ДКСК: Фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид

Фирма што е во сопственост на членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини или е во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, укажуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во врска со објавениот тендер за избор на фирма која треба ги руши дивоградбите во Охрид.

Во однос на информациите дека меѓу двете фирми кои доставиле понуди на тендерот е и фирмата во сопственост на Усеини, кој е сопственик и на пицеријата – дивоградба кај Чинарот во Охрид, од ДКСК укажуваат на ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица, што се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица.

Во соопштението ДКСК посочува на член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси каде е предвидено дека „службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство".

Во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања, ДКСК укажува дека фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на општинскиот Совет.

– Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи, се вели во соопштението од ДКСК.

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

Пронајдено 5-годишното девојче кое се оддалечило во паркот во Сарај

Пронајдено е 5-годишното девојче кое доцна попладнето исчезна во паркот во Сарај.

Детето, чие оддалечување од местото било пријавено нешто по 16 часот од нејзин роднина, било пронајдено по околу два часа во близина на трговскиот центар Сарај, инфомираат од МВР.

Претходно, од полицијата информираа дека се трага по девојче со руса долга коса, облечено во розово фустанче и розови чевли.

Фон дер Лајен: ЕУ требаше да ги послуша предупредувањата на Централна Европа за Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека требало да се слушаат што зборуваат земјите од Централна Европа за Русија и порано да се преземат „одлучни акции“.

- Мислам дека требаше подобро да ги слушаме земјите од Централна Европа. Тие имаат многу повеќе искуство со соседството на Русија. Можеби требаше да направиме нешто порано, како што предложија некои централноевропски земји. Денеска можеме да бидеме благодарни и задоволни што имаме толку силна Европа, која може да даде толку силен одговор на Русија, рече таа на прес-конференција во Брисел на прашањето што научи ЕУ од Полска во изминатите 20 години.

Претседателката на Европската комисија истакна дека 20-годишнината од големото проширување на ЕУ бил одлучувачки момент и гледајќи од денешна перспектива, суштински ја промени Европа и ја направи посилна, пренесува полската телевизија TV World. /МИА

притисни ентер