Откриена е супер-Земја: Има цврста површина и атмосфера, но и температура до 2.300 степени

Терестична планета двојно поголема од Земјата и позната како 55 Cancri-e е откриена со вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Овој тип на планета со цврста површина е откриен од научниците на НАСА, а се нарекува супер-Земја бидејќи е поголема од Земјата, но помала од Нептун, објави Nature.

Таа е меѓу ретките планети со цврста површина надвор од Сончевиот систем со атмосфера составена од јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.

Температурите на вриење на планетата, кои можат да достигнат и до 2.300 степени Целзиусови, значат дека на неа веројатно нема да постои живот.

Научниците велат дека откритието е ветувачки знак дека може да има и други такви карпести планети со густа атмосфера кои би можеле да бидат погостопримливи. Егзопланетата оддалечена 41 светлосна година е осум пати потешка од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда Коперник толку блиску што има постојани дневна и ноќна страна.

Површината на Канкри е покриена со океани од магма, а за да го идентификуваат составот на нејзината атмосфера, истражувачите ги проучувале снимките од вселенскиот телескоп Веб пред и откако планетата поминала зад својата ѕвезда.

Тие ја одделиле светлината што ја емитува планетата од онаа што ја емитува ѕвездата и ги користеле податоците за да ја пресметаат температурата на планетата.

Гасовите од океаните со магма може да играат клучна улога во одржувањето на стабилна атмосфера.

Истражувањето на оваа супер-Земја, исто така, може да обезбеди индиции за тоа како Земјата и Марс најпрво еволуирале со океаните со магма кои оттогаш се оладиле, велат научниците.

Ренџу Ху, планетарен научник во лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој го водел истражувањето, заклучил дека ова е ретка можност за истражувачите да ја проучуваат оваа фаза од еволуцијата на планетата.

Во Битола одбележан денот на пожарникарството

Општина Битола и Територијалната противпожарна единица, традиционално го одбележаа 20 мај – Денот на пожарникарството во Македонија. 

Општина Битола и Територијалната противпожарна единица, традиционално го одбележаа 20 мај – Денот на пожарникарството во Македонија. По овој повод, пред спомен плочата кај противпожарната зграда, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски и претставници на Советот на општина Битола.

Градоначалникот Коњановски, заблагодарувајќи им се за успешната работа на пожарникарите, потсети дека, оваа локална самоуправа започна со реализација на проектот кој е долгогодишна потреба на ТППЕ Битола, а се однесува на изградбата на нов противпожарен дом. Исто така, годинава за првпат беа доделени златни плакети за посебен придонес, посветеност и професионалност во работењето на двајца пожарникари кои заминуваат во пензија и една златна плакета на пензиониран командир за неговиот посебен придонес во развојот и напредокот на ТППЕ Битола.

„ Дозволете во мое лично име и во име на вработените во локалната самоуправа, да го честитам 20 Мај – Денот на пожарникарите на Македонија. Славиме исклучителен јубилеј, 188 години од првата противпожарна единица на Балканот, формирана 1836 година во Битола. Тоа е голем јубилеј и во таа насока како локална самоуправа сакаме да оддадеме почит на сите оние кои се вложиле во чувањето на нашите добра, на нашите животи. Ова е многу значајна институција, во која ние навистина сакаме да дадеме придонес, но и да ги подобриме услоовите за нивното работење. Во таа насока, покрај повеќегодишните напори да се направи нешто во тој однос, за подобрување на стандардот и условите во кои работат овие наши херои, оваа година, веќе отпочнавме со работите на терен за изградба на новата зграда на ТППЕ Битола. Ќе добиеме нов објект, на површина од 1600 метри квадратни, во вредност од над 52.000.000 денари, активностите се веќе започнати и до крајот на годината објектот треба да биде до карабина завршен, при што ќе почне втората фаза за внатрешно уредување, со доволно простор и услови за она што тие го заслужуваат, за овој стар објект во центарот на Битола да добие адекватна замена и нова локација, во нов објект во поранешната касарна. Од друга страна, заедно со општините Новаци и Могила, правиме се и во делот на опремувањето со нова опрема, нови одела, следејќи ги новите стандарди, имаме доволно возила и правиме се што е во нашите можности за да овозможиме достојни услови за работа. Во знак на благодарност за посветеноста и пожртвуваноста, од оваа година воведуваме и нова пракса на доделување на благодарници на пожарникарите кои се пензионираат, а тоа оваа година се Јоше Влинтовски и Марјан Гиновски, но и благодарница во форма на златна плакета за лица кои во својот работен век, со својата посветеност и ангажираност дале посебен придонес во развојот и напредокот на ТППЕ Битола. Оваа година, на предлог на вработените во ТППЕ Битола, таква плакета му доделуваме на Владо Наумовски“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Помошник командирот на ТППЕ Битола, Горан Димковски, нагласи дека со нетрпение го очекуваат новиот објект, кој ќе им ги овозможи условите за непречено функционирање.

„После 34 години мое работно искуство, го очекувам тој момент. Се надевам дека ќе успеам да влезам во тој објект кој ќе ни биде од исклучителна важност, зошто е на доста добра локација, која ќе ни овозможи градот да ни биде на располагање да тргнеме во сите 3 страни: кон исток, запад или кон центар на градот. Моментално ТППЕ има 41 вработен, но според стандардите треба на 1500 жители да има 1 пожарникар, што би значело 60-65 пожарникари за да се комплетира. Имаме одлични возила со кои можам да се пофалам, 14 на број, сите се исправни. Имаме добри теренски возила кои ги набавивме од Франција, заедно со градоначалникот, 5 теренски возила кои можат да донесат вода на било која локација од градот“, изјави Димковски.

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

притисни ентер