Османи останува на ставот за Отворен Балкан

Османи останува на ставот за Отворен Балкан, ќе ја информира Владата а таа ќе реши дали да излеземе од оваа иницијатива.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат на Европскиот фронт, денеска повтори дека останува на ставот за иницијативата Отворен Балкан, и дека ќе ја информира Владата по однос на околностите на случајот Бањска, а Владата ќе процени и ќе реши дали тоа оди спротивно на основниот принцип на иницијативата.

-Јас кажав кои беа основните цели на Отворен Балкан, дека тоа беше една иницијатива на Албанија поддржана силно од САД. Значи, немало разговор којшто сум го имал со САД, а да не не’ охрабрувале за да ја поддржиме таа иницијатива, бидејќи имаше две цели – едно помирување, второто беше ослободување на економскиот потенцијал на регионот заради административните бариери. Мојот став беше само по однос на првиот столб на иницијативата – помирувањето, бидејќи тоа што се случи во Бањска оди спротивно на основниот принцип на двата столба што ние сме ги прифатиле. Јас ќе ја информирам Владата на првата затворена седница бидејќи сепак цела информација е од доверлив карактер што се случува таму, кој се бил инволвиран и Владата после нека процени дали се исполнети двата услови. Јас мислам дека Отворен Балкан ги има тие предуслови – помирување што значи меѓусебно почитување, економски потенцијал и се разбира да биде инклузивно, да бидат сите шест (земји од регионот). Така што, мојата улога како министер е тоа да ја информирам Владата, а после Владата ќе реши, рече Османи на новинарско прашање дали стоите уште на ставот дека земјава треба да излезе од Отворен Балкан и дали поднел веќе таков предлог до Владата пред средбата во Стопанската комора во рамки на неговите изборни активности како претседателски кандидат на Европскиот фронт.

На прашањето дали очекува дека Отворен Балкан ќе ги смири тензиите меѓу Косово и Србија, со оглед на тоа што со години други меѓународни институции не можеа тоа да го постигнат тоа, Османи, вели ќе ја поддржи секоја иницијатива за затворање на тој спор.

-Јас се надевам дека Косово и Србија ќе ги смират односите бидејќи тоа е многу важно за нас. Како министер за надворешни работи, како иден претседател најважна работа ми е безбедноста на државата и на граѓаните. Ако нема мир и безбедност во регионот, нема да има безбедност и кај нас. Затоа ми е исклучително важно да се затвори тоа прашање со меѓусебно признавање и сите држави од регионот да станат членки на ЕУ. Тоа е предуслов за да и ние имаме предвидливост, мир, стабилност итн. И ќе поддржам секоја иницијатива за затворање на тој спор, а позицијата на државата е дека треба да има меѓусебно признавање меѓу двете држави и европска иднина.

Во однос на коспонзорството за резолуцијата за геноцидот во Сребреница во ОН и реакциите што ги предизвика особено во Србија, и прашан дали ова ни е потребно со оглед дека според анкетите македонските граѓани гледаат најголем пријател во Србија, Османи вели дека е шокиран оти се дебатира за ова прашање.

- Јас сум шокиран од реакциите. Тоа е како Германија да реагира затоа што ние го осудуваме тоа што се случи во холокаустот. Тоа е како да кажам да ние анализираме дали ќе се нарушат односите врз основа на тоа дали се осудува или не геноцидот. Што зборуваме? Дали се слушаме што зборуваме? Осудуваме геноцид, убиство на осум илјади цивили во еден ден. Зар ќе правиме дебата во оваа држава дали е тоа добро или лошо, дали требало да се прави или не, дали треба да се осуди или не. Каква е таа дебата? Јас сум шокиран. Јас очекував Србија прва таа да гласа за да го тргне тоа бреме од себе. Не смееме да дозволиме, не смееме да имаме прашање за тоа дали размислуваме за односите помеѓу државите врз основа на тоа како го оценуваме геноцидот. Па зар ние како држава уште имаме дилеми дали осудуваме геноцид или не. Тоа не е прашање на односи, тоа е универзална човечка должност да осудите, одговори Османи.

По однос на реакцијата на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, зошто ние ја покренуваме оваа резолуција, Османи вели дека потегот е втемелен на тоа што ние сме држава која што промовира толеранција и меѓуетничка хармонија.

-Ние станавме пример во регионот и пошироко што значи функционална мултиетничка демократија, што значи да живееме, да работиме заедно за една цел и ако ние тоа не го промовираме кој друг ќе го промовира. Секаде каде што има судска одлука ние тоа ќе го осудиме. За Сребреница има судска одлука на Меѓународниот суд на правда којашто вели таму се случил геноцид. Нема разговор после тоа. Навистина сакам да ги сретнам тие луѓе физички коишто ми велат зошто осудивме геноцид. Каква е таа дебата, каков е тој дијалог? Не смееме ниту да го дозволиме тоа. Исто како да кажеме зошто го осудуваме холокаустот. Не го осудуваме ние холокаустот, ниту српскиот народ, ниту Србија. Има конкретни одлуки од страна на Трибуналот, тие луѓе се осудени и тие не смееме да ги глорифицираме. Не смееме да го одрекуваме, кажа Османи.

