Милена Стевановиќ : За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија, услови за навремена дијагностика и превенција

На трибината на тема „Агенда - Здравство 20 - 24" во Куманово, зборуваше и Милена Стевановиќ – член на Комисија за здравство и директорка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби .

Милена Стевановиќ, како што е наведено во соопштението на СДСМ, даде осврт на успешните здравствени услуги кои Владата предводена од СДСМ ги воведе и реализираше, а се однесуваат на женското здравје.

Како посебно значајни таа ги истакна новиот Закон за прекинување на бременоста, преку кој се прецизираат условите под кои бременоста може да биде прекината но и даваат целосна слобода на жената во одлучувањето. За поздрав е и фактот дека имаме двојно намалување на смртноста на предвремено родените бебиња.

Таа се осврна на бројните мерки кои се направени во однос на превенција, дијагностика и третманот на малигните заболувања. Од особено значење е што на едно место може да се направи ехо, мамографија и магнетна резонанца, а тоа го имаме веќе и во Центарот за дојка во Клиничка болница во Битола, а наскоро таков центар ќе имаме и во Тетово. Како дел од пакетот подобрувања во здравствениот систем се и двојно читање на мамографски слики, од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти,потоа бесплатни ортоперски градници и психолошка поддршка за онколошки пациенти.

За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Набавена е иновативна, биолошка терапија, што претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка -посочи Стевановиќ.

Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување.

Таа од посебно значење го истакна и тоа дека за прв пат после 40 години , комплетно е реновиран хируршкиот блок на специјалната гинеколошка болница во Чаир и ставањето во функција на три центри за згрижување на жртвите од сексуално насилство во Скопје, Куманово и Тетово,с е наведува во соопштението на СДСМ.

ЕП започна кампања за поттикнување на излезноста на Евроизборите

 Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите. 

Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.

Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одѕивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година. На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка Брегзитот, одѕивот беше 50,62 проценти.

Во фокусот на кампањата се ставени историјата на демократијата во Европа, руската инвазија врз Украина и антидемократските трендови на континентот, со потсетување на искуствата на Европејците со диктатурте и војните, Холокаустот, Прашката пролет од 1968 година, падот на Берлинскиот ѕид, па се до и достигнувањата на европскиот мир.

- Демократијата е во опасност. Искористете го вашиот глас или другите ќе одлучат наместо вас, повикува Европарламентот.

За спроведување на оваа кампања Европскиот парламент издвои буџет од 37 милиони евра, што претставува 0,08 евра по глава на граѓанин на ЕУ со право на глас на Евроизборите.

Својата последна предвидена пленарна седница во сегашниот состав Европскиот парламент ја одржа минатата недела. /МИА

Почнаа првите проби за 68. издание на Евровизија

Почнаа првите проби за 68. издание на Евровизија. Клипови од првите проби може да се видат ексклузивно на официјалниот евровизиски профил на ТикТок, а фотографии на официјалната веб-страница на музичкиот натпревар.

Сите 37 песни што ќе учествуваат на натпреварот може да се слушнат и видат на евровизискиот канал на Јутјуб.

Годинава, натпреварот ќе се одржи во Малме, Шведска. На 7 и 9 мај ќе се одржат двете полуфиналиња, а големото финале е на 11. истиот месец.

Во моментов, според обложувалници на интернет, најмногу шанси за победа имаат песните на Швајцарија, Хрватска, Холандија, Италија и Украина. /МИА

Отфрлена тужбата против Стивен Тајлер за сексуални напади на тинејџерка

Американскиот Федералeн суд на Њујорк го отфрли обвинението против пејачот на „Аеросмит“, Стивен Тајлер, за сексуална злоупотреба на тинејџерка.

Познатиот рокер беше обвинет за нешто што наводно се случило 1975 година кога двапати сексуално ја нападнал Жана Белино, која тогаш имала 17 години, а Тајлер - 27 години. Судијата Луис Каплан изјави дека тужителката која тврди дека пејачот сексуално ја нападнал, не може да бара отштета според законите на Њујорк.

Судот смета дека е залудно да се поднесе и изменета жалба и со тоа трајно го отфрли случајот.

Образложението вели дека случајот не може да се толкува ниту по двете неодамнешни државни регулативи - Законот за возрасни жртви и Законот за деца жртви. Судијата рече дека првиот ги опфаќа само луѓето кои имале најмалку 18 години кога станале жртви, а вториот не ги опфаќа барањата поднесени по август 2021. Белино ја поднела својата тужба во ноември 2023 година.

Стивен Тајлер ги одрече обвиненијата, т.е. наводите дека ја нападнал тужителката во телефонска говорница додека неговите пријатели се смееле во близина и дека ја малтретирал во хотелска соба истиот ден.

Жана Белино, која во тоа време била млада манекенка, тврди дека го запознала Тајлер по модна ревија на Менхетен. Инаку, Тајлер се брани и од тужба во Лос Анџелес, каде што можната жртва Џулија Мисли тврди дека тој сексуално ја нападнал во 1973. кога таа имала 16, а тој 25 години. /МИА

притисни ентер