МЗ: Нема место за паника, подготвени сме за евентуални интервенции

Министерството за здравство заедно со Комисијата за зарази болести ги дефинира чекорите кои што превентивно ќе бидат преземени во случај на појава на корона вирусот. 

Активирање на термалната камера на аеродромот за проверка на патниците кои доаѓаат од овој регион, активирање на специјална изолациска соба на аеродромот со лекарска екипа за прегледи на сомнителни случаи и телефонски број на којшто патниците со симптоми на грип ќе може да бидат контактирани за следење на состојбата. Ова се приоритетните чекори коишто на одржаниот состанок на Министерот за здравство д-р Венко Филипче со Комисијата за заразни болести беа договорени.

„Нема простор за паника, затоа што ние немаме директна комуникација и директни летови со овој регион и патниците што патуваат од овие делови се веќе неколку пати скенирани на другите аеродроми. Станува збор за вирус што има слични симптоми како грипот, може да помине со лесна, средна форма но исто така и тешка форма. Ние сепак преземаме мерки на превенција и веќе од утре за летовите од Истанбул и Дубаи кои што имаат врска со овој регион, патниците ќе се скенираат со термална камера. Според последната оценка нашиот аеродром е евалуиран на највисоко ниво и ги задоволува стандардите за детекција и рана изолација доколку се наиде на сомнителни симптоми. На самите аеродроми ќе бидат активирани и соби со лекарски екипи кои што ќе прават преглед. Со оглед на тоа што е сезона на грип се очекува дека ќе има и доста лажно позитивни резултати кои ќе бидат пуштани на домашно лекување и за овие случаи од утре ќе биде достапен телефонски број на којшто ќе може да ја пријават секоја промена на сопствената клиничка слика и ќе бидат упатени каде да се јават за понатамошна опсервација или интервенција со цел да не одат на матичен лекар. На тој начин секој можен и потенцијален случај се става под контрола на движење. Сите други пациенти кои што имаат симптоми ќе го следат нормалниот процес. Министерствата за здравство има алгоритам на движење и дејствување односно лекување доколку е потребна изолација и карантин. Во однос на реагенсите, има неколку типови корона вирус во овој момент ги имаме потребните реагенси за четири типови и во текот оваа недела најдоцна до петок ги очекуваме останати реагенси за сите корона вирус типови а во однос на другите капацитети сме целосно спремни“, изјави министерот Венко Филипче.

На телефонскиот број треба да се јават исклучиво лицата кои што ќе допатуваат со лет од Истанбул и Дубаи. Министерството за здравство и клиниките од претходните искуства со ебола и сарс вирусите имаат воспоставено протокол и искуство за реагирање во слични ситуации.

“Македонија ги следи препораките од Светска здравствена организација во делот на превентивен надзор на лица кои што доаѓаат од Кина, дијагностика на сите сомнителни случаи, лекување и трансфер од местото каде што во моментот се хоспитализирани. Кај овие лица ќе имаат посебен третман, посебен надзор со термална камера и кај оние кај кои што ќе се покаже сомнение од зголемена температура, екипа од аеродромот ќе разговара и ќе ги интервјуира во соодветна облека и доколку се покаже дека имаат каква било симптоматологија ќе бидат тргнати во изолација. Другите без никаква симптоматологија ќе бидат упатени дома, меѓутоа ќе им биде даден телефонски број во случај на зголемување на симптоматологија поврзана со респираторно заболување, да се пријават. Она што е за нас битно дека епидемиолошката служба е ставена во целосна приправност, Инфективната клиника со сите свои капацитети може да одговори на овој предизвик,” изјави д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Министерството за здравство има направено набавка на потребните реагенси, Инфективната клиника е опремена со соодветна опрема и скафандери за заштита на лекарските екипи а има воспоставено е детален протокол односно алгоритам на движење за безбедно изолирање на сомнителните случаи.

ЕУ изрази загриженост поради ирачкиот Закон кој предвидува затворски казни за истополови односи

Европската Унија изрази загриженост поради усвојувањето на измените на ирачкиот Закон со кој се предвидува затворска казна во траење од 10 до 15 години за лицата кои се впуштаат во консензуални истополови односи. 

