Хотелиерите очекуваат одлична туристичка сезона

Исполнетоста за празниците повеќе од половина.

Сместувачките капацитети на охридско-струшката ривиера за 1 Мај и Велигден се исполнети повеќе од половина, што не ги исполни очекувањата на хотелиерите, но тие очекуваат подобра туристичка сезона во однос на претходните години.

Првиот човек на Асоцијацијата на хотелиери - ХОТАМ, Крсте Блажески забележа дека најголем дел од домашните гости, празниците ќе ги поминат надвор од државата, а гостите од соседството и пошироко ги исполниле хотелските легла за околу 60 отсто.

- Немаме голема исполнетост од домашни гости. Тие отидоа надвор од државата, но тука се странските туристи иако не на очекуваното ниво. Не можеме да се пофалиме со исполнетост од 80 - 90 проценти. Бројката е значително помала од очекуваното, хотелите се исполнети околу 60 отсто, вели Блажески за МИА.

Зголемување на бројот на туристи очекува во текот на мај, што според него, навестува богата туристичка сезона.

- Бројките на сместување се зголемуваат после Велигден и очекуваме побогата туристичка сезона од лани. Од почетокот на годината до сега имаме многу повеќе ноќевања од минатата година. Очекуваме мај да биде еден од подобрите месеци, може да го споредиме со летите месеци во исполнетост, посочи Блажески.

[Само четири плажи во Струга и струшко имаат ангажирано спасители на вода, за поголема безбедност на капачите во водите на Охридското Езеро.]

За летните месеци, нагласи, дека веќе работат на исполнетост од 90 отсто со организирани тури, а останатите легла очекува дека ќе ги исполнат индивидуалните гости.

- Знаеме дека околу 2 август, една недела пред и една недела потоа, тешко е да се најде место. Ако некој планира во тој период да доаѓа во Охрид или Струга уште од сега треба да си резервира, напомена Блажески.

Заклучи дека туристичкиот секотр, пред се хотелиерството заздраве од корона кризата, кога беше драстично погоден.

- Го надминавме сето тоа и сме во една фаза во која треба да се работи на поголема стратегија и се враќаме на старите барања од 2017, 2018 и 2019 година, за зголемување на број на ноќевања, олеснувања на даночни обврски, намалување на ддв-то во однос на растот на секторот туризам кој носи полесни пари во државниот буџет, рече Блажески.

И годинава на охридско-струшкото карајбрежје најбројни се очекува да бидат холандските туристи, а нема да изостанат ниту гостите од Полска, Турција, како и од соседството. Но, сепак најголем како најголем проблем го хотелиерите го посочуваат патот од Скопје до Охрид, што е и причина српските туристи да го избегнуваат брегот на Охридското Езеро и годишните одмори ги поминуваат во соседна Грција.

Патник загина во силни турбуленции за време на лет, авионот принудно слета (ВИДЕО)

Сингапур ерлајнс го објави денешниот инцидент, кога авионот со 211 патници доживеал силни турбуленции и принудно слетал во Тајланд.

Сингапур ерлајнс го објави денешниот инцидент, кога авионот со 211 патници доживеал силни турбуленции и принудно слетал во Тајланд, а објавиле дека на летот починал 73-годишен маж од Велика Британија и изјавиле дека причината најверојатно е срцев напад.

Во овој инцидент биле повредени повеќе од 20 луѓе, а сега се појавија и видео снимки од леталото за време на турбуленциите.

На социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, се појави видео на кое се гледа како се тресе во авионот, а неколку секунди подоцна авионот буквално „пропаѓа“ што резултира со паѓање храна и работи од кабината.

Во тој момент еден човек од силината на турбуленциите буквално ја удира главата во таванот.

Еден од патниците рече дека авионот доживеал „драматичен пад“, што значи дека луѓето кои не носеле појаси „летале кон таванот“.

Сликите објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетување на таванот на кабината, како и храна, прибор за јадење и други остатоци расфрлани по подот по инцидентот.

„Летот SK321 на Сингапур ерлајнс, кој патуваше од Лондон Хитроу за Сингапур на 20 мај, наиде на сериозни турбуленции на пат. Можеме да потврдиме дека во авионот има повредени и една жртва. Сингапур ерлајнс изразува длабоко сочувство до семејството на починатиот. Нашиот приоритет е да им обезбедиме секаква можна помош на сите патници и членови на екипажот.“

Сервисот поскап од автомобил: Ролс Ројс чини 65.000, а за сервис се потрошени 73.000 евра

Половените луксузни автомобили можеби на почетокот имаат добра цена, но тие се јама без дно кога станува збор за одржување.

Веројатно сте фантазирале да купите малку постар премиум автомобил по изненадувачки ниска цена, посакувајќи да можете да возите во луксузен автомобил за многу помалку пари отколку што чини нов.

