Се очекува успешна втора вечер на „Пивофест" во Прилеп

Неподелен е впечатокот дека првата вечер на „Пивофест 2019" помина во одлична атмосфера и голема посетеност, што во претходните години не беше карактеристика за првиот фестивалски ден.

Соопштија на денешната прес-конференција организаторите на една од најголемите и најатрактивни летни забавни манифестации „Пивофест" што синоќа почна во Прилеп.

Посетителите синоќа ги проследија настапите на групата „Прилепски еснаф", на дуетот Селимова – Желчески, на рок-изведувачите Ѓорѓе Давид и на Ивана Негатив, како и концертот на групата „Галија", кој привлече огромен интерес кај сите генерации.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нескриено е чувството на радост што синоќешната вечер помина одлично, на задоволство, како на учесниците и организаторите, така и на посетителите.

– Задоволството е уште поголемо што и на алтернативните сцени беше исто така добро, како и во детското катче и на јавниот простор, така и на Камената бина каде младите се забавуваа до раните утрински часови. Најважно е што сѐ помина во најдобар ред. Вечерва очекуваме да има уште поголема посетеност, не само од нашите сограѓани, туку и од посетителите од другите градови во нашава држава и надвор од неа. Сите екипи се подготвени да одговорат на предизвикот што го носи овој ден и очекувам дека и оваа вечер ќе помине во најдобар ред и дека посетителите, гостите и сите ние ќе бидеме задоволни, истакна Јованоски.

Љупчо Тодоровски и Александар Митриќески, кои се дел од организацијата на „Пивофест 2019" задолжени за алтернативнот дел од програмата, оценија дека првата вечер на Камената бина на плоштадот „Александрија" поминала во прекрасен амбиент и не се сомневаат дека понудата за втората вечер ќе биде на задоволство на помладите посетители.

– Пред сѐ, мора да кажеме едно големо „благодарам" за тоа што имаме можност да бидеме дел од еден ваков голем фестивал. Помина првиот ден со многу посетители и имавме можност да ги чуеме ди-џеј Гејм Овер и Васко Бојаџиски, Марио Еди и „Архитек мјузик". Вечерва ќе ги проследиме настапите на Александар Миланов, Дејан Декс и Митрик, изјави Тодоровски.

Михајло Миленкоски, одговорниот за детската зона, напомена дека на вчерашната забава присуствувале околу 350-400 деца, кои покажале голема креативност и придонеле да се создаде одличен амбиент. Програмата во детската зона е поделена во два дела, првиот од 9 до 12 часот и попладневниот дел кој почнува во 18 часот, а завршува со детското кино во 21 часот.

Во втората вечер на „Пивофест 2019", главната бина е резервирана за настапите на Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, Уска Кан и Демир Кантуровски, а вечерта ќе ја затвори Светлана „Цеца" Ражњатовиќ. /МИА

Побеснет бик фрла жена како да е кукла- ја молеле да не му приоѓа, не ги послушала (ВИДЕО)

На социјалните мрежи кружи застрашувачко видео снимено на плажата Ла Фортуна, во близина на мексиканскиот град Сан Лукас.

Туристка се обидела да ги собере работите, кога бик опасно ѝ се приближил. Луѓето се обиделе да ја предупредат, но таа не послушала.

На почетокот, жената во црн фустан ги собира работите од песокот, додека бикот ги мириса. Слушаме како луѓето ја предупредуваат да побегне.

„Премногу си играте со него. Ве молам, немојте да го правите тоа“, рекол еден маж.

Меѓутоа, жената не се откажала и ја ставила раката на главата на животното, како да го турка.

„Ве молам, не го правете тоа“, продолжил да се моли човекот.

Опасното животно молскавично реагирало и ја удрило жената со рогови. Сведоците на инцидентот почнале да врескаат, пренесува Daily Mail.

Туристката успеала да стане, но бикот повторно ја соборил на песокот. Се кренала прашина, а никој не се осмелил да ѝ пријде и да ѝ помогне на несреќната жена.

