Мицкоски: Повикувам на македонско национално единство,запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО - демократска партија за македонско национално единство. 

Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.

Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.

Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.

„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Ред Бул најавија заминување на Њуи на почетокот на 2025 година

Австрискиот Формула 1 тим Ред Бул и шефот на техничкиот оддел Адријан Њуи се договорија да ја прекинат соработката.

Стручњакот ќе го напушти тимот на крајот од оваа сезона, во првиот квартал од 2025 година. Адријан има намера да се фокусира на развојот на првиот хиперавтомобил на Ред Бул, RB17.

Њуи е во Ред Бул од 2005 година. Новото место на работа на специјалистот сè уште не е објавено. Претходно се зборуваше дека може да се приклучи на Ферари.

Ред Бул е на првото место во шампионатот на конструктори со 195 бодови. Ферари е на второто место со 151 бод. /МИА

СДСМ: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци

Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес.

За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.

Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро.

Центар за комуникации на СДСМ

Рекорден број мигранти го преминале Ла Манш во првите четири месеци од годинава

 Бројот на мигранти кои пристигнале во Велика Британија откако го преминале ла Манш достигна ново рекордно високо ниво за првите четири месеци од годинава, и е зголемен за 27 проценти во однос на 2023 година.

Вкупно 7.567 луѓе го преминале каналот до април, покажуваат привремените бројки на британското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Ова е за 27 проценти повеќе од бројот на пристигнувања регистрирани во првите четири месеци од минатата година (5.946) и зголемување од 13 отсто во споредба со бројките регистрирани за истиот период во 2022 година (6.691).

Вкупно 268 луѓе вчера пристигнале во Велика Британија со пет чамци, а преминувањата продолжуваат и денеска.

Околу 2.132 луѓе патувале со 42 чамци во април, што укажува на просечно 51 лице по пловило минатиот месец.

Ова е повисоко од просекот за март – 48 луѓе по чамец – но пониско од врвот што изнесувал 56 луѓе по брод во септември 2023 година./МИА

притисни ентер