Во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се посочува дека со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, што Ирак го ратификуваше уште во 1971 година, предвидува дека со законите ќе се забранува каква било дискриминација и ќе се гарантираат еднаква и ефикасна заштита за сите лица од дискриминација по која било основа.

- ЕУ ги повикува ирачките законодавци да ги почитуваат меѓународните обврски на Ирак за човекови права и ефикасно да го имплементираат членот 14 од ирачкиот Устав, кој забранува дискриминација врз основа на потекло, религија, припадност на малцинска заедница и од други причини, се наведува во реакцијата.

ЕЕАС посочува и дека ЕУ ќе продолжи да презема активности на глобално ниво за да ги спречи и осуди сите форми на дискриминација, залагајќи се за почитување на принципите на различност, еднаквост и инклузивност како „основни принципи на праведните општества“.

Со новините во ирачкиот Закон против проституција од 1988 година, се предвидуваат затворски казни од 10 до 15 години за одржување хомосексуални односи, но и за размена на сексуални партнери во хетеросексуалните врски (свингинг). Казни се предвидени и за секој маж „чие однесување се смета за женствено“, како и седум години затвор за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, како и „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова трансформација.

Инаку, овие законски измени се сметаат за „поблаги“, имајќи пред вид дека во првичниот предлог за хомосексуални односи се предвидуваше смртна казна.

На усвојувањето на измените на Законот уште вчера реагираше организацијата Амнести интернешанл, која го оцени како „кршење на основните човекови права“ со што „се загрозуваат Ирачаните, кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Во Извештајот за состојбата со човековите права во Ирак за 2022 година на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч се посочува дека ирачкото општество „ја отфрла хомосексуалноста“, како и дека припадниците на ЛГБТ+ заедницата често се цел на „киднапирања, силувања, тортура и убиства“ од страна на вооружени групи кои остануваат неказнети за ваквите злосторства. /МИА

Минесота го исфрли Феникс од НБА плеј-офот

Минесота рано утрово го совлада Феникс со 122:116 на гостински терен во четвртиот натпревар од серијата од првото коло на плејофот во НБА.

Тимбервулвс со максимални 4:0 ги совладаа Санс и обезбедија пласман во четвртфиналето во разигрувањето за шампионскиот трофеј.

Најефикасен играч на средбата беше Девин Букер со 49 поени, но и тоа не беше доволно домаќините да го избегнат поразот.

Следен противник на Минесота ќе биде победникот од мечот Денвер нагетс – Лос Анџелес лејкерс (резултатот во серијата е 3-1 во корист на Нагетс). /МИА

Јанкоски од Народната банка: Работиме на нова регулатива за јакнење на киберотпорноста

Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. 

Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

Клучните области коишто се опфатени со Законот за дигиталната оперативна отпорност се управувањето со ИТ-ризикот, управувањето со ризикот од пренесување на извршувањето оперативни функции или услуги од надворешни лица и нивен надзор, тестирањето на дигиталната отпорност, управувањето со ИТ-инциденти, споделувањето (размена) информации итн. „Законот создава регулативна рамка и воведува стандардизирани и хармонизирани принципи за заштита од заканите од дигиталниот простор, коишто треба да бидат исполнети од институциите во финансискиот сектор со примена на потребните контроли за заштита, соодветно управување со сигурносните инциденти и нивно пријавување до надлежните тела во земјата и ЕУ. Како новитет се воведува барањето за спроведување тестирање на дигиталната отпорност, во согласност со кое финансиските институции треба да спроведуваат редовни тестирања на своите ИТ-системи и услуги, за што треба да се известат и регулаторните органи. Исто така, со Законот се воспоставува рамка за соработка и комуникација помеѓу институциите во секторот, домашните и меѓународни надлежни тела и други учесници со цел да се унапреди оперативната отпорност“, пишува Јанкоски.

Поради засиленото присуство на банките на современите канали, дигитализацијата на банкарските производи и услуги и постојаниот пораст на ризиците поврзани со заканите во дигиталниот простор почнувајќи од 2003 година, Народната банка активно работеше на дефинирање на потребната регулатива во подрачјето, којашто постојано се надградува во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ.

притисни ентер