Училиштата каде што ќе се гласа на изборите, на 23 април и 7 мај ќе работат до 11 часот

Во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови, соопшти Министерството за образование и наука.

Деновите на изборите, средите 24 април и 8 мај 2024, се неработни за сите училишта. МОН денеска во сопштение наведува дека и покрај овие два неработни дена, наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочува МОН.

МОН во соопштението потсетува на утврдените календари според кои наставната година за учениците од средните училишта ќе трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни, така што учебната година нема да биде продолжена поради двете неработни среди.

Со одлука на Владата од седницата во вторникот, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

СДСМ: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци

Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес.

За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.

Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро.

Центар за комуникации на СДСМ

Рекорден број мигранти го преминале Ла Манш во првите четири месеци од годинава

 Бројот на мигранти кои пристигнале во Велика Британија откако го преминале ла Манш достигна ново рекордно високо ниво за првите четири месеци од годинава, и е зголемен за 27 проценти во однос на 2023 година.

Вкупно 7.567 луѓе го преминале каналот до април, покажуваат привремените бројки на британското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Ова е за 27 проценти повеќе од бројот на пристигнувања регистрирани во првите четири месеци од минатата година (5.946) и зголемување од 13 отсто во споредба со бројките регистрирани за истиот период во 2022 година (6.691).

Вкупно 268 луѓе вчера пристигнале во Велика Британија со пет чамци, а преминувањата продолжуваат и денеска.

Околу 2.132 луѓе патувале со 42 чамци во април, што укажува на просечно 51 лице по пловило минатиот месец.

Ова е повисоко од просекот за март – 48 луѓе по чамец – но пониско од врвот што изнесувал 56 луѓе по брод во септември 2023 година./МИА

Вучевиќ најави дека новата влада ќе биде влада на континуитет

Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија.

Мандатарот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница на која ќе се избере владата и новите министри, најави дека таа ќе биде континутет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александара Вучиќ. За Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

- Владата ќе продолжи да води надворешна политика заснована на политичка независност и воена неутралност, а полноправното членство во ЕУ останува наша стратешка цел, рече Вучевиќ, додавајќи дека идната влада „ќе направи се за да го спречи приемот на лажната држава на Косово“ за членство во ЕУ во Советот на Европа (СЕ), иако призна дека „шансите за тоа не се големи“ и додаде дека „Владата на Србија ќе биде принудена да одговори соодветно“ доколку Косово биде прифатено како членка на СЕ.

Во поглед на Русија, Вучевиќ потенцираше дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и да „нема да се откаже од пријателството со неа“ и го истакна стратешкото партнерство на Србија со Кина, кое во текот на оваа година ќе биде крунисано со ратификација и стапување во сила на Договорот за слободна трговија.

Кога станува збор за регионот, Вучевиќ во експозето истакна дека придонесот на Србија за зачувување на мирот и стабилноста ќе биде активен и континуиран.

-Северна Македонија е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа. Србите и Македонците повеќе немаат ниту една тема што ги оддалечува. Не постои ниту едно прашање околу кое може да се раздвоиме или околу кое би можело да се направи раздор. Проектот Отворен Балкан дополнително не зближи, а разрешувањето на црковниот спор, ја тргна и последната пречка на патот на изградбата на меѓусебната доверба и зедничката работа каква не е видена од распадот на поранешна Југославија, истакна Вучевиќ, говорејќи одделно за односите на Србија со соседните земји.

Вучевиќ при презентацијата на експозето изјави дека Министерството за одбрана и војската на Србија подготвиле неколку модели на воена служба, во траење до четири месеци.

На седницата на Собранието на Србија мнозинството пратеници на СНС-СПС и коалициските партнери од помалите партии по експозето на Вучевиќ ќе гласаат за избор на новата коалициска влада на СНС-СПС која ќе има 25 министерства и 31 член.

Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ - министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин - вицепремиер, Ирена Вујовиќ - вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ - министер за одбрана, Марко Ѓуриќ - министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ - министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ - министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар - министер за здравство,Томислав Момировиќ - министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ - министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ - министер за образование, Немања Старовиќ - министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Jелена Беговиќ - наука и иновации и Хусеин Мемиќ - министер за туризам.

Милан Кркобабиќ - министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ - министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ - министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /MИА

притисни ентер