„Се обидувавме да ви кажеме“, се слушаат извици.

Останува нејасно од каде дошол бикот на плажата и зошто ѝ пришол на жената. Во исто време не се знае нејзиниот идентитет и со какви повреди се здобила или дали е жива.

Аватари на починати за 46.000 евра- дигитална реинкарнација преку вештачка интелигенција

Враќањето на мртвите во живот преку технологија до неодамна беше поврзано само со филмови, но со напредокот на вештачката интелигенција - вакво нешто повеќе не е само прашање на фикција.

Технолошкиот сектор за тага, познат и како „технологија на смртта“, сега се проценува на повеќе од 100 милијарди фунти на глобално ниво, според веб-страницата за технолошки вести TechRound.

- Го клонираме изгледот на една личност до 96,5% сличност со оригиналната личност - вели Мајкл Јунг, финансиски директор на DeepBrain, една од компаниите кои фиктивно ги враќаат луѓето во живот.

Компанијата верува дека овој вид технологија може да биде важен за развојот на културата на „добра смрт“, каде што однапред се подготвуваме за смртта на најблиските, оставајќи ја семејната историја, приказни и спомени како дел од наследството.

Сепак, процесот не е евтин и корисниците не можат сами да креираат аватар. Наместо тоа, тие треба да ѝ платат на фирмата до 50.000 долари. И покрај оваа висока цена, некои инвеститори се уверени дека ќе биде популарна, а DeepBrain собра 44 милиони долари во својот најнов круг на финансирање.

Психологот Лаверн Антробус предупредува дека треба да се биде многу внимателен кога се користат такви „технологии на тага“ во периоди на силни емоции.

- Загубата е нешто што нѐ изненадува. Може да мислите дека сте прилично блиску до тоа да бидете добро, а потоа нешто може да ве врати назад – вели таа, а пренесува Би-би-си.

Антробус додава дека луѓето не треба да брзаат да го користат четботот на изгубената сакана личност.

- Треба да се чувствувате прилично цврсто пред да користите вакво нешто. Сфатете ги работите многу, многу бавно.

Таа исто така, предупредува дека не постои замена за човечката поддршка кога станува збор за надминување на тагата.

- Навистина не можам да замислам дека технологијата ќе ги преземе традиционалните аспекти на жалоста, кои се однесуваат на чувството на блискост со луѓето, чувството на грижа за нив, чувството на благодарност.

Камион виси на мост во Кентаки: Пожарникари ја извлекуваат жената- возач (ВИДЕО)

Во судница во Кентаки е прикажано видео од спасувањето на жена која возела камион што виси над река откако нејзиното возило излета преку оградата на мостот.

На видеото се гледа и несреќата што довела до оваа неверојатно опасна ситуација на мостот Кларк во Луисвил, Кентаки, пренесува ABC 7.

Видеото од 1 март покажува како возачката избегнува автомобил запрен на мостот, за да удри во камионот следниот момент. Можете да ја видите и снимката од камерата од кабината на камионот - едната што ја снимила возачот, а другата што ја прикажува ситуацијата пред камионот.

Сидни Томас (26) која го управувала камионот, иако се трудела максимално да го контролира возилото, не успеала и изгубила контрола над него - камионот наеднаш свртел налево и ја пробил оградата на мостот. Кабината на камионот во кој се наоѓала Сидни во следниот момент висела на околу 30 метри од водата. Таа очајно се држела за воланот за да не испадне од кабината.

На пожарникарите од Луисвил им требало речиси еден час за да ја одведат на безбедно, па беа поздравени како херои, што и заслужиле.

Возачот на пикапот што ја предизвикал несреќата, 33-годишниот Тревор Бранам, се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои и суспендирање на дозволата. Тој бил на суд завчера и се уште не се пријавил со своја одбрана.

Еве како изгледаше оваа страшна несреќа:

притисни ентер