Трајковски: Мицкоски едно зборува дома за уставните измени,друго надвор,не може да му се верува

Уште еднаш се потврдува дека Христијан Мицкоски едно зборува дома пред граѓаните, друго зборува надвор.

Пратеникот во германскиот Бундестаг, Питер Бајер, вчера изјави дека знае со сигурност дека ДПМНЕ сака измени на Уставот.

А Мицкоски пак зборува сосема спротивно од ова пред македонските граѓани.

Не само Мицкоски туку и целото ДПМНЕ, заедно со Николовски јавно велат дека се против уставните измени.

ДПМНЕ е единствена партија која ги блокира уставните измени и членството во ЕУ во македонското собрание.

Едно кажува Мицкоски пред македонските граѓани, друго кажува надвор во Европа и нема став за клучните прашања.

На Мицкоски воопшто не може да му се верува, рече Горан Трајковски, член на ЦО на СДСМ.

Осигурителните компании не ја почитуваат препораката на министерството за финансии

Молк по вчерашниот состанок помеѓу осигурителните компании и Министерството за финансии.

Цените на полисите за возилата и денеска останаа непроменети, иако Министерството на осигурителните компании им наложи до крајот на вчерашниот ден да се вратат на ниво од пред 25 април 2024 година.

Сега Владата е на потег. Министерството за финансии на нов состанок кој се очекува да биде закажан за денеска, ќе одлучува за доставување на предлог до владата за формирање на нов тарифник. Владата денеска има редовна владина седница, но се уште не се знае дали предлогот за нов тарифник за осигурителните полиси ќе биде разгледуван.

На средбата во Министерство за финансии се очекува повторно да присуствуваат претставници од финансии, од Агенција за супервизија на осигурениците и од Националното биро.

По вчерашниот двочасовен состанок финансии освен што побара осигурителните компании да ги вратат старите цени на полисите, од АСО побара во меѓувреме да направи анализа дали е опавдано да се зголемат цените. Но, од Агенцијата и пред неколку дена се изјаснија дека ваквата одлука за зголемување на цената е неоправдана.

Инаку, минатата недела осигурителните компании донесоа одлука да ги покачат цените за полисата за возилата за 15, 4 отсто, со образложение дека не се променети повеќе од 10 години, а трошоците им се пораснати.

Лишени од слобода двајца неготинци за напад врз малолетна ќерка и сестра

Двајца неготинци синоќа биле лишени од слобода поради напад врз малолетната ќерка и сестра, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Во 23.10 часот, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода Г.З., на возраст од 50 години и В.З., на 24-годишна возраст, двајцата од овој град, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнале нивната малолетна ќерка и сестра. Г.З. и В.З. биле задржани во полициска станица, известени биле јавен обвинител, Центарот за социјални работи. По документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, појаснуваат од СВР Велес.

Претходно, во 09.30 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода кавадарчанецот М.Т., на возраст од 30 години, постапувајќи по претходна пријава од неговата 30-годишна сопруга, дека во семејниот дом физички ја нападнал.

М.Т. бил приведен во полициска станица. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ДИК интензивно се подготвува за двојните избори на осми мај

Со зајакнати човечки и технички капацитети Државната изборна комисија интензивно се подготвува за вториот круг од претседателските и парламентарните избори, уверува првиот човек на комисијата Александар Даштевски.

За да се забрза изборниот процес на избирачките места наместо пет ќе има по седум лица, вели Даштевски во интервју за МИА, со што откако ќе заврши гласањето на 8 мај, според него, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ.

-Ние презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика, обезбедивме таблоиди наместо компјутери некаде за да одат побрзо податоците и сега тоа е втората работа. Морам да кажам дека со оглед дека се двојни избори не може да биде толку ефикасно, меѓутоа секако дека ќе биде прилично ефикасно и во вториот круг,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.

На денот на двојните избори граѓаните ќе можат на гласачкото место да дојдат само еднаш. Имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Упатството за ваквиот начин на гласање кое беше донесено е со цел потранспарентна работа на ИО, ќе се има и јасен увид за излезноста на двата паралелни процеса.

-Кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди гласа. Е сега кога ќе дојде и кога ќе го праша овој што е на уредот ќе го праша дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи тоа после нема да можете да го направите,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.

Инаку вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување болни или изнемоштени гласачи да ги посетат своите домови на 7 мај и да гласаат на парламентарните избори. Пријавувањето се врши во општинските изборни комисии и важи само за парламентарните избори, а прифатените барања на болни и изнемоштени лица да гласаат на претседателските избори на 24 април важат и за вториот круг од претседателските избори.

притисни ентер