Македонката што возеше Мерцедес со 230 км/час со мало дете во автомобилот , оди во затвор

Австралијанката со македонско потекло , која и бегаше на полицијата во Мерцедес со брзина од 235 км/час , е осудена на година и пол затвор.

Минатиот ноември, 28-годишната Маргарита Томовска, позната на социјалните мрежи како „Мерцедес мама“ го возеше својот моќен мерцедес Е 63 С двапати побрзо отколку што смееше додека бегаше од полициска патрола , што се обидувала да ја запре. Пријавено е дека се движела дури и над 230 км на час. Да ги влоши работите, таа не беше сама во трката, туку заедно со нејзината тригодишна ќеркичка.

Адвокатот на обвинетата изјави дека Томовска била принудена да вози неодговорно , на што ја присилувал совозачот Кристопер Кинг. Тој додаде дека Кристопер е толку силен што на полицајците им биле потребни два комплети лисици за да го задржат при апсењето.

Судот не го прифати ова оправдување и ја осуди Маргарита на 18 месеци затвор.

"Може само да се замисли што би се случило кога би се судрила со полициското возило. Детето би летало со 150 км на час. Тешко е да се замисли поопасна полициска потера", ја коментирал судијата својата одлука.

Маргарита, инаку, е многу активна на социјалните мрежи каде често се фали со дизајнерска облека, луксузни автомобили и ексклузивни патувања. Дури и за судењето, таа се облече во колекција вредна над 10.000 американски долари.

Томовска вели дека не жали за целиот процес. Напротив, таа глумеше жртва и се обиде да собере 100.000 долари преку GoFundMe. „Знам дека не ме познавате, но не сум лоша личност“, ја започна својата приказна на GoFundMe. "Тие се лажговци и имаат нешто против мене без причина , а јас сум сигурна дека не сум единствената во ваква ситуација. Поради срамот што ми го направија, ми беа ограничени правата да ја гледам ќерка ми. “, напиша таа.

Во Кочани одбележана 119-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Со откривање на спомен биста на патронот во ОУ „Никола Карев“, во Кочани почна одбележувањето на 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста на која присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, беше нагласено дека по три децении од преименувањето, училиштето добива соодветно спомен обележје што ќе го краси училишниот двор.

- Во 1993 година нашето училиште се одделило од друго основно училиште со кое заеднички носеле име на револуционер од југословенското минато. Во таа учебна година го добило сегашното име и имало многу време и простор да се постави обележје на патронот, но токму денеска, нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.

Учениците и наставниците од ОУ „Никола Карев“ организираа свечена програма со која го одбележаа патрониот празник, а признанија им беа оддадени на сите соработници, поддржувачи и вработени кои во изминатиот период дале придонес во унапредувањето на условите за настава.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, денеска претставници од општините од регионот и од граѓански здруженија го посетија спомен паркот во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, каде загинал револуционерот. Исто така, почит на великанот му беше на оддадена со положување свежо цвеќе на спомен обележјата во Паркот на Револуцијата во Кочани и кај селото Тркање.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

притисни ентер