76 пратеници за состав на влада

Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и на техничката влада Андреј Пленковиќ по седницата на претседателството на партијата изјави дека има повеќе од 76 пратеници кои се подготвени да го поддржат.

На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ХДЗ го освои мнозинството мандати во Парламентот, но недоволно за сама да формира влада, па претходните денови имаше интензивни преговори за можни коалиции, а десницата Татковинско движење е најголемиот коалициски потенцијал на кој смета ХДЗ.

„Разговорите продолжуваат утре. Денеска имавме средба со сите колеги кои беа заедно со ХДЗ на листите на изборите, сите тие пратеници, а ги има шестмина, ми даваат силна поддршка како иден мандатар за состав на нашата трета влада“, рече Пленковиќ по вчерашниот состанок.

Тој најави дека денеска ќе се сретне и со претставници на националните малцинства, а потоа и со претставници на Татковинското движење.

„Работите во преговорите за формирање на парламентарното мнозинство и влада се движат во добра насока“, рече Пленковиќ.

ИДФ објавија слики и снимки од тенковите на преминот Рафа

Израелската војска (ИДФ) утринава објави фотографии и снимка како нејзините тенкови ја преземаат контролата врз палестинската страна од преминот Рафа во Појасот Газа, на границата со Египет, јави „Тајмс од Израел“.

ИДФ наведе дека преминот беше заземен за време на „прецизна операција“ против Хамас во „ограничени реони на источен Рафа“.

ИДФ додава дека имала „разузнавачки информации дека терористите го користеле местото на премин за терористички цели“.

Токму од областа на преминот Рафа вчера Хамас истрела ракети кон областа Керем Шалом, во јужен Израел, при што загинаа четворица војници, а други беа ранети.

Пред да ја почне операцијата, во текот на ноќта, ИДФ соопшти дека извршила „координација со меѓународните организации кои дејствуваат во областа, со барање да се движат кон хуманитарната област, како дел од напорите за евакуација на населението“, наведе „Тајмс од Израел“.

Тен Хаг по дебаклот со Кристал Палас: Ова е заслужен пораз

Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг се осврна на синоќешниот висок пораз во Лондон од Кристал Палас.

Домаќините во натпревар од 36. коло на Англискиот фудбалски шампионат славеа триумф со 4:0.

- Како Манчестер јунајтед, мораме да бидеме подобри. Играчите кои беа на располагање треба да се претстават подобро. Ова е заслужен пораз. Настапот не беше онаков каков што очекувавме. Не можеме да се фокусираме само на отсуството на Касемиро. Треба да се фокусираме на тимската игра. Мора да се поправиме во недела. Треба да учиме од овој натпревар и да се подобриме, изјави Тен Хаг за „BBC Sport“.

Манчестер јунајтед со 54 бода е 8. во поредокот во Премиер лигата, Кристал Палас има 43 бода на 14. место.

притисни ентер