Колони возила и гужви откако мостот „Беласица“ од петокот е затворен за сообраќај

Сообраќаен хаос и гужви низ град веќе пет дена откако еден од најпрометните мостови за сообраќај е надвор од функција. 

Најголеми колони возила има во населбите Гази Баба и Аеродром кои се поврзуваат со мостот Беласица. Пожарот кој го зафати мостот го парализираше сообраќајот во овој дел од градот но хаосот се пренесе и на останатите булевари и улици посебно што токму преку него минуваа повеќето автобуси кои пристигнуваат во Скопје. Но до кога ќе остане вака и кога ќе биде пуштен мостот не се знае.

Мостот Беласица останува затворен за сообраќај и пешаци од петокот поради оштетувањата предизвикани од пожарот кој го зафати. Се додека работната група составена од професори од градежниот факултет не направи проценка колкави се штетите и каква санација му е потребна, од Град Скопје нема информација кога повторно би бил ставен во функција.

Засега како што изјави во тв интервју градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се знае само дека пожарот е предизвикан од човечки фактор. Сега се чекаат анализите од првите тимови кои излегоа на терен за да утврдат во каква состојба е мостот по што ќе се знае дали наскоро ќе биде пуштен во употреба или ќе се прави целосна санација, но во кој период би се завршило тоа Арсовска не одговори.

-Што се однесува до она кое Градот може да го направи, најпрвин треба да ги сочекаме анализите кои ќе произлезат, да ги видиме извештаите кои ЦУК и МВР ќе ги достават до градот и да почнеме со постапување. Пред да бидеме сигурни дали е или не е нарушена статиката, да се испита дали е безбедно за премин не можеме да дадеме поконкретни информации,- изјави – Данела Арсовска – Градоначалник на Град Скопје.

Како алтернатива на мостот „Беласица“ требаше да се користи мостот „Михајло Апостолски“ на булеварот АСНОМ, кој од населбата Аердром кај спортската сала „Јане Сандански“ излегува кај ТЦ „Ист Гејт“. Мостот се градеше во времето кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов. Остана единствено да се работи на пробивањето на трасата низ Ќерамидница. Но градежните работи се стопирани скоро две години. Арсовска кажа дека проблем биле нерасчистени имотно правни односи за околу 200 објекти на трасата, и рече градот почнал да ги решава споровите. Но, од Град Скопје нема информација до каде се постапките за екпсропријација, ниту пак кога се планира овој мост да се стави во функција.

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

Пронајдено 5-годишното девојче кое се оддалечило во паркот во Сарај

Пронајдено е 5-годишното девојче кое доцна попладнето исчезна во паркот во Сарај.

Детето, чие оддалечување од местото било пријавено нешто по 16 часот од нејзин роднина, било пронајдено по околу два часа во близина на трговскиот центар Сарај, инфомираат од МВР.

Претходно, од полицијата информираа дека се трага по девојче со руса долга коса, облечено во розово фустанче и розови чевли.

Фон дер Лајен: ЕУ требаше да ги послуша предупредувањата на Централна Европа за Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека требало да се слушаат што зборуваат земјите од Централна Европа за Русија и порано да се преземат „одлучни акции“.

- Мислам дека требаше подобро да ги слушаме земјите од Централна Европа. Тие имаат многу повеќе искуство со соседството на Русија. Можеби требаше да направиме нешто порано, како што предложија некои централноевропски земји. Денеска можеме да бидеме благодарни и задоволни што имаме толку силна Европа, која може да даде толку силен одговор на Русија, рече таа на прес-конференција во Брисел на прашањето што научи ЕУ од Полска во изминатите 20 години.

Претседателката на Европската комисија истакна дека 20-годишнината од големото проширување на ЕУ бил одлучувачки момент и гледајќи од денешна перспектива, суштински ја промени Европа и ја направи посилна, пренесува полската телевизија TV World. /МИА

притисни ентер