Како, на пример, овој „Rolls-Royce Phantom“ од 2004 година.

Наведен на 69.950 долари, изгледа како добра зделка за некој што планира да издвои толку пари за автомобил, со оглед на тоа што чинеше (тогаш) нов 320.000 долари, што е еквивалент на нешто повеќе од 531.000 американски долари денес кога ќе се земе предвид инфлацијата .

Љубителите на автомобили без сомнение ќе бидат воодушевени што ќе можат да возат таков луксузен автомобил со 6,8-литарски V12 мотор кој има 459 КС (338 kW).

Но, тој мотор, како и сите други луксузни карактеристики, се причина купувачот да се држи настрана од овој „Phantom“.

Затоа што кога нешто ќе тргне наопаку со едно од овие стари луксузни возила, трошоците за поправка се астрономски.

Во овој случај, како што покажува приложената фактура, дури 78.913,57 долари се потрошени на последниот сервис на автомобилот извршен во 2023 година!

Иако рекламата го истакнува ова како предност и показател за „внимателно одржување и внимание што е посветено на ова возило“, во реалноста тоа е сериозно предупредување за потенцијалните купувачи кои мислат дека добиваат луксузен автомобил за „мали пари“, освен ако тие се подготвени за трошоците за одржување.

Илјадници се собраа на испраќањето на иранскиот претседател, но помалку од очекуваното (ВИДЕО)

Илјадници луѓе се собраа денеска во Табриз за да ја оплакуваат смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерската несреќа во која загинаа и министерот за надворешни работи и седум други членови на делегацијата.

Илјадници луѓе се собраа денеска во Табриз за да ја оплакуваат смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерската несреќа во која загинаа и министерот за надворешни работи и седум други членови на делегацијата, но се чини дека немаше јавна жалост како некои претходни комеморации.

Државната телевизија емитуваше снимки во живо од толпата, многумина од нив облечени во црно, како се удираат во градите додека камионот со ковчег покриен со бели цвеќиња полека се пробива низ толпата.

Сепак, иако државната телевизија известува за голем број луѓе во Табриз, познавачите на ситуацијата во Иран го гледаат сосема спротивното од јавната жалост во споредба со претходните комеморации за смртта на други високи функционери во текот на 45-годишната историја на Исламската Република.

Иако Иран прогласи петдневна жалост за Раиси, емоционално наполнетата реторика што следеше по смртта на Касем Сулејмани, командантот на Револуционерната гарда кој беше убиен во американски ракетен напад во Ирак во 2020 година, беше отсутна. Неговиот погреб привлече огромна толпа луѓе кои плачеа и лелекаа од тага и бес.

Телото на Раиси ќе биде преместено во светиот шиитски град Ком, каде се планирани понатамошни обреди, а утре телото на поранешниот претседател ќе биде пренесено во Големата џамија Мосала во Техеран, каде што иранскиот врховен лидер Али Хамнеи ќе одржи молитва за Раиси и другите жртви на несреќата. Раиси ќе биде погребан во четврток во неговиот роден град Машхад во источен Иран.

Смртта на претседателот доаѓа во време на продлабочување на кризата меѓу верското раководство и иранското општество поради низа прашања, од заострување на политичката и социјалната контрола до економските проблеми.

Со цел да се врати одреден легитимитет по историски нискиот одѕив на парламентарните избори во март од само 41 отсто, иранските свештеници мора да дадат сѐ од себе за да ги привлечат луѓето на предвремените претседателски избори закажани за 28 јуни.

Но, Иранците сè уште болно се сеќаваат на бруталноста на исламскиот режим во задушувањето на протестите предизвикани од смртта на младата 22-годишна Махса Амини во притвор од полицијата, вклучувајќи масовни апсења и егзекуции.

Дополнително, раширеното незадоволство и гнев поради сѐ потешките услови за живот и распространетата корупција, исто така, ќе ги натера многу Иранци да останат дома.

Според Ројтерс, аналитичарите велат дека милиони Иранци изгубиле надеж дека владејачките мули и ајатоласи би можеле да ја решат тешката економска криза предизвикана од лошото управување, западните санкции и корупцијата.

И додека Иранците живеат сѐ потешко и потешко, светските медиуми пред неколку години нашироко пишуваа за огромното богатство што го поседуваат иранските мули и ајатоласи.

Написот на Форбс со наслов „Мула-милионерите“ ја открива сета алчност за моќ и пари на шиитските лидери по нивното доаѓање на власт во Иран, а се наведува дека само ајатолахот Али Хамнеи „тежи“ 95 милијарди долари.

Се вели дека иранските мули и ајатоласи собрале огромни милијарди врз основа на нивниот монопол над добротворните организации и верските светилишта, како и контролата врз целата иранска економија, банки, хотели, аптеки и бизниси.

притисни ентер