Пендаровски: На 24 април заокружете број 1 за стабилност во следните уште пет години

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.

Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.

„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија", подвлече Пендаровски.

Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.

„Дајте да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е ,,Нашиот претседател" затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши", подвлече Пендаровски.

На прашање од присутните во однос на обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, Пендаровски одговори дека нема потреба да бојкотира зошто ќе ги добие изборите.

Граѓаните побараа коментар и околу изјавите на Гордана Силјановска-Давкова дека е неопходна реформа на Уставот.

„Јас мислам дека нејзината изјава е многу поопасна. Значи, тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав, внимавајте зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав" одговори Пендаровски.

Во рамки на изборниот караван вечерва Пендаровски ќе одржи централен митинг во Велес, соопштувата од неговиот тим.

МВР со кривична пријава за поранешен градоначалник на скопска општина

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување".

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување" согласно член 353 од КЗ.

Имено, истиот на 04.08.2021 со пречекорување на границите на своето службено овластување како лице што врши работи од јавен интерес, по спроведена постапка за јавна набавка на работи - реконструкција на спортски игралишта на територија на општината и склучен договор за јавна набавка со правно лице од Скопје, во која постапка покрај за игралишта за кој бил надлежен, предвидел реконструкција и на спортско игралиште во средно училиште, иако знаел и бил свесен дека средните училишта согласно Законот за средното образование се во надлежност на градот Скопје.

На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општината за износ од 662 885 денари, кои средства му биле исплатени на избраниот економски оператор за реконструкцијата на тоа игралиште.

Во координација со СВР Скопје, Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава, соопштија од МВР.

Снимен е ударот на украински дрон во руски радарски систем, вреден 7,5 милиони долари (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави уште едно видео снимено на фронтот во Украина, на кое наводно се гледа како украинско беспилотно летало вредно нешто помалку од 27.000 долари го уништува рускиот радарски систем „Подљот“ кој вреди повеќе од 7,5 милиони. 

Како што објави dailymail.co.uk, снимката е создадена на крајот на минатата недела и покажува уништување на скап руски систем.

Украинците во нападот испратиле полско беспилотно летало камикази од типот „Warmate“, кое што ја оштетило ротирачката радарска антена на системот, за која се вели дека може истовремено да следи до 200 цели на оддалеченост од околу 400 километри.

Друго видео покажува како друг дрон удира во придружната радарска централа.

„Избувна пожар на радарската антена и на дизел генераторот што го снабдуваше системот со енергија“, се наведува во пораката на украинските разузнавачи на социјалните мрежи.

Министерството за одбрана на Украина на Телеграм објави дека единицата „Гус 9“ е одговорна за отстранување на радарскиот комплекс, додавајќи дека станува збор за нова технологија која руската армија ја има само од 2015 година. Системот се користи за откривање цели и координирана испорака на цели од противвоздушните системи С-300 и С-400.

Додека употребата на беспилотни летала од страна на Украина во нејзината одбрана од Русија беше успешна, другите елементи од нејзиниот воен ангажман не беа толку ефикасни. Украина, била принудена привремено да ги повлече американските тенкови Абрамс од првата линија на фронтот бидејќи руските беспилотни летала лесно ги откривале. САД испратија вкупно 31 тенк Абрамс во Украина.

Киев побарал од овие оклопни возила, секое од по десет милиони долари, да ги пробијат руските линии за време на минатогодишната офанзива, што на крајот не успеа. Тактиката на фронтот се смени и сега Русија масовно користи дронови во борбата против оклопните возила. Во последните три месеци руските сили уништија пет Абрамови.

„Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масовната употреба на оклоп во средина каде што беспилотните воздушни системи се сеприсутни може да биде многу опасна. Ќе работиме со нашите украински партнери и другите сојузници на теренот за да им помогнеме да размислат како оклопни возилата може да се користат, во толку променето опкружување каде сè се гледа веднаш“, рече адмирал Кристофер Грејди, заменик-претседател на Здружениот штаб.

Пендаровски: На 8 мај имајте ги предвид иднината на вашите деца и младите

„Оставете ги партиските поделби, оставете ги етничките поделби, размислувајте како родител, размислувајте како поединец, размислувајте како приватник, размислувајте како човек. “

„Дали би му дале верба на некого кој вели дека сите договори кои ни донесоа мир и не вратија во заедницата на цивилизирани нации и држави, треба да ги смениме, да им направиме ревизија и да донесеме нешто што никој жив не знае што може да биде и со какви ефекти ќе биде“, им порача на тетовчани вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во оваа насока тој посочи дека наместо државата да се враќа во мрачното минато, во периодот од 2006-та до 2017-та година, треба да се фокусираме на економијата, бидејќи од тоа зависи дали децата ќе ни останат покрај нас или ќе бараат подобра иднина надвор од татковината.

„Невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за било кој договор, јас имам одговор - тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, вели ќе направам тим од експерти, па со помош на странски експерти, па Совет на Европа, Венецијанска Комисија и по некое време, после неколку месеци...Кога бирате претседател, премиер, министер – тој мора од првиот ден да делува и да носи одлуки, а не допрва да собира експерти. Ти ако не знаеш сега што треба да направиш во однос на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Европската преговарачка рамка, ако допрва бараш помош од стручни експерти од странство и од дома, немој да се пријавуваш за претседател“, додаде Пендаровски.

Повикувајќи ги граѓаните на Тетово на 8 мај да го заокружат бројот 1, Пендаровски потенцираше дека на денот на гласањето треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, нивните лични и интересите на семејството,соопштуваат од неговиот тим.

притисни ентер