Порано неделава, Османи изјави дека како министер за надворешни лично одлучил државава да биде една од земјите иницијатори и автори на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Република Македонија, како што кажа, е меѓу 17 држави заедно со САД, Германија, Италија, Велика Британија кои ја коспонзорираат резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година. Консултациите за нацрт резолуцијата која се покренува во пресрет на одбележување 30 години наредната година, започнаа на 17 април во ОН, а за неа ќе се одлучува на Гебералното собрание на светслата организација на 2 мај.

Стојаноска: Народот на ДУИ и СДС им порачува дека им е преку глава од нивниот криминал

Доаѓа нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нов претседател Гордана Силјановска Давкова.

На Стево и на Таче им се случи народ. Им се случи казна за нивната неработа и за нивното молчење пред криминалите на Али и Артан Груби. Затоа, од срце му честитам на Тетово за победата на 24 април и сум убедена дека на 8 мај ќе се случи уште повеќе народ и уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата Твоја Македонија и за професорката Гордана Силјановска Давкова, изјави носителката од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица шест, Дафина Стојаноска на митингот во Тетово.

Таа истакна дека СДС и ДУИ 7 години наназад имаа слух само за себе и за своите, никогаш не го слушаа народот.

- Народот ви порачува дека сте му дојдени преку глава. Дека не може да ве трпи. Дека излезе да ве казни. Дека уште повеќе ќе ве казни. Дека заслужувате бетер. Дека ќе ви наплати за сите украдени пари, за сите иселени деца, за сите измалтретирани пензионери, за сите нерасчистени криминали, за сите недолжни жртви заради вашата негрижа и неодговорност, рече Стојаноска.

Стојаноска посочи дека додека ВМРО-ДПМНЕ жестоко критикуваше и предупредуваше за криминалите на ДУИ, додека Ковачевски се задоволуваше со некое ситно процентче што ќе му го доделеше Артан Груби, а народот плачеше и трпеливо го чекаше овој момент.

- Ќе ги казни народот на Македонија за сите солзи, за сите гладни и опљачкани, за сите потценети и навредени од нивната ароганција и алчност. Ќе ги казни, за сите буквално избркани од родните огништа, затоа што избегаа што подалеку од Али-Таче-Артан холдингот, затоа што им ги срушија темелите на домовите и на државата, ама им ги срушија и соништата. Илјадници млади деца се иселија, ама илјадници и милиони се испокрадоа, потенцираше Стојаноска.

Стојаноска нагласи дека време е за последниот и најсилен удар за ДУИ и СДС и ги повика тетовчани на обединување на 8 мај.

- На 8 ми мај народот доаѓа по своето. На 8 мај нема уценети и поткупени. Никој повеќе не им се плаши, ниту ги сака нивните гнасни пари. Нема повеќе сила, ниту пара, која ќе го сокрие криминалот на ДУИ и СДСМ. Време е за слобода и правда. Време е за нов претседател на Република Македонија и за нова влада, изјави Стојаноска.

Ковачевски: СДСМ била, е и ќе биде силна партија која не се откажува кога е најтешко

На вечерашниот митинг во Радовиш, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, им порача на присутните дека она што нив ги прави вредни како луѓе се единството и солидарноста, но и праведноста и подадената рака.

,,СДСМ покажува и докажува дека е најсилната партија во Македонија. Партија која не се откажува кога е најтешко. Партија која не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки. СДСМ, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 година го доби статусот земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на Груевски, кој го блокираше патот на Македонија кон демократско и интегреирано евро-атланско општество. Со СДСМ, Македонија стана рамноправна членка на НАТО. СДСМ заедно со граѓаните Македонија ги отпочна преговорите со ЕУ. И затоа кога СДСМ ќе каже нема откажување, тогаш навистина нема откажување по било која цена“, посочува Ковачевски.

Тој додава дека е целосно свесен за пропустите што како влада ги правеле во изминатите години, но и тоа дека казната стигна на 24-ти април и ти ја прифатиле достоинствено и без негодување.

„Но, апелирам и повикувам, секој од вас, убаво да размисли како ќе гласа на 8-ми мај. На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди нашата држава. Дали ќе продолжи цврсто да гази по европскиот пат или сите заедно повторно ќе станеме заложници на на авторитарната држава водена од белата криминална палата“, им порача Ковачевски на насобраните граѓани во Радовиш.

Ковачевски вели дека судејќи по изјавите на Мицкоски и на Силјановска, тие немаат никаква намера да ја водат државата кон Европската Унија туку напротив, ќе нѐ изолираат , затворат и ќе нѐ скараат и со соседите и со меѓународната заедница, враќајки нѐ најмалку 10 години во минатото.

„Затоа, почитувани граѓанки и граѓани, размислете каква држава сакате да градиме за вашите деца и вашите внуци. Дали сакате тие да живеат во лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа? Или сите заедно ќе изградиме слободна, просперитетна и европска иднина“, заклучува Ковачевски, додавајќи дека на 8-ми мај, изборот е токму во рацете на граѓаните и само тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

Тренчевска: Од 2017та година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 ден.

Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.

„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена туку како ваша пријателка и комшивка како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8ми мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.

Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.

„Вие највозрасните кои гледам Ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017та година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари! Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.

Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.

„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.

притисни ентер