Минарето на Алипашината џамија ни покажа зошто Охрид го „губи" статусот во УНЕСКО

Kонзервирање и реставрирање на Алипашината џамија во чаршијата во срцето на Охрид покажа пластично зошто Охрид и регионот се под закана да бидат ставени на листата на УНЕСКО како загрозени културни и природни реткости

Токму нашироко образложуваното конзервирање и реставрирање на Алипашината џамија во чаршијата во срцето на Охрид покажа пластично зошто Охрид и регионот се под закана да бидат ставени на листата на УНЕСКО како загрозени културни и природни реткости.

Тој пример е прототип на се она што му се случува на градот последните три денцении. Институциите задолжени за спроведување на законите и за контрола на начинот на кој се гради во градот во најмала рака премолчуваат при среќавање со дивоградби. Тука премолчувањето е најмалиот грев, како најниска категорија недозволени активности, споредбено со поголемиот грев кога други институции „шуруваат" со оние што градат на диво, давајќи им одредени дозволи, но никогаш целосна документација, на тој начин обидувајќи се да се покријат со некакви изговори дека се е според законите.

Како пример, одредена институција дава одобрение за некаква градежна интервенција, но не дава дозвола за градење, што треба да ја даде друг субјект. Трета институција задолжена за постапување при неправилности премолчува или во крајна линија не може да најде решение за да урива затоа што и двете институции што претходно се изјасниле по оспоруваниот објект се донакаде во право. Кога тука ќе се вмеша и политиката тука спас нема, освен да се решаваат проблемите откако ќе е веќе предоцна, преку разговор што би се рекло и со договор на сите страни.

Така и бидна и со Алипашината џамија, проект што доби уредна дозвола за конзервација и реставрација, но не и за градење. Додека институциите се пренемагаа по медиумите и пред јавноста дали и за што се надлежни, која од нив треба да постапува, што да се прави, минарето секојдневно одеше се поблиску до Алах. Испадна според „јавната тајна" оти е испазарено минарето да не се доградува до најавените 32 метри ниту да се урива, туку да се изгради до 25 метри височина. Така и најверојатно ќе биде оттаму што веќе на него се поставува горната купола.

Да се потсетиме дека и изградбата на оспоруваниот хотел во Лагадин е запрена, но откако доби на габарит и е веќе над пет ката. И сега стои објектот како карабина, на него не се работи, така што најверојатно ќе мора да биде најдено соломонско решение, да не се урива целосно, туку да се даде некоја помала висина. А и доколку биде урнат, сопственикот веројатно ќе треба да биде обештетен затоа што тој имаше потребна документација за градење. Да не се заборави дека за тој објект да ја добие неопходната документација беше сменет Урбанистичкиот план со Општ акт, како документ од пониска инстанца, само за да се задоволат нечии интереси. Потоа се испадна како што испадна, виновен си остана самиот сопственик, кој сега е во небрано само затоа што заборавил во определениот рок да ги извести надлежните за почеток на градење. Другото се остана дека е по закон.

Универзитетскиот комплекс на „Плаошник", исто така беше проект што далеку по габарит ги надминуваше дозволените висини во Старото градско јадро. За потсетување, токму поради тој објект беше свикана и комисија на УНЕСКО која излезе на терен и по нивна интервенција габаритот на објектите во рамки на комплексот мораа да бидат во голема мера намалени, на ова што сега постои и, според многумина, и како такво е преголемо за тој простор.

За потпокривите во Стариот дел на Охрид веќе е излишно да се зборува затоа што со години наназад никој не реагираше додека секојдневно се менуваше препознатливата Стара градска архитектура.

Посочените примери, и ред други за кои јавноста воопшто не дознала затоа што не биле медиумски третирани, a што им се добро познати на охриѓани, се причините зошто УНЕСКО предлага Охридскиот регион да биде ставен на листата загрозени природни и културни реткости./МИА.

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“.

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“, вака градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го отвори културно-музичкиот настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ по повод роденденот на најпознатиот македонски драматург.

Во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. Присутните ја проследија промоцијата на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф- др. Иван Додовски, и уживаа во изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн. Градоначалникот Герасимовски на синот Игор Стефановски му врачи карикатура со ликот на Горан Стефановски во чест на неговите безвременски дела со кои пренесуваше универзални пораки за сите граѓани.

„Во чест на денот на раѓањето на бардот на македонската драма Горан Стефановски денеска повторно уживавме во неговите драми. За потсетување на сите нас и за оставање траен белег на едно прекрасно време, Општина Центар и јас како Градоначалник, сакавме да оставиме видлива трага преку создавање мини културни простори под ведро небо што ќе се користат за промоција на младите и неафирмирани уметници. Овие културни сцени што ќе никнуваат низ Центар, збогатени со мурали и графити, ги изразуваат поддршката и трудот што Општината ги вложува во областа на културата. Чест ми е што првото центарско ќоше ќе го носи токму името на легендата од Дебар Маало – Горан Стефановски. Кога ќе поминеме низ Боемска улица, верувам дека секој еден ќе го сврти погледот и ќе се потсети на славните реплики од неговите драми. Можеби овој агол е мал, во споредба со големината на целокупното негово творештво, ама сигурен сум дека ќе влијае врз уметноста во нашето Скопје.“, рече денеска Герасимовски.

На настанот граѓаните можеа да го видат и надополнетиот мурал на Горан Стефановски со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Со овој настан, со кој Општина Центар им оддава признание на најдобрите меѓу најдобрите, нека биде поттик за сите, заедно да создаваме трајни културни вредности што ќе станат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет.

Нов кикс на Ливерпул, сè подалеку од титулата

 Во првиот натпревар од 35. коло на англиската Премиер лига немаше победник, во Лондон Вест Хем и Ливерпул одиграа 2-2.

Мохамед Салах во игра влезе дури во 79. минута од натпреварот. Непосредно пред да влезе на теренот, египетскиот фудбалер влезе во вербална расправија со тренерот Јирген Клоп, веројатно незадоволен што доби шанса на крајот за да го „спаси денот“.

На последните четири првенствени натпревари Ливерпул забележа само една победа, со едно реми и два порази и е сè подалеку од шампионската титула,

Арсенал води на табелата со 77 бодови од 34 натпревари, пред Манчестер сити со бод помалку и натпревар помалку. Ливерпул остана третопласиран со 75 бодови од 35 натпревари.

Две лица се повредени во пожар во фабрика за ракетни погонски системи во близина на Белград

Двајца работници се повредени денеска, од кои едно потешко, во пожар во фабрика за погонски системи за ракети „Еде про“ во Лештани кај Белград, јави Радио-телевизија на Србија (РТС).

Пожарот избувнал на валјакот на фирмата „Еде про“.

Засега не се знае степенот на повредите.

Пред три години се случи експлозија во магацин со ракетно гориво, при што загинаа двајца работници, а 16 други беа повредени.

Во експлозија во ноември 2008 година, три лица беа повредени, од кои едно потешко, а две полесно.

Потоа експлодираше смесата за полнење против градежна ракета, покривот на објектот беше урнат, а околни објакти беа оштетени.

Компанијата се занимава со производство на делови за ракети, ракетни турбомотори и гориво.

„Еде про“ се занимава со истражување, развој, производство, трговија и модернизација на сегашно оружје и одбранбена опрема, но и за цивилни потреби.

Истрагата е во тек.

притисни ентер