Донација од Британска амбасада: Тука сме, ѝ служиме на заедницата, си помагаме едни на други!

Британска амбасада Скопје се приклучува кон иницијативата на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски - „Волонтираме за солидарно општество".

Утрово дониравме 450 пакети со вкупно 6200 прехранбени продукти и продукти за хигиена за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Донацијата е направена во соработка со Црвен крст на Република Македонија, која е една од партнерските организации во рамките на оваа хуманитарна иницијатива. Доставата на овие пакети до граѓани кои се од најранливите социјално загрозени категории ќе се врши согласно протоколите за заштита и за превенција, а врз основа на искуството на Црвениот крст на Република Македонија.

При извршување на донацијата Британска амбасада Скопје ги почитуваше сите протоколи за безбедност пропишани и препорачани од Владата и од Светската здравствена организација, вклучително и физичка дистанца, проветрување, дезинфекција, миење раце и носење заштитна опрема (маски и ракавици).

Британија останува силен партнер на Република Македонија и продолжува да го гради и зацврстува долгогодишното пријателство.

„Тука сме, ѝ служиме на заедницата, си помагаме едни на други!" #ТукаСме #ЕдниЗаДруги, стои во соопштението од Британската амбасада.

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во Европската унија на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

притисни ентер