Нов мурал во Скопје, почнува 19. АКТО Фестивал за современи уметности

 Почнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, кој ќе се одвива во текот на целата година во организација на здружението Факултет за работи што не се учат - ФРУ. 

Ќе бидат промовирани повеќе мурали на кои работат тројца млади уметници, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата.

Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр.33, на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, спроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“. Муралот денеска ќе биде промовиран, а на него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.

Како што информира Здружението Факултет за работи што не се учат - ФРУ, на зградата бр.33, на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беа во разрушена состојба.

- Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието - тие коишто се упатени кон (или пак заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“, се вели во соопштението.

Наведуваат дека оваа порака е од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) и се упатува кон многуте заедници кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството.

Според нив, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење.

Новото 19-то издание на АКТО, како што соопшти организаторот, продолжува на линија на минатогодишното издание на АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“. Во рамки на фестивалот се предвидуваат повеќе настани во земјава и во странство.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

Велика Британија го повика на разговор рускиот амбасадор поради „злонамерни активности“

Британското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот амбасадор во Лондон по наводите за сомнителни и злонамерни активности на Русија на територијата на Велика Британија.

„Велика Британија и понатаму е длабоко загрижена поради наводите за руска злонамерна активност на наша почва, како и моделот на однесување на Руската Федерација за спонзорирање на такви активности на територијата на други, суверени држави“, се вели во соопштението.

Велика Британија повика на „итно запирање“ на ваквите активности и рече дека ќе продолжи да работи со сојузниците за одвраќање и одбрана од „спектарот закани кои доаѓаат од Русија“.

Одлуката доаѓа откако Британец беше обвинет за „вршење непријателски активности во Обединетото Кралство во корист на Русија“, соопшти вчера британското обвинителство (ЦПС).

ЦПС наведе дека Дилан Ерл е обвинет според Законот за национална безбедност од 2023 година, што е прв случај на обвинение според оваа законска регулатива.

притисни ентер